Надворешност и внатрешност

Надворешното и внатрешното, и покрај тоа што се неразделиви, делумно се независни.

Тоа е причината зошто тие секогаш кришум војуваат, како што маж и жена војуваат дури и во најдобро устроеното семејство.

Надворешната благообразност и истовремено внатрешниот гнилеж се фарисејство запечатено со Евангелието. „Фрисејство“ не како историска појава, туку како сопствена именка.

Надворешната нечистотија, или соблазнителната неуредност, или безумството на Авел е јуродивство, или потсетуваат на тоа. Се разбира, никако поинаку освен при внатрешна светост. Доколку е поинаку, тогаш станува збор за разгаленост.

Тоа се два пола. А што има во средина? Во средината е Вистината.

Христос Господ соблазнителен ли е? Повеќе не е, отколку што е.

Он е едноставен. Божествено едноставен. Тој е уште и Господ, за да биде Божествено едноставен. А луѓето се сложени. Затоа многу сложени видови на светост и лицемерност кружат околу Воплотената Вистина.

Во својата сложеност, Јован воопшто не е едноставен. Облечен е во облека од камилски влакна. Не е јасно што јаде. Внатре е свет. Однадвор – чуден.

Фарисеите пак обратно. Однадвор се добри, а внатре – прави гробови, полни со коски и нечистотија.

Посреди овие спротивности се наоѓа Христос, Кој се облекува без покана, но и без церемонии. Он јаде сè, и не само тоа што е чисто според Законот или чудно, како Јован. Во Него нема никаква необичност, која е забележлива кај подвижниците, ни надменост која е забележлива кај ревнителите за законот на праведноста.

Он е Вистината. Тој не треба ништо да претставува, туку само да биде.

Па, како сега ние, смртни и лицемерни, да најдеме начин да живееме?

Најпрвин, треба да се разбере дека пројавите на благочестивост кои биле востановени во историјата се променливи. Првовековниот свештеник надворешно не наликувал на средовековниот свештеник. Средновековниот пак надворешно не бил подобен на собратот од подоцнежниот период, како што не му е ни на нашиот современик. Суштината останувала, формата се менувала, а љубителите на формата секогаш се подготвени да го анатемисаат оној кој стилски испаднал од нормата.

Верата и начинот на живот е она што е главно. Надворешниот начин ќе се промени во мерата во која ќе се доближиме до изворот, а не обратно. Изворот не се пронаоѓа само со надворешното подражавање. Здолништето до земја и брадата до папок нема да ги намалат необразованоста, вулгарноста и суетата, туку само ќе ги зголемат.

Не знам како било порадно, но гледам како е сега. А сега е најважно да се проповеда верата, во неа да градиме и во неа да се укрепуваме. Сè друго останато: брада, здолништа, шалови – ќе си дојде на место.

Промената на надворешниот изглед без промена на внатрешниот свет е зло многу полошо од тоа да се води духовен живот во двосмислена облека.

Дошло време кога во нашите цркви надојдоја мнозина, со несреден ум и со различно и сложено животно искуство. Но тие луѓе сакаат на Бога да Му служат и да „починат во мир и покајание“. Не треба ние да им наметнуваме некои надворешни норми, како тие да се непроменливи и вечни, туку треба да обрнеме внимание на нивните души. Треба да ги прашаме што читале и што мислат за тоа; што ги плаши, а што ги радува. Потоа, со текот на времето, тие самите, без нашите совети ќе ги измијат лицата и ќе се облечат пристојно. Тогаш, тоа ќе биде знак за внатрешна промена, а не однадвор наметнатите наредби за облагородување.

Ако ние немаме доволно љубов и мудрост и духовен опит, тогаш нè разобличуваат оние кои плукаат по нашите мудри опомени. Па дури и попадијата, незавиена во марама.

Не сакам многу да се фалам. Многу е лесно да се привлече вниманието кон себеси, не со умот и животот, туку со перја во необични бои. Онаму кадешто тоа не е однадвор изложено, а животот е таков, јас внимателно набљудувам и размислувам.

Од каде воопшто кај нас јуродивството? Не само поради нашиот стремеж кон големи подвизи, туку и од епидемијата на лицемерието. „Секој се крсти, но не секој се моли.“ „По брадата – Авраам, а по делата – Хам.“

Зарем јуродивите не ги вразумувале вака нашите предци? Токму така, брзо и остро, кога сите ќе заглавеле во обредите и надворешите работи, и кога „внатрешната благообразна скинија“ кај сите ќе згаснела до таа мера што никој на неа не ни помисувал, и кога на мнозинството ќе му се допаднел обредот и изгледот, кога ќе му се допаднела надворешноста без внатрешноста, тогаш неизбежно се појавувал некој кој ги пренебрегнувал надворешните навики, и повеќе обрнувал внимание на внатрешните работи.

Ова е дијалектика, потреба. Соблазнителните праведници, јуродивите, блажените се однесуваат кон животот со огромно лицемерие, и нив многу ги привлекуваат второстепените и повремени форми на религиозниот живот.

За нас, ова е прашање број еден, затоа што ние треба да оживееме. А како и што ќе оживее? Ако само формата ја поддражаваме, тогаш тоа е патот кој води кон новата револуција. А ако се трудиме да се здобиеме со дух, тогаш треба да ги толерираме оние кои не се вклоуваат веднаш во првичниот вид на благочестивост.

Еден млад човек сакаше да се исповеда и да се причести, доколку јас му бидам духовен отец. Очигледно беше дека е целиот тетовиран од глава до пети (под јаката на кошулата ѕиркаа тетоважи), и кога ја отвори устата пред Путирот, јас изненадено извикав. Јазикот му беше расечен по средината, разделен како на змија! И што, да не требаше да го избркам? Не знам. Го причестив, бидејќи искрено се каеше.

Уште колку има такви кои не се вклопуваат во никаква конвенционална претстава!

Панталоните лесно може да се заменат со здолниште, и главата да се покрие и човек да се претвори во благочестива икона, но работата не е во надворешноста. Како ќе се изгради внатрешноста? На пример, расечениот јазик не може во еден ден да се излечи. А не треба да бидеме лицемерни. А ние сме такви. Затоа во нашите храмови уште долго ќе се појавуваат луѓе од разна возраст, уништени и неуредни внатре, но верници. Тие не сакаат ништо слично од себеси да направат, и некое време ќе го навредуваат изгледот на верниците со необичен поглед. Но сето тоа се привремени појави. Тие се болести на растењето и обновувањто. Потоа сè ќе си дојде на свое место. Треба да се истрпи.

Треба да го почекаме времето кога внатрешните промени ќе го победат надворешниот живот и ќе го потчинат на себеси, и тоа не поради надворешната благообразност, туку поради целовитоста.

При тоа, секогаш ќе постои ништожно мал процент вистински јуродиви, кои се внатре свети, а изгледаат чудно и неблагообразно. Но тоа е веќе друга тема. Што се однесува на мнозинството, јас одлучно се залагам за првенството на внатрешното над надворешното, и за тоа да се гради куѓата од темелот, а не од фикусите на прозорите.

Протојереј Андреј Ткачјов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz