Неканети гости

Кога нечистиот дух ќе излезе од човека, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа, па ќе рече тогаш: ‘Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов.’ И штом дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден, тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат, и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овoј пакостен род.

Матеј 12, 43-45

Увереноста во исправноста на живеењето, првото изутрено отворање на очите кое ветува праведнички ден, славата човечка која го надвикува и бесот на ветровите, сето тоа не асоцираше на припадноста кон пакосниот род. Тој род ти бил несвесен за својата содржина, за превртливоста на нејзините мисли, за сомнителноста на нејзините дела кои час се добри, час зачудувачки зли, и крајно незапознаен со механизмите на сопствената душа која најкопнежливо сака да живее по заповедите на Небото, но нема вистинска волја за тоа. Ова е приказна за соучесник на тој род, неговиот дом и непоканетите гости.

Кога нечистиот дух ќе излезе од човека, минува преку безводни места, бара спокој и не го наоѓа и се враќа во домот, од каде што излегол. Тукушто сум помислил дека лошиот ме напуштил и дојде крај на едно ропство потешко од безнадежната мисла да се побегне од Алкатраз. Толку долго тероризираше низ мојава душа што на моменти помислував дека тој не е мојот потстанар, туку дел од моите органи, од оние кои континуирано болат. Бевме на кратка дестинација оддалечени и не разменувавме повеќе од неколку зборови на час, воглавно иронија од негова и клетви од мојата страна. Бев крајно изменет од моментот кога го запоседна мојот најосетлив простор па сè додека не одлучи да замине, и тоа гневен на себе си, на татка си Сатаната и на пеколот како негово родилиште. Значи, во почетокот бев слаб и деликатесен по негов вкус, така што претпоставувам и земјата се срамеше да ми биде тло под нозете. За среќа љубовта која не престанува и која е иста како и нејзиниот праоблик се смилостиви над мене и ме преплави со визии за иднината. Тогаш започнав да се однесувам спротивно од неговите очекувања и на моменти не му исполнував ниту една желба. Пред очите ми беа десет реченици кои според моите сили настојував да ги проследувам во привременото и да не им погрешам ниту јота во повторувањето. Грешки се случуваа напоредно, но солзите покајнички си го правеа своето и јаремот навистина беше благ. Навистина убав живот без прстите на лошиот во него.

Но, тој пак ќе дојде и ако го најде празен, изметен и уреден, тогаш оди и доведува други седум, полоши од себе, и штом влезат и живеат, последната состојба ќе ми биде полоша од првата. Седум се веќе армија, нешто незамисливо моќно наспроти моето јас и неговата храброст видлива едвај на пламен од свеќа. Ми треба омраза, насликана со скрцнати заби, голема колку планина и злобна со здив од змејот од огненото езеро. Да ги мразам сите поединечно, а потоа и заедно, целата заедница како збир на камења за сопнување, елементарни непогоди и неприродни катастрофи. Да ги гледам со презир нивните лаги и безнадежни иднини и да не верувам на ветувањата кои водат во гроб без враќање. Најсилниот помеѓу нив, демонот на бесчуствителноста ќе настојува да го истапи мојот интерес за Бога и спознанието дека гревот е грев. Потоа доаѓа незаинтересираноста кон вистинскиот спокој и негова замена со страстите кои силногоречки на почетокот нудат краткотрајна радост. Резултат е заматениот поглед и нејасен видик кон вредностите кои ни се оставени во наследство. Она што ни преостанува не смее да биде признат пораз пред распаѓање бидејќи остатокот од дружината е во караница кој ќе биде следниот искушувач. Односно она што ни преостанува е и копнеж по Светиот Дух и метлата со која повторно ќе расчистува и ќе ги разбркува падобранците од храмот. Всушност она што ни преостанува е и волјата од себе да се извлече она исконското и постави високо над главата каде што ќе биде и светлина и патоказ и совест и храбрител. И на крајот ни преостанува и средбата со Јагнето, исповедтта без оправдувања, молбата за прошка и уште една шанса која веројатно нема да биде последна и одморот крај нозете Негови кој би ја изгаснал секоја жед.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz