Ништо не може да ја замени родителската љубов

Доколку детето ги има сите материјални блага,
но нема родителска љубов, тоа е длабоко несреќно

Малечкото дете брзо расте. Доколку нема татко, а има само мајка, тогаш мајката е принудена да работи. Поради тоа мајката мора да го носи своето дете во градинка. Јас лично, како мало дете, поминав голем дел од своето време во градинка, дури останував и на неколкудневен престој. Ги гледав своите родители само двапати во неделата. Уште тогаш, кога имав четири години, си ветив себеси дека своите деца никогаш нема да ги однесам во градинка од проста причина што тоа е таква противприродна состојба за децата, каква што не може ниту да се претпостави. Зошто е противприродна? Затоа што во многудетното семејство нема деца од иста возраст (добро, освен со близнаци, но тоа е поретко) и поради таа причина помеѓу постарите и помалите деца во тие семејства се градат здрави односи.

Децата разделени во групи според возраста брзо се претвораат во волчо дувло кадешто доминираат најневоспитаните и најподлите. Сето тоа ја крши детската психа, тие стануваат агресивни и сурови. Мене, како на човек којшто поминал цело детство во градинка и во детски кампови, многу добро ми е познато како си поминуваат децата. Доколку се случи да сонувам нешто од детството, се будам целиот облиен во студена пот. За време на престојот во детски кампови неизбежно е опстојување на рамниште на биолошки организам. Во кампот за пионери секогаш се движев со нож скриен на дното од мојот џеб. Никогаш не го употребив, но како и да е, ги одвраќав оние деца што се обидуваа да ми наштетат. Често се создаваше ситуација кога осуммина умееја да навалат на еден.

На кој начин се воспитуваат децата лишени од родителско внимание? Тие се оставени самите на себе. Нив ги воспитува улицата, а сега и разни списанија во коишто може да се најде секаква гадост што го провоцира детето на сурово поведение. Еднодетноста раѓа несреќа. Човекот кој израснал во семејство без татко е длабоко несреќен. Ние трошиме колосални напори во таа смисла, и материјални, како да ги сочуваме силите, но сепак сеедно, секое дете исклучително страда кога нема семејство. Сеќавањето на детето дека имало мајка, татко или барем баба, навистина многу значи. Ова страдање го суши неговиот ум, неговите способности. Некои деца ја губат способноста да се насмевнат. За повторно да почнат да се насмевнуваат потребни се години и сета човечка нежност и љубов. Дури и детето да е презадоволено со сите материјални задоволства, но без родителска љубов, тоа е длабоко несреќно. Ништо не може да ја замени љубовта и нежноста на родителите.

Кому му се потребни вашите цивилизирани односи после разводот?! На детето му треба семејство, потребен му е татко затоа што таткото е главниот воспитувач, глава на семејството, главен авторитет. Многу парови после разводот зборуваат колку се прекрасни нивните меѓусебни односи. А кому му е потребно сето тоа?

Протоjереj Дмитриj Смирнов

претседател на Патријаршиската комисија за семејни прашања, заштита на мајчинството и детството во РПЦ-МП

Превел од руски м-р Пантерлеј Кондратјурк
Со благослов на о. Горан Тасески

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz