Последната средба: Недела на Страшниот Суд

strasniot-sud

Евангелско четиво кое се чита во Неделата на страшниот суд, зборува за таа последна, решавачка средба со Христа, која нè очекува сите нас, кога од овој живот ќе преминеме во животот на идниот век.

Од Христовите зборови за Страшниот Суд дознаваме дека, единствен критериум по кој овците ќе бидат одделени од козите е односот на човекот кон своите ближни. Господ на Судот нема да нè праша дали сме ги постеле постите, сме правеле ли поклони, сме читале ли молитвено правило – и покрај тоа што многумина во ова ја гледаат главната цел на христијанскиот живот. Господ ќе нè запраша како сме ја докажале својата вера кон Него во делата т.е како сме се однесувале кон Него во лицето на Неговите помали браќа – нашите ближни; сме му правеле ли добро или сме го одминувале [братот], не забележувајќи Го Христа Кој стоел на нашиот пат.

Со векови, за Страшниот Суд се размислувало како за голем и страшен настан; бил сликан грозен и безмилостив Судија, Кој ги брои гревовите и добродетелите на луѓето. Човечката фантазија ги изживописала маките на грешниците, испраќајќи ги во проклет оган, каде што тие ќе сносат вечна казна за направените гревови. Но, благата вест не е таква [Евангелието не е такво]. Toa [евангелието] ни кажува дека Бог е Љубов. Старозаветната претстава за Бог – Казнувач, „за беззаконијата на татковците ги казнува децата дури до третото и четвртото колено“, во Новиот Завет е сменета со благовеста за Бога, Кој го возљубил човекот, Сам станал Човек и умрел на крстот заради спасение на луѓето. И така, на Страшниот Суд ќе се најдеме пред лицето на љубовта Божја, љубовта Христова, љубовта крстна.

Маките на грешниците
Човечката фантазија ги изживописала маките на грешниците, испраќајќи ги во проклет оган. Оваа старозаветна сенка е заменета со новозаветниот суд на љубовта Божја.

Од Евангелието знаеме дека Бог не сака да им суди на луѓето, туку да ги помилува и спаси: „Отецот не суди никому, но сиот Суд Му го предаде на Синот“ (Јн 5,22). За Себе, пак, вели: „не дојдов да му судам на светот туку светот да го спасам.“ (Јн 12,47). И така, ниту Отецот, ни Синот не сакаат да му судат на човекот. Тогаш кој ќе му суди на човекот на Страшниот Суд? Ќе ни суди оној Човек, Кој затропал на нашата врата, а ние не сме Го пуштиле да влезе; ќе ни суди Оној Кој барал од нас храна, а ние не сме Му дале; бил болен, а не сме Го посетиле. Ќе ни судат нашите ближни, кои не сме ги забележале кога ни стоеле на нашиот пат – гладните, жедните, необлечените или без кров над главата. Ќе ни суди сострадателната љубов Божја, за која сме се покажале неверни. На крајот на краиштата, ние сами себе ќе се осудиме, кога ќе сфатиме дека не ни е место таму каде со љубовта Божја се причестуваат децата Божји, кои со својата љубов и со своето милосрдие се уподобиле на Христа.

Секој ден ние Го среќаваме Христа, Кој бара од нас помош. На пример, на улиците, во автобустите, подземните премини, блиску да вратите на храмовите – насекаде гледаме просјаци, во лицето на оние во кои Христос се обраќа кон нас. Да се даде на питач – значи да Му послужиме на самиот Христос, да споделиме заедно со него со Него на оние кои им е потребна нашата помош. И обратно, да одминеме сиромашен – значи да Го одминеме Христа, пропуштајќи ја својата шанса да направиме добро на Господа. Се разбира, ние не можеме да даваме милостина на сите просјаци што ги среќаваме, бидејќи денеска, нив ги има премногу; но на некои помошта им е неопходна. А за оние, за кои сме немале пари, треба сострадално да се помолиме и да Го помолиме Господа, Тој Самиот да им помогне.

Најстрашното нешто е да поминеме покрај сиромашниот, не забележувајќи го. Нели за тоа и беше осуден богатиот – што кога го изнесувале од дома на носилки и го враќале, тој не го забележил сиромашниот Лазар, кој легал пред портата?

Страшниот Суд на кој овците се одделуваат од козите, започнува овде, на земјата. Тој се пројавува секогаш кога ние остануваме сами со бедните, сиромашните, страдалните. И ние биваме осудени, не само кога не одговараме на прозбите за помош, туку и кога, нурнати во себе со своите грижи, не ја забележуваме човечката тага и потреба од најблиските. Не треба да чекама за да побараат помош од нас. Ако блиску до тебе живее старец за кој никој не се грижи, самиот појди кај него и помогни му. Ако знаеш дека твојот сотрудник е во неволја, понуди му пари, не чекај тој да побара. Ако дознаеш дека некој што го познаваш останал без кров, без основни егзистенцијални средства за живеење, помогни пред да те повикаат на помош.

Средбата со човек кој се наоѓа во неволја или сиромаштија е средба со Христа, тоа е Страшниот Суд, предвкус на она што ќе се случи врз цело човештво и на секој од нас на крајот од историјата. Од тоа што ќе направиме, или што нема да направиме за оние кои имаат потреба од наша помош, зависи и нашата судбина во вечноста. Ако тука го поминеме испитот на сострадание и љубов, нема да ни биде страшно таму да застанеме пред Христа. Ако во животот се покажеме верни на Христовата љубов, судот за таа љубов нема да биде за нас катастрофа. Ако сме му помогнале на некој човек во земниот живот, тој заедно со нас ќе стои на Судот помагајќи ни пред Бога. Ако сме го напоиле и нахраниле Христа во лицето на оние кои страдаат и имаат потреба од тоа – самото тоа ќе нè застапува пред Судот. Ќе Го препознаеме Него, бидејќи веќе претходно – во земниот живот, многупати сме Го сретнале. Тогаш и Тој ќе нè препознае нас и ќе нè нарече Свои: „Елате, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството приготвено за вас од создавањето на светот“. (Мт. 25:34). Амин.

Архиепископ Иларион Алфеев

Оставете коментар

4 Comments on "Последната средба: Недела на Страшниот Суд"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

„Страшниот Суд на кои овците се одделуваат од козите, започнува овде, на земјата.“

Вистинито, страшно… Господи Исусе Христе, Сине Божји помилуј ме…

Прв пат се сретнувам со вакво нешто што води до ослободувањето од гревот.Потребно е да се ослободиме од верувањата во заблудите ако сакаме да се сретнеме со СПАСИТЕЛОТ. Воспитувањето ни го наметнува гревот,не плашат со БОГА.БОГ е ЉУБОВ највозвишеното нешто,БОГ е најчистата ЉУБОВ.БОГА треба да го сакаме со цело наше битие,а не да не плашат со БОГ.На БОГ треба секогаш,во секое време да му заблагодаруваме за сето тоа што ни го дал и што направил за нас.Не ни слутиме што се БОГ ни дал,одсекогаш за секогаш,во век и веков ни го дарил да го имаме.Со ослободувањето од верувањето во заблудите… Read more »

Многу лошо ги учите Христијаните се повеќе итате со вашите претензии кон римокатолиците,Значи Христијани џабе Постите се молите и се крштевате правете само дела, и ќе влезете во царстовото небесно а Христос,Хрисотс ни е само Образец кој се пополнува со таксена марка за влез во царстовото небесно.
Браво!

Добјаснете се дека нема човек кој е совршен и праведен а се спасуваме само преку подвигот во верата.
Проестете ако грешам но тоа е само мое мислење.

[…] Последната средба: Недела на Страшниот Суд […]

wpDiscuz