Необична комуникација

Божји космос, Божји простор, Божјо време (вечност), Божји створенија, но, и наша волја и наши дела.

Радувајте се и веселете се!?

Но, нешто спротивно се случува!

Нешто потресно се случува!

Нешто не радосно, не богоподобно, не Богообразно. Ниту прекрасно, ниту красно…

…Мамо! Мамо! Мамо! Здраво мамо! Не ме гледаш. Но слушни ме! Слушни го гласот на совеста, гласот Божји кој сè уште го имаш. Не мисли дека некој ти го одзел, те оглувел.

Мамо Бог љуби, Бог милува, секого мамо. Испраќа дожд и сонце и на праведниците и на грешните. На сите мамо! Ете мамо, ти почнуваш да ме слушаш, но не можеш да ме видиш и не знаеш кој или која сум.

Но повторно со љубов и милина ти повикувам, мамо! Врати се во минатото и сети се, отворајќи ги очите на душата, и погледај, и види! Види го твоето неродено чедо и огледај се во него. Ќе го видиш твоето минато, твојата сегашност, мамо!, твојата вечност.

Бог на сè што дал битие, што му дава постоење, ништо нема да се загуби, да престане.

Сега е твојата прилика мамо, во оваа Божја и моја жртвена љубов, за твое оживување, твое воскресение. Ова ти е дар Божји и дар на твоето чедо, кое го жртвуваше пред да се роди. Но за што мамо, и за кого?!

Мамо, ти тогаш по твојата слoбодна волја можеше да ми го украдеш земскиот живот несвесна или онесвестена од сатанската безсмисла, сатанските страсти, злоба, белосветскиот сатнообразен, антилогосен модернизам и безболнатa технологија на смртта (која мамо мене ме болеше, и за мене и за тебе), која сака да убие (и мисли дека може) сè што е благословено од Бога. Но мамо, ако некој или нешто се украдени, не значи дека не постојат.

Тогаш ми го украде земскиот живот, но не и небескиот, вечниот.

Животот по благодатта Божја трае, не уништлив е и во Божја прегратка е.

Како што ти спомнав, Бог е Љубов. И покрај се ти само покај се, Он те милува, и јас те милувам. Ќе ти прости, ќе бидеш нова, ќе бидеш мајка, иако не си ме родила. Господ ме роди за вечен живот.

Покај се мамо измиј се мамо, прероди се. Така повеќе можеш да сакаш. Така повеќе ќе ми се приближиш и ќе ме имаш, како родено чедо, како да си ме родила.

Мамо само со покајание и исповедување во Црквата Божја и на Црквата Божја, на Црквата Богочовекова, Светотроична, можеш да се сретнеш со Бога и да бидеш среќна.

Мамо, нашето постоење треба да биде љубов и радост. А, како и каде без Бога?!

Тогаш мамо, ти заборави на сè. Затруените белосветски содржини и умувањата на лудите поземјени мудреци, ти беа смисла и цел, и сè што задоволува со опивањето на демонската гордост и злоба.

Јас ниту тогаш не бев ништо или нешто, и тоа нешто неважно, поминливо, недостојно за внимание, или некаква грижа. Мамо јас не бев и не сум нешто според “науката“. Туку и бев и сум, некој, по дарот на Вистината, личност. Мамо, образ Божји.

Не допуштај да го загубиш печатот Божји во твоето срце. Потруди се мамо и на другите да им сведочиш за Вистината, со вистината. За смислата и целта на секоја постапка со мисла, збор и дело, и сите нивни пројавни образи на духовен, душевен и телесен план. За умното користење на даровите Божји кои преобразуваат и преведуваат од смрт кон живот.

Надвор од Патот, Вистината и Животот има само мртвување и вечен лелек од свесноста за промашеноста, изгубеноста и себеубиството чиј што резултат е животот без Божјата љубовна прегратка и гледањето на лицето на Преслаткиот Богочовек, Исус Христос, Неговата Пресвета Мајка и сите свети кои своето бреме Му го положиле во свое време, за да обитуваат во Денот Божји и да не ги опфати темнината на Темниот.

Мамо, секој и сè што Бог повикал во живот, треба да живее, треба да богува со и во Божјата благодат. Во спротивно, ако прекинеме живот, сме кренале рака на Божјото на Бога, и во суштина сме направиле не само убиство, туку полошо, себеубиство, кое нè прави породи змиини, чеда на таткото на смртта и жители на мртвиот град, отуѓен од Светлината и светлоста, од вечноста на Векот. Со себе, а без себе.

Мамо, да се потрудиме како разбојникот на крстот, барем во последниот час да го примиме дарот и да влеземе во одаите на Женикот, Љубовта и тоа жртвената Љубов на Крстот.

Мамо јас треба да одам! И знај го името на твоето неродено, а богородено чедо. Мамо, јас сум Љубов Жртвувана!
Мила мамо, те чекам во Царството Божјо, те чекам да го гледаме лицето на Личниот и преку Него нашите лица, како наслада зададена уште на почетокот на векот од Вечниот.

Мамо, Христос Воскресе!

Отец Никола Николески

Оставете коментар

1 Comment on "Необична комуникација"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Да им даде Господ покајание.

wpDiscuz