Монаштво и брак

Монаси

Кој не е соединет во брачна заедница, вели св. Јован Златоуст, сам по себе не претставува целосен човек, ами е лишен од својата половина. Мажот и жената претставуваат еден човек. Овде е важно да напоменеме дека оние христијани кои одлучиле да примат монашки завет, не се осамени, односно не претставуваат половина човек. Монасите и монахињите, при потстригот ја добиваат својата втора, духовна половина од самиот Господ Исус Христос. На тој начин тие го објавуваат и живеат посовршениот животен облик за којшто говори апостол Павле: „Не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,20). Свети Атанасиј Велики во своето Послание кон монахот Амун, многу убаво говори за патиштата на брачниот и монашки живот, велејќи: постојат два пата во животот, едниот умерен и соодветен на животот, мислејќи на бракот, а другиот ангелски, и најсовршен, а тоа е девственоста; и ако некој го избере мирскиот пат, односно бракот, за тоа нема да подлежи на никаков прекор… оти и тој ќе даде плод од триесет; а оној кој го возљубил чистиот и надприроден пат, макар да е тоа суров и тежот пат наспроти првиот, ќе добие дар прекрасен, што ќе даде совршен плод од сто [таланти]. Девствениот, монашки живот е навистина тежок, зашто денес, монасите и монахињите се ангели на земјата, изложени на духовни искушенија и презрени од светот, повеќе од било кога претходно. Сепак, нивниот труд не ќе остане ненаграден, оти за трпението Бог ќе им подари спасение, како што кажувал блажениот Максим јуродив.

Онака како што планинските шуми се чувари на нашето телесно здравје (зашто го прочистуваат воздухот што го вдишуваме), така и нашето чесно монаштво е чувар на нашите души, затоа што монасите се молат за спасение на нашите души. Кога спиеме, или кога ги извршуваме нашите секојдневни работи, нивните молитви топло нѐ греат. Нивните молитви допираат и до срцата на оние луѓе кои го презираат, или едноставно не ја сфаќаат жртвата на монаштвото. Затоа што, како што родителите се жртвуваат за своите деца, домот и ближните, како и монасите и монахињите со сето свое битие се жртвуваат за Господа, Црквата и верниот народ. Родителите се радуваат кога го гледаат напредокот на своето семејство, исто како што сите чесни монаси и монахињи се радуваат на духовниот напредок на Црквата и верниците. Мајката Црква и сиот Нејзин народ, исто толку се радуваат на секој благочестив монах или монахиња, кои со нивниот чесен живот ја пазат верноста кон својот Жених, Христос. За таквиот живот многу убаво се изразила светата монахиња Макрина, сестрата на св. Василиј Велики, со зборовите: „Мојот Жених е жив во надежта на воскресението, и не би било добро да ја сочувам верноста кон Него“.

Исто така, важно е да напоменеме дека оние мажи и жени кои не живеат во брачна заедница, ниту пак со душата се врзани за Бога, туку своето време го поминуваат во телесни разоноди, пијанство и душеморство, прават голем грев. Осудата на неверниот слуга кој го сокрил својот талант од Спасителот (Мт. 25, 14-30) се однесува, меѓу другото, на сите оние луѓе кои ги избегнуваат своите животни обврски кон семејството. Тие во себе го кријат талантот на добри татковци и грижливи мајки, оти Господ секој од нас го благословил со некаков дар. Нашата вера, без љубов и подвиг (жртва) е безживотна. Гледајќи ги монашкиот и семејниот пат, гледаме дека и едниот и другиот го носат Христовиот јарем. И двата пата се тешки, но сите оние кои со вера го прифаќаат тој јарем, ќе добијат помош од Бога, Кој рекол: „Јаремот мој е благ, и бремето мое е лесно“ (Мт. 11,30). Оние пак, кои одбиваат да го примат тој јарем, и се оддаваат на лагоден живот, немаат удел со Христа, ни во овој, ниту во небесниот свет. Затоа е голема штета за нив, за нивните родители, за народот и Црквата, бесцелно да го проживеат овој краток живот.

„Бракот во црковната традиција“
Мирослав Симијоновиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz