Недела на светите праотци

Светите Праотци

Во неделата меѓи 11. и 17. декември, односно претпоследната недела пред Рождеството Христово, Црквата си спомнува за светите праотци. Кои се овие праотци? Тоа се праведниците што живееле во старозаветно време, предците по плот Христови, кои се спасиле поради нивната жива вера во Спасителот Кого што Го очекувале. Не залудно нивниот спомен е поставен во периодот на исчекување на радосниот празник доаѓањето и раѓањето на ветениот и долгоочекуван Спасител.

Во соборот на праотците се сместени: 1) десетте патријарси (родоначалници) до потопот – Адам, Сит, Енос, Каинан, Малелеил, Јаред, Енох, Метусал, Ламех и Ное (сп. 1Мојс. 5,1-32), 2) после потопот – Авраам, Исаак, Јаков и Јосиф, но и 3) праведните богоотци Јоаким и Ана, и праведниот Јосиф, обручникот на Пресвета Богородица.

На Литургијата се чита 76. зачало од Евангелието според св. ап. Лука:

Рече Господ во парабола: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога беше време за вечера, го прати слугата свој да им каже на поканетите: »Дојдете, оти сè е готово!« И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: »Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!« Вториот рече: »Купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам – извини ме!« Третиот рече: »Се оженив и затоа не можам да дојдам« Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: »Отиди бргу по раскрсниците и улиците градски и доведи ги тука бедните, слабите, хромите и слепите!« И рече слугата: »Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.« И му рече господарот на слугата: »Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом!« Зашто, ви велам: никој од поканетите нема да вкуси од вечерата Моја. Оти мнозина се поканети, но малкумина се избрани.”

Тропар, гл. 2

Преку вера ги оправда праотците, и преку нив ја предобручи Црквата: светиите ликуваат во слава, зашто од нивното семе се роди Плодот благословен, онаа што Тебе Те роди. По нивните молитви, Христе Боже, помилуј нѐ.

Кондак, гл. 6

На ракотворен образ не се поклонивте, о триблажени, но заштитени од нетварната суштина Божја, во искушенија огнени се прославивте, и среде неиздржливите пламени јазици стоејќи, кон Бога повикавте: „Побрзај, Штедре, и поитај, Милостиве, во помош наша, зашто правиш како што ќе посакаш!“

Оставете коментар

1 Comment on "Недела на светите праотци"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Недела на светите праотци […]

wpDiscuz