Мудри изреки и настани од животот на свети Пимен

Духовниот човек, живеејќи со своите браќа, треба да е сличен на идолскиот камен: кога го напаѓаат, да не се лути; кога го фалат, да не се гордее.

Да се поучува ближниот е исто онолку противно на вистинското смирение, колку што е и неговото изобличување. (со ова, св. Пимен сакал да каже дека не треба себеси да се поставуваме за учители на другите, што на тој начин човекот станува горд, бива понесен и ја губи својата душа).

Корисно е да се оддалечуваме од изворот на гревот. Човекот кој е близу до изворот на гревот, како да се наоѓа на раб од бездна, од кадешто непријателот лесно може да го турне во неа. Кој стои подалеку од изворот на гревот, сличен е на човекот којшто стои подалеку од бездната, и доколку непријателот би го повлекол во неа, би имал време и место да се спротивстави и да повика за помош.

Ако човек не биде умерен во јадењето, не може да стане скормен и кроток.

Еден брат го праша отец Пимен: дали е корисно да се фали ближниот? Тој му одговори: „Покорисно е ништо да не говориме за него“.

И пак: „Ако јас забележам дека мојот брат нешто згрешил, дали е корисно да го прикријам неговиот грев?“ Старецот му одговори: „Ако ги прикриваме и покриваме грешките на нашите ближни, и Бог ќе ги покрие нашите гревови“.

Отец Пимен говореше: „Оној човек, којшто се кае и моли поради своите гревови, ми е помил од човекот кој навистина не греши, но не се кае и не се моли. Оти, првиот добро мисли за себеси, признавајќи се себеси за грешник, а другиот лажно суди за себе, дека е праведник.“

Братот го праша отец Пимен: „Кога дознав дека еден брат тешко погреши, веќе не го викав со радост кај мене; меѓутоа, братот којшто е прочуен и познат, со радост го примав кај мене. Што велиш, отец, за ова?“ На ова Пимен му одговори: „Кога му правиш добро на добриот брат, тогаш за оној којшто греши направи двојно повеќе, затоа што тој е духовно немоќен, болен. Да ти раскажам и за ова: Во еден манастир живееше отшелникот Тимотеј. Настојателот на манастирот дозна дека еден брат паднал во искушение (во грев), па го праша испосникот за совет, за тоа како да постапи со грешниот брат. Отшелникот му одговорил да го избрка од манастирот. Штом го избркале грешниот брат, страсната возбуда, од којашто пател братот, прејде на Тимотеја, и тој се најде во една грозна, опасна состојба. Тимотеј се сети на причината за ова, па започна со плач да Го моли Бога за прошка: „Согрешив, Господи, прости ми“. Тогаш му дојде глас од небото: „Тимотеј, знај дека го допуштив ова искушение врз тебе, затоа што ти го презре брата си во неговото искушение“.

Епископ Мелентиј Тимочки
„Духовно злато со кое се купува небото“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz