Не стивнуваат реакциите во грчката црковна и политичка јавност во врска со спорот со името

Архиепископот Јероним и Премиерот Ципрас

Откако грчкото Министерство за надворешни работи ја обвини грчката Црква за сојузништво со нео-нацистичката партија „Златна зора“ во врска со решавањето на спорот со името на Р. Македонија, како и дека ги пречекорила нејзините уставно-дефинирани овластувања, премиерот Алексис Ципрас се обиде да ја намали тензијата и да го смири тонот на кој општат грчката држава и Црква.

Во писмото што како одговор Ципрас му го испрати на атинскиот Архиепископ, премиерот го уверува Првојерархот на Грчката Црква дека при решавањето на спорот, предвид ќе биде земена и неговата црковна димензија, и ги повикува грчките црковни власти да се вложат во владините напори за решавање на деценискиот спор.

Како што е познато, в среда Свештениот Синод на Црквата од Грција испрати соопштение во кое недвосмислено подвлече дека се противи на било кое решение во кое би бил вклучен терминот „Македонија“, а непосредно потоа, Блаженејшиот Архиепископ г.г. Јероним пред новинарите посочи дека проблемот со името не е само политички и национален, туку и црковен. Запрашан од медиумите дали ги поддржува најавените протести во Солун и Атина, одговори дека тој лично е против организирањето на протести и дека Црквата не дава поддршка за нивно организирање, но дека Синодот не го разгледал тоа прашање.

Следеше испраќање на писмо до грчкиот премиер, во кое Архиепископот се правдаше дека Црквата не се меша во надворешната политика на државата, и изрази став дека грчката Црква има историска одговорност да го брани името „Македонија“. Сериозноста на ситуацијата подетално ја објасни со нудење на историски осврт на создавањето на Македонската православна црква од страна на „Хрватот Тито“, рака под рака со создавањето на „државата на Скопјаните“.

Немешањето на Црквата во политиката го потенцираше и портпаролот на Грчката Црква. Сепак, спротивно на нивните ставови, изјавите на ред други митрополити го покажуваат токму спротивното. Митрополитот на Ксанти, Високопреосветениот г. Пантелејмон го повика солунскиот Митрополит на 15 јануари да отслужат Божествена Литургија во црквата на св. Димитриј Мироточив, на која би било упатено слово до верниот народ од Солун и Северна Македонија во врска со политичките настани. Сепак, солунскиот Митрополит г. Антим вчерашниот ден ја ублажи реториката, и посочи дека Црквата не направила никакво мешање, и дека само го пренела барањето за став и одговор што народот нејзе ѝ го упатил.

Митрополитот на Хиос, пак, Високопреосветениот г. Марко, испрати кратко соопштение до грчката јавност во кое ја поддржа одлуката на грчкиот Синод, потенцирајќи дека е неприфатливо било какво име кое во себе го содржи терминот „Македонија“ или негови изведенки, поради тоа што таквото решение би влијаело и на прашањето на „Црквата во Скопје“. Митрополитот на Лерин, Преспа и Еордеја, Високопреосветениот г. Теоклит, во интервју за ТВ „Top Channel“ изјави: „Нека дадат друго име, не Македонија. Ќе се состанеме сите митрополити од областите Македонија и Тракија, и ќе видиме што ќе правиме… Државата нека си вели што сака, ние нема да прифатиме.“ И калаврискиот Митрополит, Високопресветениот Амвросиј за денес (петок) на пладне закажа вонреден состанок на кој ќе биде разгледана новонастанатата ситуација.

Извори: Romfea.gr, Orthodoxia.info, Kathimerini.gr

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz