На младите: за Бога, љубовта и убавината

Што нѐ прави убави? Внатрешната сила, која најчесто ја карактеризираме како светлина.

Кога Христос говорел во Палестина за вистинскиот Живот – Царството Божјо кое дојде во светот во Неговата Личност – кога исцелувал секакви болести и немоќи, тогаш надалеку се расчуло за Него. Дури до Сирија.

И ги доведуваа при Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, и бесни, и месечари, и фатени – а Он ги лекуваше. И по Него одеше многу народ од Галилеја и од Десеттоградието, од Ерусалим и од Јудеја, отаде Јордан. (Матеј 4,24-25)

Христос проповедал за живот ослободен од злоба, похотa и корист, а народот со часови Го слушал, заборавајќи да јаде и пие. Тој меѓу другото говорел: „Вие сте светлината на светот… Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Небесен“ (Матеј 5,14, 16). Во друго време и на друго место, исцелувајќи го слепородениот поинаку рекол: „Јас сум Светлина на светот“ (Јован 9:5).

Значи, кој е светлина? Он или луѓето? Зарем не е ова малку противречно? Не. Ова е причина и последица. Тој дури и јасно го има ова објаснето на едно место: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8:12).

Црна дупка

Светлината на животот и неговата убавина ни се Богодадени. Најверојатно сте слушнале за црните дупки во космосот. Можеби тоа се ѕвезди кои се разнеле, кои од вжештени гиганти се собрале во многу густи мали тела; тука времето и просторот си ги смениле улогите. Каква и да е природата на ваквите космички феномени, сите тие неповратно и без трага исчезнуваат. Тоа е бездната на небитието, пропаста на безнадежноста.

Секој кој „собира богатство за себе“, кој живее само за своите добивки и удопства, ужасно наликува на црна дупка. На занемувачки амбис во прекрасен свет. А ако амбисот нема дно? Ќе пропаднеме ли? Не дај Боже! Треба да Го молиме Бога за да не допушти да ни се случи таква беда. Се разбира дека човекот-дупка, односно егоистот, во свое време ќе треба да даде одговор пред Бога за потрошените години. И што ќе одговори? Да, нешто ќе треба да каже. Ќе каже дека е дупка, вечен непријател на себеси, самоистребувач, битие кое живее само за себеси.

А расцутената убавина овде на земјата, несебична убавина, во свое време ќе се претвори во убавина што не венее. Животот се пројавува во светлината, тој е светлина, светлина на јаснотијата на патот, на растењето. Но и убавината е светлина. Особена, скриена светлина која излегува од срцето. Според ова, животот и убавината се едно. Смислата на животот е во тоа да Му послужиме на Бога и на тој начин да се доближиме до Него. Толку да Му се приближиме, што ќе бидеме во Него. А Бога го гледаме и среќаваме само во другиот.

Да резимираме: Убав живот е оној кој е му одаден на другиот човек – на еден или повеќемина – без никаков личен интерес, со потполна свест и по волјата на срце кое е полно со љубов. Во таквиот живот, озарен со духовна светлина, сѐ сјае и зрачи топлина: очите, зборовите, делата и целата природа. Ако човек навистина се грижи за убавината, треба да знае дека модата нема многу да му помогне. Ако навистина се грижи за убавината, тогаш треба да биде пристоен. Чисто да живее и убаво да постапува.

Отец Павел Картјошев

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz