Недела по Богојавление

Богојавление

Вчера апостолот го вооружи христијанинот, кој зачекори на патот на спасението, го вооружи со духовното сеоружје, а сега, за да го поткрепи во потешкотиите, му укажува на раководителите во оваа борба, но и последната, света цел на сѐ што постои. Раководители се пастирите и учителите што Господ ѝ ги дарува на Црквата (Ефес. 4,11-13), и преку чии усти Самиот го кажал сето она што е потребно за раководење. Тие му помагаат на секој оној што ќе се обрати кон нив со вера и молитвено обраќање кон Господа. Оваа вистина ја знаат оние коишто, преку себеодрекнување, одат по патот Господов, и без себесожалување, водат борба со непријателите на спасението. Вистина и вразумување коишто ги среќаваат кај своите пастири дури и тогаш кога, гледано од страна, делува дека не може да ги очекуваат. Затоа што, овие луѓе кон Господа се обраќаат, а не кон луѓе. А Господ, преку овие раководители, е секогаш подготвен да го раководи и да го вразуми секој оној што искрено и со вера проси помош од Него.

Светлата, пак, и последна цел е – мерата на растот во полнотата Христова, возрастувањето во совршен човек. Сите знаат што е совршен човек, општо гледано, и не може да се најде човек што не би сакал да го постигне ова совршенство. Меѓутоа, никој не знае што значи да се биде совршен човек во Господа, освен оние што ја достигнале оваа возраст. Секако, ова не треба никому да послужи како повод за ладење на ревноста која е потребна за достигнување на ова возрастување туку, напротив, треба да послужи како причина да се разгори ревноста. Оти, непознавањето на совршенството, е условено од висината на духовното совршенство. Апостолот ова го појаснува како усвојување на сите полноти на совршенства пријавени од нашиот Господ и Спасител. И оттука секој може да види зошто кон овој призив секој од нас треба да пристапи со секоја ревност.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz