МП за Хигсовиот бозон

Претставници од Московската Патријаршија им честитаа на научниците за можното докажување на постоењето на Хигсовиот бозон, од многумина наречен и „божја честичка“.

„Се радувам на ова откритие и би сакал да им честитам на научниците. Откритието, најверојатно, повторно го поставува прашањето дали материјата отсекогаш била таква каква што е денес, или пак, од почетокот се развивала според одредено сценарио и не е ниту вечна, ниту непроменлива, како што многумина мислеа пред само неколку децении“, изјави претстедателот на Одделението за односи меѓу Црквата и општеството при Московската Патријаршија, отец Всеволд Чаплин.

Како што во средата беше соопштено, научниците од Европската организација за нуклеарна физика во Швајцарија изјавија дека ја откриле новата субатомска честичка за која сметаат дека е Хигсов бозон, честичка чие што постоење до сега се сметаше за теоретска шпекулација. Самото име пак, „божја честичка“ е резултат на улогата којашто бозонот ја имал при создавањето на вселената.

Ова откритие ќе се вклопи во општоприфатената теорија за создавање на светот, а според која по „Големата експлозија“ се формирала сила позната како Хигсово поле, директно поврзано со појавата на масата на честичките вклучени во генезата на атомите.

Како што забележа отец Сергио Бертолучи, „човештвото штотуку започнува да го запознава како духовниот, така и материјалниот свет. Ние, всушност, не можеме со голема сигурност да знаеме што има 20 километри под земјата, макар што гледаме во оддалечените ѕвезди. До сега можеме да проучиме само 4% од честичките, додека 96% од нив остануваат тајна за нас“.

Тоа значи „има уште многу простор за истражување и размислување, за запознавање и разбирање на ограниченоста, за смелост и смирение на човечкиот ум“, заклучи отец Всеволд.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz