Неодамнешни чуда на св. Јован Златоуст

Чесната глава на св. Јован Златоуст

Во деновите меѓу 10-ти и 19-ти ноември 2007 година, чесната глава на св. Јован Златоуст била пренесена за поклонение на Кипар од светогорскиот манастир Ватопед. Мноштво луѓе притекнале кон моштите на овој велик светител; во црквата во којашто биле положени, се почувствувало благоухание, а главата била топла како да се работи за глава на жив човек. Многумина од оние што дошле на поклонение имале сериозни здравствени проблеми, и голем дел од нив се вратиле дома утешени и исцелени. Пренесуваме само дел од запишаните сведоштва од пред девет години.

1. Исцеление на искршено стопало.

По отслужената вечерна богослужба на 10 ноември, една жена на излезот од црквата го удрила своето стапало; поради болките, пошла во болница, каде ѝ кажале дека стапалото ѝ е искршено, и било ставено во лонгета. Отпуштајќи ја, лекарите ја посоветувале да не ја движи ногата, а доколку мора да чекори, нужно да користи штаки. Но, нејзината ревност ја натерала да појде повторно в црква, за да се поклони пред чесната глава на светителот. Откако со тешки маки пристигнала во црквата, се поклонила, и болките во стапалото исчезнале. Во тој момент таа ги фрлила штаките и ја извадила лонгетата, продолжувајќи да чекори како стапалото воопшто да не ѝ било искршено.

2. Исцеление на десетгодишно момче од хемиплегија.

После една сериозна повреда на главата, десетгодишен ученик од Архангело страдал од хемиплегија, парализираност на целата лева страна од телото. Цели две недели пред пристигнувањето на чесната глава на Кипар, лекарите од болницата во Никозија се грижеле за него. Но, по поклонението пред светителот, според неговото, но и сведоштвото на неговото семејство, хемиплегијата, на чудење на лекарите, исчезнала. Целиот настан бил снимен и документиран од локалните медиуми.

3. Исчезнување на голем тумор на вратот и исцеление на маж со невролошки проблеми со малиот мозок и дискинезија.

Во црквата на поклонение дошле една жена со голем тумор на нејзиниот врат, и нејзиниот сопруг кој пател од невролошки проблеми. Со голема мака тие застанале во редот за поклонение. Како што кажал подоцна, мажот почувствувал како некој со два прста го притиска за кичмата. Болката станала неподнослива, па се запрашал дали ќе може да издржи за да го дочека редот да се поклони. Кога конечно, дошол нивниот ред, и двајцата се зачудиле како туморот од жената исчезнал, а мажот сосема се излекувал и немал ниту еден симптом на претходната болест.

4. Исцелување на дете од Шри Ланка на смртна постела.

Една поранешна будистка, откако дошла на Кипар се покрстила и станала православна христијанка. Со горешта молитва се молела пред чесната глава на светителот, и ја целивала; се молела за нејзината внука од Шри Ланка која била на смртна постела. После овој настан, таа добила повик од татковината, и ѝ било кажано дека детето се спасило. Нејзините роднини, откако од неа слушнале дека истиот ден се помолила пред моштите на еден голем светител од христијанската Црква, ја преиспитале својата припадност на будистичката религија.

И секако, најголемото чудо, поголемо од сите овие исцеленија, е воскреснувањето на душите на луѓето, душевното и духовно исцеление, покајанието и исправањето на животот. Ова е чудо што со очи не се гледа, и со уши не се слуша. Но, секој човек, присутен на Кипар, го почувствува ова чудо во своето срце, го искуси во длабочините на своето битие.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz