Накај Богојавлението

bogojavlenie-detalj

На овонеделната Литургија, која оваа година паѓа на Водокрст, во очи на Богојавлението, се чита токму почетокот од Евангелието по Марко.

Потребен е моќен и чист глас на некој којшто од сè се одрекол за да Го сведочи Бога, за луѓето да ја слушнат пораката.

„Се јави Јован, крштавајќи во пустината, и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите…“

Јован не доаѓа овенчан со слава на голем и учен говорник, писател, научник. Тој доаѓа од пустината како човек во потполност посветен на Бога. И затоа луѓето повеќе му веруваат нему, отколку на учените, богатите и славните. А и тој не сведочи за себе.

„А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед. И проповедаше, велејќи: ‘По мене иде Посилниот од мене, Кому не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети.’“

Дали Месијата навистина доаѓа? Спасителот? – се прашувале многумина Евреи. Ние знеме дека дошол, еднаш засекогаш, но постојано забораваме на тоа. Кој да нè потсети? И како да не заборавиме? Можеби и не знаеме, но веруваме. Можеби и не веруваме, но сакаме да веруваме. И верата е дар што од Бога се добива, а постојат дарови кои не е лошо да се измолат. За да присуствуваме на величественото Јавување на Бога ќе ни биде потребна макар и ронка вера. Јован ни кажува дека неа ќе ја измолиме со ронка покајание.

Ѓакон Ненад Илиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz