Неовампиризам или жед за вечност?

И денес, како некои средновековни трансилваниски селанчиња, остануваме хипнотизирани од недофатливиот и перверзно примамлив архетип на вампирите. Современите бест-селери и телевизиски сапуници вријат како некои демонски осила од преестетизираните антиутопии за искривоколчената раса на хуманоиди со општопознатите крвопијни склоности. Раскалашеноста на разните варијации крвожедна митологизирана аристократија на луѓе-ѕверови и по многу столетија егзорцизми, Василиеви молитви и рационализации сеуште го опчинува човекот со синтезата на хиперболизирана осетливост и физичка сила, проклетството на неможноста да се умре, како и декадентната секогаш малку премногу барокна потреба да се оправдаат неприлагодените и отфрлените. Зошто навистина современиот човек во толкава мера е преокупиран со феноменот на не-живите? Дали по толку и толку столетија човечка историја сеуште тврдоглаво се обидуваме да посегнеме токму по она што е погубно и смртоносно за нас, дури и тогаш кога со тој гест ни е загарантирана неможноста да се достигне покојот од историското тегобно постоење? Вечната агонија на непослушните ни делува попримамливо од љубовната жртва на послушанието и благочестивото расудување. Од каде потребата по магиски пат, по пат на крвопролитие, да се биде нешто друго? Нешто проколнато и несвето. Ваквата перверзна жед за уште поперверзна преобразба е антитеза на Христовиот пат на преображението, за кое не е доволно едно гризнување на вратот, туку цел живот истрајност и посветеност во стекнувањето на добродетелите и осветувањето на умот и срцето.

Но, за вампирските проекции на инстант среќата и брзиот успех во исполнување на сите страсни желби на телото и помрачениот ум, не се потребни само долги очни заби, со блескава насмевка како од рекламите за паста за заби. Опскурниот резон на најзлоупотребуваната вистина дека човекот има секогаш можност за избор, како основа на овосветскиот псевдо-либерализам, го отклонува патот на современите цивилизации и култури кон најнебулозни и бесмислени парадигми. За младата популација која штотуку излегува од прегратките на Харипотеровската холивудска апотеоза на магијата и во своите зрели тинејџерски години се восхитува на дијамантското светкање на лицата на блазираните кул-вампири од Twilight сагата, и белетристичката и филмската, изборот не е веќе тоа да се биде или не, во најдлабоката философска и етичка смисла на реторичкото прашање на Хамлет, туку во тоа да се биде вампир или врколак? Анемичен мизантроп со изострен вкус за природна селекција во исхраната, или човек-волк со искарикирана еколошка свест. Се разбира и уште една отровна расистичка митологумена кон религиските култови на северноамериканските абориџини. Уште една капка во океанот на бесмислици во столетната вестерн КККинематографија. Наспроти тоа пак, пријателски подадената рака на поинаквите ѕверови кои доброволно се откажуваат од човечка крв, како посебен вид аскеза, или принципиелно вегетаријанство, и се хранат замо со диви животинчиња. Се разбира, надвор од филмскиот кадар.

Преку ваквите футуристички концепти за темната страна на некоја светла иднина доѓаме до заклучок дека и антиутопијата најчесто (и конечно) е само поинаква утопија. Грдото и опскурното преставено на елегантен и лесно сварлив начин. Црн гламур за широка потрошувачка. Потврда за тоа се и доларите што се вртат околу ваквите и слични сензации во популарната култура на Западот.

Но, зошто навистина толкава фиксација за овој бесмислен и лажен идеал? Дали е тоа само уште една проекција на митот за над-човекот, или постојано реактуелизирање (повампирување би бил уште попрецизен термин) на желбата на паднатиот ангел Сатанаил: да се биде поголем од Бога? Преведено на јазикот на секуларизираниот свет во којшто Бог не постои: да се биде поголем од човекот. Да се биде вампир.

Ваквата концепција на вампироцентричен свет, како алтернатива на човекоцентричниот, е само симптом за тоа каде сме забегале во однос на богочовечката филокалија на Христовото откровение. Единствен луциден исчекор во експлоатацијата на темата за вампирите и потврда на погоре кажаното среќаваме само во филмот Daybreakers на браќата близнаци Michael и Peter Spierig. Во оваа исклучителна SF-антиутопија вампирството како метафора е ставено во функција на испитување на најсуптилните антрополошки и политички нивоа на светот во којшто живееме. И филмот не е само констатација, што е еден од неговите најголеми квалитети. Тој нуди и решение. А решението е светлината, т.е. Сонцето. Сонцето на вистината, ако сакате. Дури и да звучи претенциозно.

Сепак најголемиот процент на приказните запишани со јазикот на литературата, стрипот, филмот, музиката, телевизиските пантличари и рекламите, се само бизарно рециклирање на митот за не-живите, со варијација само во финалната премиса: дали главниот јунак на крајот ќе стане вампир од страсна љубов, како гест на очајник, заради случаен хендикеп, од невнимание, заради сплет на нејасни околности, како бунт против вкоренетите општествени клишеа, или едноставно ќе им преодолее на вампирските напади во некој класичен каубојски манир, а сето останато е лавина на баналност и општи места. Безбојни патокази за слепородените.

Од ова може да се заклучи дека современиот човек премалку работи на демистификација на кардиналната заблуда на секуларниот ум: инстант решенијата се заблуда, магиските разврски се лага, а брзиот успех на секое поле е увертира во катастрофа. Вистината се раѓа во крв, ама не исцицана од некое меснато вратче во мрачната одаја (цамера обсцура) на новите медиумски хиперпродукции, туку во самопрегорната љубов кон исполнување на идеалот на богочовечкиот хуманизам што ни заблеска од гората Тавор.

Митрополит Методиј Златанов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz