Некои од замките на Постот

crkva-kambana

Една од заблудите на луѓето за Великиот пост е што тие му приоѓаат од материјален, а не од духовен аспект. Сите нагласуваат што треба, а што не треба да се јаде, колку и какви метании треба да се прават и сл., додека ретко кој обрнува внимание на она што треба постот да значи, а е поврзано со заживувањето на личносниот однос меѓу човекот и Бога. Ова значи дека покрај постењето од мрсна храна, луѓето треба да работаат, заедно со нивните исповедници, на своите духовни слабости (инаку се претвораат во вегани и вегетаријанци). Како пример, треба да се обрне внимание на гневот, лакомоста, гордоста и другите духовни слабости, и ова време да се искористи за нивно искоренување. Уште една заблуда е дека духовниот труд треба да трае единствено во Великиот пост, и дека тој не важи во другите денови од нашиот живот. На луѓето кои мислат вака, и да направат било каков духовен напредок – ќе го изгубат ако, штом постот заврши, се вратат на претходниот начин на живеење.

Затоа имам по некој совет: за оние кои се нови во верата, и постат за прв пат – нека не се обидуваат престрого да ги исполнуваат сите барања на постот, затоа што не се доволно возраснати во Црквата. Едноставно, треба да сфатат дека колку пониски очекувања имаат од себеси, толку подобро. Важи и обратното – верниците не треба да поставуваат свои стандарди за пост без консултација со духовникот/исповедникот. Недозволиво е човек сам да си благослови како да пости. Секакво ублажување на постот е возможно единствено во договор и послушание кон духовниот отец.
Протојереј Сергеј Котар

+ + +

Незаборавниот отец Епифаниј Теодоропулос им го ублажувал постот на болните, а во некои случаи и целосно го разрешувал (дозволувал да не постат со храна). Еднаш некој човек започнал да го изразува неговото несогласување со него и да тврди дека духовникот е должен од пост да ги разреши само оние болни луѓе кои се приковани за постела и немаат сила да се кренат сами и да бегаат во случај на пожар. Старец Епифаниј тогаш на човекот му раскажал што старец Паисиј на шега му кажал: „Да, секако, така и прави! Секогаш со себе носи канта бензин и ако некој побара од тебе поради здравствени причини да го разрешиш од пост, кажи му да почека малку; потоа полеј ги со бензин четирите агли од неговата соба и запали ја. Ако видиш дека човекот не може да стане и е изложен на опасност да изгори, разреши му го постот. Меѓутоа, ако видиш дека скокнал и бега за да се спаси, ќе му речеш: ‘Нема разрешување! Должен си да постиш!’“
Од белешките за старец Паисиј

Оставете коментар

1 Comment on "Некои од замките на Постот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Некои од замките на Постот […]

wpDiscuz