Икона на надежта

marija-egipetska

Гледајќи ја иконата на св. Марија Египетска, можеме да забележиме траги од нејзината поранешна убавина. Бидејќи не сум ниту зограф, ниту пак ученик по иконопис, не сум сигурен колку е ова точно и, претпоставувајќи дека сум во право, не знам колку често може да се сретнат одблесоци од поранешните животи на светите во нивните икони. Размислувајќи за сето ова малку подлабоко, се прашувам да не случајно имам извртена перспектива на случајот.

Можеби не се забележуваат трагите од претходната убавина на Марија, убавина која ѝ овозможила да биде позната и успешна проститутка. Што ако нејзината поранешна, телесна убавина сама по себе е потсетник за нејзината првична убавина и икона на нејзината есхатолошка убавина?

Дозволете ми да објаснам.

Во евлогитарионот [Ευλογητάρια, ангелскиј собор] на погребната служба, пееме во име на упокоените, и самите себе:

Од дамнини ме создаде ни од што и со Твојот божествен лик ме удостои, но јас ги прекршив Твоите заповеди, и ти во земјата од која бев земен ме врати; подари ми го Твојот лик, мојата дамнешна личота.

Молитвите кои ги принесува Црквата во име на упокоениот побаруваат од нас да согледаме две нешта истовремено. Гледаме назад, кон Адама, во неговата [и наша] древна или првична убавина. За Отците на Црквата, да се биде човек, значи да се биде облечен во божествена светлина; да се биде човек, значи да се свети со огнот на божествената слава, како Христос на Тавор.

Поради неговиот грев, Адам ја изгубил оваа убавина, но не само за себе, туку и за сите нас. Сите ние сме лишени од древната и првична убавина. Секој од нас, на овој или оној начин, е обезличен од гревот.

Но истовремено, иако обезличени, ние не сме ја изгубиле таа древна и првична убавина неповратно. Повторно преку јазикот на Отците, и покрај тоа што сме го изгубиле подобието Божјо, ние сепак сме создадени според Неговиот лик. Така, и покрај тоа што не сум повеќе облечен во божествена слава, сепак во мене останало нешто од Бога, постои едно сеќавање, трага која се задржала од поранешната убавина. Психолошки гледано, кога јас, или другите, наѕирам во она што сум го изгубил, чувствувам срам. Овој срам за мене е постојан извор на болка, секогаш одново ја проживувам фрустрацијата од бивањето нешто помало од тоа што [вистински] сум.

Повеќето од оние кои се впуштиле во сексуална трговија – повеќето од оние кои, слично на Преподобната, заработуваат за живот разменувајќи сексуални услуги за пари, дрога, алкохол, место за преспивање, па дури и добар збор, – истото го прават затоа што им била нанесена длабока рана во детството. Зарем чудно би било кога, како и со многу други сексуални работнички, Марија и самата била жртва на една таква рана? Зарем е толку тешко да се поверува дека некој ја искористил нејзината ранливост, нејзината слабост, против неа, и на тој начин го смешал Адамовиот срам во неа?

Токму нејзиното искуство со длабочината на човековиот срам е она што ја прави Преподобната толку добар пример за нас, како што се приближуваме не само кон крајот на Великиот Пост, туку и кон почетокот на Страстната Седмица. Сите ние Му приоѓаме на Христа носејќи го во себе незамисливиот товар на срамот. И секој еден од нас го притајува овој срам не само од другите, но и од себе. Да бидам искрен, бивајќи исплашен од моите гревови, јас не можам да го поднесам споменот – остатокот – од мојата древна и првична убавина.

Како што реков, на иконата на св. Марија Египетска можеме да забележиме траги од нејзината претходна убавина. Но тоа е убавината која постоела под нејзината грешност. Во иконата ни се наѕира убавината која, во нејзиниот претходен живот не можела да ја поднесе, што придонело до тоа таа да започне да се проституира.

Оваа изгубена, древна и првична убавина, сепак, не е целата приказна ниту за Марија, ниту пак за нас. Исто како што не гледаме на Христа само според Адама, туку на Адама според Христа, на ист начин не можеме да ја согледаме нашата претходна убавина просто гледајќи наназад кон Адама. Мораме да се гледаме и самите себеси гледајќи напред, кон Христа.

Убавината со која Адам бил даруван во Градината била само предвкус, ветување за убавината која можел да ја добие во животот кој доаѓал. Дури и во гревот, трагите на таа древна и првична убавина остануваат, затоа што таа е првото и основно ветување за она што ќе дојде. Кога јас не сум внимателен, а искрено, дури и кога сум внимателен, го губам од вид ова ветување за мојот живот, а со тоа и животот на ближниот. Мислам дека токму оваа заедничка заборавеност е извор на речиси сите човечки страдања. А оваа првична убавина и ветувањето кое ми го носи ги заборавам поради постојаното искушение на срамот кое ме тера да се повлечам во себеси; срамот ме принудува да ги затворам очите, дури и да му го свртам грбот на мојот ближен кој во неговото страдање, пред мене го објавува и обзнанува и моето страдање.

Философот Габриел Марсел [20 век] вели дека надежта се разликува од оптимизмот. Оптимистот гледа на животните потешкотии и си замислува дека е изземен од сето тоа затоа што – од било која причина – тој е посебен. Оптимизмот е нарцистичен и себе-возвеличен, и преку него му нанесувам штета на ближниот. А надежта, како што пишува Марцел, „се создава преку едно ние и за едно ние. Во искушение сум да речам дека во основа, надежта е хорска [односно, создадена за заедница на луѓе]“.

Да се вратам на она што го реков на почетокот. Во иконата на преподобна Марија Египетска може да забележиме траги од нејзината поранешна убавина. Но не онаа убавина што светот ја величи, туку нејзината древна и почетна убавина. И не само тоа. Во нејзината икона има и блесок на една трајна убавина, убавината на надежта.

Во Христа,

Отец Григориј Џенсен [авторот е доктор по психологија и православен свештеник]

Оставете коментар

1 Comment on "Икона на надежта"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Икона на надежта […]

wpDiscuz