Не постојат небесни сметководители

За честототата на исповедта, секој христијанин може засебно да се однесува врз основа на неговиот духовен живот. Но, да се мисли дека Бог е некаков си државен обвинител, да се мисли дека постои некакво небесно сметководство, кадешто се води сметка за нашите гревови а исповеданите со гума се бришат од главната книга е мошне чудно. Затоа се плашиме и наеднаш ни текнува дека нешто сме заборавиле, нешто не сме кажале и гумата тоа нема да го избрише.

Сме заборавиле – сме заборавиле. Ништо страшно. Ние нашите гревови воопшто не ги знаеме. Секој пат кога духовно оживуваме, се гледаме себеси онакви какви претходно не сме се гледале. Понекогаш, човек кој проживеал многу години во Црква му вели на свештеникот: „Оче, ми се чини дека порано бев многу подобар, и никогаш вакви гревови не сум правел какви што правам сега“.

Бил ли тој подобар? Се разбира дека не бил. Едноставно, тој пред многу години воопшто не се ни гледал, не ни знаел каков е самиот. И постепено Господ му открил каков е во суштина, и тоа не целосно, туку само онолку колку што бил способен да осознае. Затоа што, ако уште на почетокот на нашиот духовен живот, Господ ни ја покажал сета наша неспособност за овој живот, сета наша немоќ, сета наша внатрешна неубавина, тогаш може ние би очајувале до таа мера што не би сакале да се бориме понатаму. Затоа Господ, по милоста Своја знаејќи колку сме ние грешни, дури и нашите гревови ни ги открива постепено. Но при тоа, ни дава да се причестуваме.

Исповедта не е тренинг

Не сметам дека исповедта е нешто во коешто човек треба да се тренира. Ние имаме духовни вежби, со кои во одредена смисла се тренираме, се штимаме. Тоа на пример е постот. Неговата редовност се утврдува во тоа што човекот за време на постот се труди да го врамнотежи својот живот. Кон „духовниот тренинг“ може да се додаде и молитвеното правило, кое исто така му помага на човекот својот живот да го доведе во ред.

Но ако од оваа гледна точка го разгледуваме и причестувањето, тогаш тоа е катастрофа. Не смееме да се причестуваме редовно во име на редовното причестување. Редовното причестување не е гимнастика, не е фискултура. Не значи дека ако еднаш не сме се причестиле сме загубиле нешто и дека треба да се причестиме за да би насобрале некаков си духовен потенцијал. Воопшто не е така.

Човек се причестува поради тоа што тој без тоа не може да живее. Тој жеднее за да се причести, се стреми да биде со Бога, искрено и вистински посакува да се отвора за Бога и да се менува, да се соединува со Бога… И Црковните таинства не можат за нас да станат некаква фискултура. Тие не ни се за тоа дадени. Тие не се вежби. Тие се живот.

Средбата помеѓу другарите и ближните не се случува поради тоа што треба редовно да се случува, како тие би се дружеле. Не. Туку, средбата се случува затоа што другарите тежнеат еден кон друг, се привлекуваат. Малку е веројатно дека пријателството ќе биде полезно доколку луѓето си постават ваква задача: „Ние сме другари, и како нашата дружба би станувала поцврста, ние треба да се среќаваме секоја недела“. Тоа е апсурд.

Истото може да се каже и за таинствата. „Ако сакам правилно да се исповедам и во мене да проработи вистинско покајничко чувство, јас треба да се исповедам секоја недела“ – апсурдно звучи. Исто како и ова: „Ако сакам да станам свет и секогаш да бидам со Бога, тогаш треба да се причестувам секоја недела“. Бесмислици.

Дури ми се чини и дека во тоа има нешто помешано, затоа што ништо не си е на свое место. Човек се исповеда затоа што срцето го боли, затоа што душата му страда од болка, затоа што згрешил, и затоа што се срами, затоа што сака да го очисти своето срце. Човек се причестува, не затоа што редовното причестување го прави христијанин, туку затоа што тој се стреми да биде со Бога, затоа што тој не може, a да не се причести!

Квалитетот и честотата на исповедта

Квалитетот на исповедта не зависи од нејзината зачестеност. Се разбира, има луѓе кои се исповедаат еднаш годишно, и го прават тоа не разбирајќи зошто. Затоа најчесто тие и не знаат да се исповедаат, и не ја разбираат суштината на исповедта. Затоа, како што веќе кажав, за да се влезе во црковниот живот, и да се научи нешто, се разбира дека на почеток е потребна редовна исповед.

Редовна исповед не значи еднаш неделно. Редовната исповед може да е различна: 10 пати годишно, еднаш месечно… Кога човек го уредува својот живот духовно, тогаш тој чувствува потреба да се исповеда.

На пример како свештениците: секој за себе си става определена редовност за исповед. Јас дури и верувам дека нема некоја посебна редовност, освен моментот во кој свештеникот чувствува дека треба да се исповеда. Тоа е кога постои некаква внатрешна пречка која му пречи да се причести, има внатрешна пречка која му пречи да се моли, и тогаш тој разбира дека животот почнува да му се урива и дека треба да појде на исповед.

Човек треба воопшто да живее на начин на којшто би го чувствувал ова. Кога човек не го чувствува животот, тогаш се разбира дека ќе се прашува: „Како е можно да се причестам без исповед? Како тоа? Тоа е некаков ужас!“

Протојереј Алексиј Уминскиј

Оставете коментар

1 Comment on "Не постојат небесни сметководители"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Тома Хопко (достапна на интернет на македонски јази); не постојат небесни сметководители, за исповедта. Се разбира дека овие книги и текстови не […]

wpDiscuz