Молитви на езерото: LXXXII

Кренаа неверниците војна против Господ на небото и на земјата – суви лисја против планинскиот ветар. Додека ветрот молчи, се слуша шуштењето на лисјата. Но кога ветерот ќе разшуми, ќе се развеат листовите по ридовите и по друмовите и така оставени, лист по лист ќе го изгубат авазот и ќе се залепат за блатото.

Бидејќи неверникот во толпата се чувствува силен и крева глас. Во самотијата го јаде стравот и немоќта. А верникот кога е во толпата ја дели немоќта со неа, а во самотијата ја дели моќта со Тебе; затоа самотијата е негова снага и негова песна.

Против кого кревате војна, безумници? Против оној, кој со својата помисла ги пали сонцата и стадата сонца и ѕвезди ги гони со својот стап? Навистина, помалку е смешна војната која врбите им ја прогласуваат на громовите и чиковите водени од страшните кондори.

Света Гора

Исковавте оружје со кое се истребувате еден со друг, па станавте со исто оружје да војувате против Него. Но гледај, Тој може да оди по мачевите ваши како по мека маховина. Ниту толку се плаши од вашите ѕидини колку што се плаши од вашите гробови.

Измисливте ситни зборови со кои се понижувате и навредувате еден со друг, па мислите дека со вашите ситни зборови ќе го понижите Оној, кој знае што е зборот и од каде е? Гледај, Тој ви ги создаде гласниците во грлото и ви ја рашири плуќата под гласниците и ви ја просече устата и ви го врза јазикот во устата. Навистина, помалце е смешно востанието на инструментите во дуќанот против својот мајстор и жиците на харфите, против раката што удира на нив.

Не му објавивте војна на Бога туку себеси, и Бог со сожалување го гледа вашето самоубиство. Суви лисја им објавија војна на железните тркала.

Колку повеќе војувате против Него, за толку повеќе Тој се понезадржливо се извлекува од вас. Ја извлекува Господ од вас својата снага, својата убавина, своето здравје, својата мудрост и своето блаженство. Тоа е начинот на војување на Господ Вишниот против своите противници.

Што останува од вас, ревносни борци, кога Господ ќе го извлече од вас она што е Негово? Не останува ли немоќта, грдотијата и болеста и безумието и несреќата? Ништо нема да ви одземе Бог од она што е ваше. А ваша е немоќта. И кога Тој ќе ја земе својата моќ која вие ја злоупотребувате, ќе ви остане вашата гробна немоќ која не ни е за употреба ниту за злоупотреба.

Ќе ја тргне Бог својата убавина од вас и жабите стрмоглаво ќе бегаат од вашата грдотија.

Ќе го тргне Господ своето здравје од вас и вашата крв ќе се претвори во гној и ќе бидете мирис угоден за црвите, мирис, од кој градовите ќе ги затвораат своите капии.
Ќе ја врати Господ својата мудрост кон себеси и вие во безумство ќе јурите по стрмнините и ќе се карате со пештерите.

Блаженството свое и мирот свој ќе ги отповика Господ кон себеси и од вашиот немир ќе се уплашат изворите и ќе побегнат; и лозата во брдото ќе се исуши поради несреќата ваша и земјата во полето ќе го врати својот плод назад под земјата.

Таков е начинот на војување на Господ Севишниот со своите противници.

Како дете, немоќен е да направи зло. И не му враќа на злото со зло, бидејќи е пресиромашен во злото. Но само ги собира своите добри дарови и си заминува со нив од оној кој чкрта со забите на нив. И ги остава Господ неверниците сами со себе. И тие се распаѓаат како дрво црвоточно, од кое излегла сировината и по чија гнилост црвите шетаат за храна, како по напуштен дом.

Тоа се случува и со народот кој му објавува војна на Животодавецот.

Му реков на својот народ – запoмни: таква е победата на Животодавецот и таков е поразот на безбожникот.

Преподобен Николај Охридски и Жички

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz