Нејзиниот дом

Премудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови, ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја; ги испрати слугите свои да огласат од градските височини: „Кој е неразумен, да наврати тука!” И на малоумните таа им рече: „Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила; оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот.”

Изрек. 9, 1-6 (се чита на вечерната на Успение)

Ова интересно чтение се чита на вечерната богослужба на празникот на Успението на Мајката Божја (Голема Богородица). Зошто токму ова чтение? Затоа што „домот“ изграден од „Премудроста“ според Преданието е икона на Марија, Пречистата Дева од Назарет, која била избрана да Го роди Лебот на Животот. Таа била „изградена“ од поколенија на избрани луѓе, малку по малку подготвувани од Бога преку Неговото откривање пред нив, за да Го примат Оној Кој требаше да биде еден нов „пат на разумот“. Оваа икона од Мудрите Соломонови изреки, исто така, ја опишува и Црквата, зашто Богородителката е и икона на Црквата.

Затоа, денес да бидеме отворени пред Него, како Премудрост Божја, Кој дојде во нашиот свет преку и поради согласноста на една сиромашна еврејска Девојка од Назарет. Да го јадеме Неговиот Леб и да пиеме од Неговото Вино, во Неговиот Пречист „дом“, како што сме и повикани.

Успение на Пресвета Богородица

И да го прифатиме Неговиот нов „пат на разумот“ што пред нас се отвора преку Тајната на заминувањето на Мајката на Животот од овој свет, кого Таа не го заборава при Нејзиното заминување. Не, Таа е постојано „овде“, во Неговиот гостопримлив „дом“, каде сме и ние поканети денес, доколку сме „прости“. Односно, кога ја оставаме неразумноста, или сложенките на нашите умови, и Му се посветуваме Нему. „Оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот“. Амин!

Сестра Васа Ларин

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz