Непокаено слепи

И над нив се исполнува пророкувањето на Исаија кое вели: ‘Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите, срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат, и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да не се покајат и да не ги исцелам’.

Матеј 13, 14-15

Со свои уши слушнав за некоја радост која предизвикала треперења во стомакот кои брановидно нагоре се шират и завземајќи го просторот вршат притисок врз душата да сака да полета, додека таа оневозможена од плотската рамка во која престојува не може да стори ништо повеќе од тоа да се удира во ѕидовите и барем притиска на излезниот воздух формирајќи го во исклучително среќна воздишка. Доволно разбрав дека таа радост е поради победата над страстите во сопствениот храм и против власта на демоните во поднебесјето, победи поради кои ниту ќе изостане, ниту пак ќе задоцни венецот како награда.

Со свои очи видов, макар и во одраз во огледало, спокојни луѓе, макар и за миг, кои стојат цврсто на земјата со нестрпливи петици да се одлепат и упатат кон имотот од наследството. Доволно ја видов нивната смиреност во облекувањето на јаремот без негодување, во расчепкувањето на трнот кој предупредува од возвишеност и во трпеливоста кон неволјите кои се само привремени.

Не е многу страшно ако со ушите се слушне, но не се чуе гласот на Пастирот. Современост без оправдувања, брз тек на настаните во животот во кои ловот за кратко може да побегне, поместени вредности не само низ скалата за мерливост и приоритет, туку екстерни миксирања на вечните со трулежните, преокупираност од рано наутро до доцна навечер со илузија и дарови од меур од сапуница, трки со лажни награди на крајот… Сето ова создава толку бука и паника што малцина само ќе можат да го чујат Пастирот и Неговите поуки полни со грижа за растурените овци во ноќта која настапува.

Не е ниту многу страшно ако со очи се гледа, но не се види потесниот пат, трнлив, но со сигурни знаци кои одведуваат точно до Светлината. Автопати со примамлива безбедност, густ метеж по многу ленти кои воглавно се испреплеткани и завршуваат во бездна, нестрпливост кој да претекне, а кој прв да стигне на целта, сомничавост дека понекогаш тоа е погрешен правец… Ширината на патот измамила мнозина со својот бескраен хоризонт и можност по него да се движиш со полна брзина и затворени очи, да уживаш во самонаречената слобода во помислата дека тој не е ограничен со препреки и дека пристигнувањето до секоја дестинација е скоро беспотно.

Но, многу е страшно ако очите се затвораат за да не се види, ушите се затвораат за да не се слушне и срцето се закорави за да не разбере, за да не се покаеме и да не бидеме исцелени. Време е да го преоблечам стариот човек, и онака неговата состојба е загрижувачко потресна. Прво треба да се ослободам од неговата похот, ткиво кое лесно не се одделува од телото дури и по цена да го придружува во пеколот. Ќе ги затворам очите да не ја гледам таквата разделба која создава болка еднаква на оттргнувањето на првата рожба од една мајка. Ќе ги затворам ушите да не ги слушам лелеците на испраќањето за кои верувам правопропорционално ја диригираат бучавата во однос на немоќта да се живее без неа. Ќе го закоравам срцево да не разбере дека сè што е во светот од Мамона е, дека слатките зборови нејзини се отворен гроб за душава. Потоа, стариот човек ќе треба да се збогува и со суетата. И од почеток, … ќе ги затворам очите, ушите и закоравам срцето да не разбере дека нејзината слава и семоќна мисла дека сум господар на сопствената судбина е само лет во висините со крилјата на Икар. Не сакам да разберам дека сум гревовен. Ако тоа го сфатам ќе треба да се покаам. Ако се покаам Бог ќе ме исцели и ќе бидам нов човек. Не сакам да бидам исцелен и ги изгубам сите мои гревови. Но, навистина е многу страшно да се остане неисцелен.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz