Награда за работникот

Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап, зошто работникот ја заслужува својата награда.

Матеј 10, 9-10

Уверен во идејата дека христијанинот егзистира на земјата само и само од ризницата на духовни добра без притоа да посегне по световното примамливо, она отпаднатото и сè уште старо во мене беше сомничаво и дрско да прашува и да биде незадоволно од одговорите. Како ќе тргнам гол на работа, без тиркизноста на својот автомобил и мобилен телефон, без многубројните повеќесезонски и повеќенаменски обувки со престижна налепница, без технологијата на која ѝ слугувам повеќе од колку таа мене, без манирите кои ме прават и лидер и лицемерен и страстлив? Но, штом така е кажано, така и ќе биде.

Ќе тргнам по патот свој без злато, сребро, ниту бакар. Тоа веќе ми ја исклучило можноста да се хранам по ресторани и да спијам во удобен хотелски кревет во постелнина со мирис на рузмарин. Тоа ќе го правам таму каде што ќе ме приберат. Веројатно кавијарот ќе го заменам со црна сол, а бањата полна со меурчиња – со рогозина и не толку неудобна како леглото на прељубникот. Наградата ќе ми биде насмевката на домаќинот кој поверувал дека му оставив благослов во неговиот дом.

Ќе тргнам по патот свој без торба. И што би ставал во неа кога сè што ми е потребно си го носам под кожата? Си ги имам совеста за да ме боцка ако го загубам тесниот пат, верата за да гледам подалеку кон хоризонтот и надежта дека ќе стигнам. Торбата само би ме спречувала да потрчам да не ја истресам нејзината содржина и да заспијам да не ми биде испразнета. Наградата ќе ми биде сосредоченост кон вистинското и вечното.

Ќе тргнам по патот свој без двојни алишта. Пролетниот дожд ќе ми ги водени, а пустинската бура искине овие единствените. Низ нивните дупки ќе се прозира невиноста која посакува да ја истисне пакосноста. Ќе ја имаат бојата на прашината и до нивниот изглед нема да се доближат господарите на лагата. Наградата ќе ми биде незаинтересираност кон сезонското намаление на нови, поугледни.

Ќе тргнам по патот свој без двојни обувки. Дотраени и по малку разделени помеѓу обликот за восхитување и газалото, сигурни се во чекорите кон Утехата. Што ќе им е уште еден пар за да си станат завидливци, кои ќе ме понесат поудобно? Или препирачки, кои го пронашле патот? Или гневливки, кои ќе ме запазат да не си ја сопнам ногата некако од камен? Наградата ќе ми биде можноста да го кренам погледот од земјата и го насочам кон Небото од каде и доаѓа повикот.

Ќе тргнам по патот свој и без стап. Ќе ме прогонуваат кучиња скитници и диви ѕверови инстиктивно обучени да јадат. Ќе ме прогонуваат и синовите на човекот на кои нема да им се допадне кога не го зборувам јазикот на светот. И да носев стап немаше да го подигнам ниту реките да ги претворам во крв, ниту да удрам некого пред да го завртам и другиот образ. Наградата ќе ми биде победа во војната внатре, на полето каде се отфрлаат силите на темнината.

Работникот навистина ја заслужува својата награда. Тргнал по патот запишан од Бога, како јагне меѓу волци, да ја носи пораката за Радосната вест. Таму ќе ја запознае својата немоќ и љубов кон Таткото за да ја претвори во сила. Ќе ги пронајде и своите ближни, многу далечни и слични на родот од Лукавиот. Ќе ја сретне и милоста сокриена низ уличките од каде не се пробива ехото низ бучавата на самопрогласените богови. Уморен на крајот на патот ќе застане пред изворот со жива вода недостапен за секого. Таму ќе биде наградата. И повеќе тежината на крстот нема да биде бреме бидејќи Кроткиот веќе Го прибрал со стадото.

С.П. Апостол

Оставете коментар

1 Comment on "Награда за работникот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

вечная памят…!

wpDiscuz