Насилната љубов Божја

19 МАЈ 2007

Слава на Исуса Христа!

Почестен сум да ви зборувам денес, на оваа воведна церемонија. Оваа чест е посебно значајна за мене, особено што јас дојдов во ова училиште како студент пред точно половина век, во септември 1957 година.

Четириесет од вкупно педесетте изминати години јас бев официјално поврзан со [богословијата] Св. Владимир. Бев студент шест години, и после пет години кои ги поминав како пастир во Охајо, се вратив во оваа богословија каде служев како професор и пастир цели четириесет и четири години, сé до моето пензионирање пред пет години. Ова училиште ми го даде мојот духовен живот и моето духовно семејство. Исто така, ми ја даде и мојата сопруга, и моите деца и внуци, за кои сум неизмерно благодарен.

Отец Ериксон и Факултетот побараа од мене денес да ви кажам денес кои, според моето верување, се најважните нешта кои сум ги научил во изминатите педесет години. Тие побараа ова да го сторам во, од прилика, дваесет минути. Па, што можам да ви кажам во преостанативе деветнаесет?

Првата и најважната работа е дека ние сме бесконечно љубени од Бога, Кој нé благословил бесконечно да Го љубиме Него за возврат.

Исто така, можам да ви кажам и дека можеме да Го љубиме Бога како што Тој нас нé љуби само по вера и благодат, по Неговата божествена моќ, и дека оваа љубов кон Него можеме да ја докажеме доколку љубиме секого и сé, почнувајќи со нашите најжестоки непријатели, токму како што Тој прави, со онаа иста љубов со кој Тој нас нé љуби, онаа иста Љубов која Тој Самиот е.

И можам да ви кажам дека бивањето љубен од Бога, и љубејќи Го Него за возврат, е најголемата радост дадена на созданијата, и дека без неа нема вистинска и трајна среќа за човештвото.

И исто така можам да ви кажам, за жал, дека таквото љубење секогаш е жестока, насилна и крвава работа.

Бог, Кој е милостив и благ, долготрпелив, и изобилува со безрезервна љубов и верност, Кој ни го дарува Неговиот божествен живот и мир и радост засекогаш, е пред сé Божествен Љубовник Кој ја ранува Неговата љубена, и потоа се крие од неа, надевајќи се дека ќе биде баран и пронајден. Тој е Отецот Кој ги очистува и смирува Неговите чеда. Тој е Лозарот Кој го засечува и закројува Неговото лозје, за тие да родат голем со многу плод. Тој е Златарот кој го гори Неговото злато во Неговиот божествен оган, за да биде очистено од секаква нечистотија. И Тој е Грнчарот Кој постојано ја растура и повторно ја обликува Неговата влажна глина за од неа да направи таков земјен сад кој Тој сака таа да биде, способна за носење на Неговата Сопствена возвишена благодат и сила и слава и мир.

Гавран
„на гавраните сум им заповедал да те хранат таму.“ 3Цар. 17, 4

Јас сфатив дека сите оние страшни учења на Светото Писмо и светителите се вистинити и точни. И така станав уверен дека Божјото Евангелие на Неговиот Син Исус е навистина и реално последен Божји чин на земјата. Тоа е чин преку кој Божјото Слово не е само испишано со букви на пергамент, но е личносно воплодено како човечко битие во Негово сопствено човечко тело и крв. И така станав убеден во вистината на сите вистини: дека конечното откривање на Бога како Љубов и конечното откривање на човечката љубов за Бога, обете можат да се најдат во крвавото тело на Еден мртов Евреин, Кој виси на крст меѓу двајца разбојници, надвор од ерусалимските ѕидини, убиен од безбожниците, на барање на водачите на својот народ, со најболна, најклета, најсрамна и најнесреќна смрт со која едно човечко битие – посебно Евреин – може да умре.

Така, според мерата на нашата искреност и верност, и трудот за пазењето на Божјите заповеди, и каењето за нашите согрешенија и гревови, ние започнуваме да спознаваме, а со текот на времето ние започнуваме да спознаваме многу појасно и подлабоко [како што бевме научени овде, во Св. Владимир]. Ние спознаваме преку искуство дека Логосот Божји [Ο Λόγος του Θεού] е секогаш и неизбежно Логос Крстен [Ο Λόγος του Σταυρού, Логос на Крстот, Слово на Крстот м.з.]. И, изречено со јазик соодветен за воведна церемонија во Православно богословско училиште, ние спознаваме дека вистинската теологија [θεολογία, богословие, м.з.] е секогаш ставрологија [σταυρόλογία, крстословие, м.з.]. И вистинската ортодоксија [ορθοδοξία, православие, правилно верување, м.з.] е секогаш парадоксија [παραδοξία, неочекувано верување, спротивно на здравиот разум, м.з.]. И дека не постои теоза [Θέωσις, обожување, м.з.] без кеноза [κένωσις, божествено испразнување, м.з.].

Теологијата е ставрологија, и Ортодоксијата е парадоксија; Семоќниот Бог се открива Себе си како бескрајно смирен, целосно Себе-испразнет и апсолутно немилосрден и неуморив вљубеник во грешниците. И мажите и жените создадени според Неговиот образ и подобие мора да бидат исти. Така ние спознаваме дека не постои воскресение без распнување, не постои осветување без патење, прославување без понизување; нема обожување без унижување, и нема живот без смртта. Со еден збор, ја учиме вистината на ранохристијанската химна запишана во Светото Писмо:

Ако со Него сме умреле, и ќе оживееме,
Ако трпиме, со Него и ќе царуваме;
Ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас.
Ако не веруваме, Он останува верен,
бидејќи Сам Себе Си не може да се одрече.

Според Евангелието, значи, оние кои сакаат да бидат мудри се принудени да бидат луди. Оние кои сакаат да бидат големи, да станат мали. Оние кои сакаат да се први, да се сторат последни. Оние кои владеат, служат како робови. Оние кои сакаат да се богати, да бидат сиромашни. Оние кои сакаат да се силни, да постанат слаби. И оние кои посакуваат да се пронајдат и исполнат себе си како личности, да се одречат и испразнат од себе си заради Евангелието. И, конечно и најважно од сите, оние кои вистински сакаат да живеат, треба вистински да умрат. Тие волно умираат, во вистина и љубов, за сите и за сé што не е Бог или од Бога.

И така, уште еднаш, ако сме научиле било што од нашето богословско образование, духовно созревање и пастирско искуство, тогаш сме научиле да внимаваме, и да бидеме претпазливи за секое задоволство, утеха и удобност пред нашето сораспнување во љубов со Христа. Сме научиле дека иако можеме да Го знаеме Бога преку формалното богословско образование, можеме да Го спознаеме Бога единствено преку носењето на секојдневните крстови со смирено трпение во љубов со Исуса. И можеме да го сториме ова само низ верата и благодатта преку постојаната сила на Светиот Дух.

Кога зборуваме за „носењето на нашите крстови“ и „носењето на јаремот“ како последувањето на Христа (буквално: имитирање, м.з.), преку силата на Божјиот Свет Дух, исто така учиме, преку болно искуство дека крстовите кои ги носиме, како и јаремите, мора да бидат оние кои Бог ни ги дарува, а не оние кои ние самите ги избираме и посакуваме. На тој начин ние стануваме убедени дека кога нашите јареми се претешки и кога крстовите нé кршат во безрадосна беда – и ние стануваме мрачни, депримирани, малодушни и очајни – причините се очигледни. Или ние ги бираме нашите крстови и јареми, и ги одбиваме оние кои ни се испратени од нашиот милостив Бог Чии мисли и начини се сокриени од нас; или пак се обидуваме да ги носиме нашите кростови и ги земаме нашите јареми по нашите сили, а не по Божјата благодат и сила која Христос и Светиот Дух ни ја даруваат во Црквата.

И така ние доаѓаме до уште едно убедување: Црквата – заедницата на вера и љубов (како што св. Игнатиј Антиохиски ја дефинира: κοινωνία αγάπης και πίστεως), заедницата на светители кои се самите Христови членови како Негово тело и невеста – е основна за нашето човечко битие и живот. Ние не можеме да бидеме човечки битија, и уште помалку Христијани и светители, сами од себе. Нам ни треба Бог и Неговите мудри верни служители. Ни требаат Божјите заповеди и живи примери на нивното исполнување. Ни требаат Црковните писма, Свети Тајни, богослужби и светители. И си требаме еден на друг. Како што Тертулијан рекол пред многу векови, „Еден Христијанин не е Христијанин.“ И како што руската поговорка го срочува тоа, „Единственото нешто кое една личност може да го стори сама, е да исчезне.“ Без оглед на тоа дали ни се допаѓа или не, ние сме „членови еден на друг“ во Бога. Ако ни се допаѓа, тогаш тоа е живот и рај. Ако го одбиеме, тогаш е смрт и пекол.

Така, на крајот, бидејќи се работи за вистинскиот Бог и Христос и Светиот Дух, и Црковното Писмо, Светите Тајни, богослужбите и светителите, и Божјата љубов, премудрост, вистина и сила, тогаш исто така, се работи за најважната и Боголика реалност од сите други, која св. Јован Лествичник ја нарекол „трисвето смирение“: смирението дека Бог Самиот не може да биде објаснет, туку може само да биде виден и обожуван во Христа распнатиот, и во оние кои, според верата и благодатта, се сораспнати со Него.

Оттаму, ако сме уверени во било што како Православни Христијани, тогаш сме убедени дека човечките битија не се автономни. Објавувањето и бранењето на човечката автономност е најподмолната лага на денешницата, особено тука , во Северна Америка, и на Западот, како и позападчените области воопшто. Човечките битија по природа се хетерономни. Некој инаков закон (heteros nomos) секогаш работи во нашите умови и членови. Овој „инаков закон“ е или законот Божји, законот Христов, законот на Светиот Дух, законот на слободата и животот кој може да се воочи, прими и оживотвори преку светото смирение, или е законот на гревот и смртта (спореди Рим. 7-8). Кога законот во нас е Божји закон, тогаш ние сме оние кои вистински сме, и сме здрави и слободни. Но, кога тој закон е законот на гревот и смртта, тогаш ние не сме присебни, и сме нездрави, заробени и продадени на гревот.
Пред повеќе од петнаесет века св. Антониј Велики објавил дека „се ближи време кога луѓето ќе полудат, и кога, гледајќи некој кој не е луд, ќе го напаѓаат велејќи му: «Ти си луд, ти не си како нас».

Голема е можноста дека времето кое св. Антониј го предвидел е токму времето пред нас, или барем со голема брзина му се приближуваме, барем на Западот. И поради тоа што го имаме научено, ние знаеме што треба да сториме со него. Самиот св. Антониј, заедно со сите свети луѓе, ни покажал. Ве поттикнувам, и кога би можел, би ви заповедал да ги прочитате триесетиосумте кажувања на свети Антониј во „Кажувањата на пустинските Отци“. Сé што треба да знаеме за тоа како да живееме е таму за нас, во неговиот најпрост и најчист облик.

Авва Антониј прво ни кажува дека кога на нас навалуваат вртливи мисли (логизми) и кога сме одвлечени од незадржлив впечаток на безначајност и бесполезност (акедиа), што сигурно ќе се случи во овој грешен свет, ние мора едноставно и трудољубиво да се трудиме и да се молиме, со чиста посветеност и вистинска послушност. Ние мора да внимаваме на себе и да продолжиме со нашата работа. Ние мора да ја сработиме нашата работа, и да оставиме Бог и другите луѓе да ја сработаат нивната.

Тој исто така ни кажува дека кои и да сме, ние треба секогаш да Го имаме Бога пред нашите очи; и што и да правиме, секогаш треба да го правиме тоа во склад со сведоштвото на Светото Писмо; и каде и да сме, не треба лесно да го напуштиме тоа место.

Понатаму, тој ни кажува (заедно со неговиот пријател Авва Памво), да не веруваме на нашата праведност, да не се грижиме за нашето минато, и да стражариме над нашите усти и стомаци. Тој ни кажува да земеме одговорност за нашето однесување, и да очекуваме да бидеме ужасно многу искушувани до нашиот последен здив. Ни кажува дека нема спасение за нас без испитување и искушување, и дека без да биде испитан, никој не може да биде излечен, просветлен и восовршен. Тој ни кажува дека секој од нас има свој единствен живот, дека нема две исти личности, и дека секој од нас мора да биде личноста каква Бог ја створил да биде (како што отец Пол Лазор, мојот најдраг пријател често вели) – таму каде сме, тогаш кога сме, со кого и да сме, од кого и да сме, и такви какви што сме, во склад со Божјата несфатлива промисла.

Антониј ни кажува, исто така, како и сите светители, дека нашиот живот и нашата смрт започнува и завршува со нашите пријатели, човечки битија. Тој инсистира дека доколку сме успеале да го освоиме нашиот ближен, сме го освоиле нашиот Бог, но доколку сме го соблазниле нашиот ближен, сме погрешиле против Христа. Тој вели дека сите наши аскетски подвизи, вклучувајќи ги и нашите научни студии имаат крај; тие не завршуваат сами во себе. Крајот е распознавање (διάκρισις) и бестрастието (ἀπάθεια) и познанието (ἐπίγνωσις) на Бога преку чувањето на Неговите заповеди, од кои прва и најголема е љубовта (ἀγάπη). И тој нé учи дека наша единствена надеж за избегнување на безбројните клопки на овој свет кој сака да не зароби може да се најде во само едно нешто: Христолико смирение, со „срце смирено и скрушено“, како што вели псалмопеачот, кое е единствена „жртва на Бога.“ (Псалм 51,17)

„Ги видов сите клопки кои непријателот ги расфрли преку сиот свет“ рекол Авва Антониј, „и липтајќи извикав: ‘Што може човека да го избави од овие клопки?’ Тогаш слушнав глас како ми вели: ‘Смирението’ “ (Изрека 7).

Проширено објаснување на учењата на св. Антониј, и воопшто на христијанските светители, може да се најде во една книга објавена во 1867 година во Русија. Книгата е на св. Игнатиј Брјанчанинов, и на англиски е наречена: „Арената: Прилог кон современото монаштво.“ Убеден сум дека секој посветен христијанин, и секако, секој завршен богослов, треба да се чувствува обврзан да ја прочита оваа книга, созерцувајќи го особено првиот дел посветен за апсолутната нужност од чувањето на Божјите евангелски заповеди, проследени со страшните предупредувања кои св. Игнатиј ги упатува кон верните луѓе – посебно кон оние со богословско образование, аскетски настојувања и мистични желби – кои можат да не успеат во зачувувањето на евангелските заповеди затоа што ја прифаќаат лагата дека тие „не се како другите луѓе“, предавајќи се са обманата – најужасната и најдеструктивна од сите обмани за верните луѓе – дека тие се особено надарени, ревносни и просветлени. Зошто, како што мојот возљубен професор Сергеј Верховски никогаш не се измори од предупредувањето: „Најлош од сите гревови е лагата, и најлоша од сите лаги е лагата за Бога, а најлоша од сите лаги за Бога е лагата за мене и Бога.“

Денес би сакал да ви препорачам, и уште еднаш, доколку може, би инсистирал дека сите христијани кои размислуваат, и секако сите студенти и дипломирани богослови, мора да прочитаат уште една книга кога ја содржи, според моето мислење, најпроникливата анализа на она што се случило со човештвото во изминаттие педесет години. Се работи за ремек делото на К.С. Луис напишано во 1944 година наречено „Укинување на човекот“. Оваа тенка книга треба да се прочита бавно, методолошки и внимателно неколку пати. Делови од неа, кои ги имам прочитано повеќе од десет пати, сé уште ми се нејасни. Но главната поента е кристално јасна.

Луис вели дека за човечките битија да можат да гледаат, да знаат, да љубат, да обожуваат и да понудат соодветна благодарност за сé што е добро, вистинито и убаво во човечкиот живот, и на тој начин да останат целосно и вистински човечни, тие мора да ја поседуваат и развиваат единствената човечка способност која ги одделува од ангелите и ѕверовите, и, денес мора да додадеме, од вештачката интелигенција на електронската технологија. Луис ја нарекува оваа способност „Тао“. Тој вели дека исто така може да биде наречена „иконичност Божја“ или „искра божественост“ или Законот или Логосот или Срцето (во денешно време, доколку тој би бил запознаен со православната литература, можеби би рекол дека исто така може да биде наречена Нус). Како и некој да ја нарекува, тоа е способноста преку која човекот ги спознава и созерцува основните вистини за човековото битие и живот, која го покрива размислувањето, расправата, разговорот и спорот. Во 1944 година Луис тврдел дека доколку образовните методи кои преовладувале во училиштата во тоа време се покажат како успешни, тогаш оваа единствена човечка способност ќе биде избришана, и човечките битија онакви какви што ги знаеме нема повеќе да постојат. Буквално, ќе се случи „укинување на човекот“.

Убеден сум дека Луис го предвидел она што се случило, и што се уште се случува со уште покатастрофални последници, во нашиот Западен и позападчен свет. Се случува мажите и жените кои некогаш биле луѓе, едноставно повеќе да не се тоа. Тие станаа ништо друго до умови и материја, мозоци и тела, сметачи и потрошувачи , конструктори и клонирачи кои веруваат дека се слободни и моќни, но кои всушност биваат уништени од самата „природа“ која сакаат да ја освојат, бидејќи се заробени од олигархија на „условители“ кои самите пак, се заробени и уништени од нивните луди стремежи за опишување, обликување, справување и манипулирање со светот и човештвото лишени од Бога Кој безгранично ги љуби.

И други имаат видено и кажано слични нешта на оние кои К.С. Луис ги видел и кажал: Фјодор Достоевски, Карл Стерн, Александар Солженицин, Томас Мертон, наводниот атеист Антон Чехов, и мојата највозљубена Фланери О’Конор, сите меѓу моите лични фаворити.

Предизвикот и радоста – и болката и неудобноста – од читањето на вака необично надарените луѓе како овие, кои членовите на генерацијата ’2007 најверојатно не ги прочитале за нивните студии на Св. Владимир (но, кој знае што новата програма ќе донесе?), сé уште лежи пред нив. И ова ни покажува зошто сегашнава церемонија на димпломирање е наречена „Започнување “. Ова е почеток на нови нешта – многу прекрасни и предизвикувачки убедувачки нови нешта – кои им ги посакуваме на мажите и жените кои ги завршија нивните студии на Православната богословија Св. Владимир денес.

И ова нé доведува до последното убедување кое можам да го споделам со вас денес: Секој ден, по Божјата милост, ни носи еден нов почеток. Сите ние секогаш „започнуваме“ една нова духовна авантура во живеењето и љубењето, како што Бог живее и љуби. Никогаш не е крај. И никогаш не е предоцна за одново да се започне.

И честитам на генерацијата ’2007 за нивните значајни постигнувања. Им честитам ни нивните семејства, пријатели и професори, и на сите оние кои се грижеле за нив додека биле на богословијата. Го молам Семилостивиот Господ да ги благослови, води и штит на секој начин, затоа што тие „започнуваат“ нов период во нивните животи. И Му благодарам на Бога и на богословијата за привилегијата и честа [која ми ја дадоа] да им се обратам ним, и на сите вас овде денес.

Отец Томас Хопко
Почесен декан на православната богословија „Св. Владимир“, Њујорк

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz