Молитви за нашите ближни

Молитва за благослов на домот

Семилостив Боже, благослови го нашиот дом и Твојата силна рака да биде над сите што живеат во него. Испрати ни ангел пазител! Чувај нè од несреќи, замјотреси, оган, поплави, од болести, од непријателски напади и од секое зло. Не дозволувај во нашиот дом да влезе лукав и нечист дух, таков што сè осквернува и ги расипува добрите меѓусебни односи, што внесува непокорност и негрижа кон Твојот свет закон; што внесува раздори и кавги и ги одзема мирот и љубовта. Помогни ни да напредуваме во добродетелниот живот и цврстата вера, нашите души да се приврзат со чист и светол живот за Тебе, та кај нас да дојдеш Ти, Господи, и да живееш во нашиот дом, да царуваш во него – во нашите души и срца; да владееш со нашите мисли, чувства и желби. Ослободи нè од непотребни грижи и освети ги нашите радости. Поткрепувај нè кога сме слаби и нажалени. Ако си со нас во тешките часови на тага и мака, на колебливост и исплашеност, тогаш нашите страдања и солзи се полесни, поподносливи. Исцели ги нашите скриени болки и душевни рани, зашто нив само Ти ги гледаш и само Ти можеш да ни помогнеш. Преблаг Господи, не нè оставај никогаш сами, за да не дојде при нас непријателот на нашето спасение и да нè погуби. Во нашиот ум секогаш нека е светото Твое име. Амин!

Молитва за мир во домот

Боже на љубовта, на мирот и долготрпението! Помогни ни на сите нас, кои живееме во овој дом, и кои сме сврзани по родот и по верата во Тебе; во длабок мир да престојуваме во него; во согласие, во разбирање и во љубов. Умножи го нашето долготрпение, како што си и Самиот Ти, Господи, долготрпелив кога грешиме, и не ни даваш по праведниот Твој суд. Скротувај го и во благост претворај го нашиот грев и раздор, за да не се всели злото меѓу нас, да не причини големи штети, да не ги помрачи душите наши и да не ги раздели оние што живеат под благословениот од Тебе покров на нашиов дом. Ти Кој на сите им проштеваш – изгони го секое злопамтење од нашите срца и дај да бидеме брзи во проштевањето и помирувањето. Отстрани го со Твојата моќна десница коренот на секое несогласие и раздор, и всели дух на кротост и љубов во срцата наши, за да бидеме благословено потомство на домот, кое напредува во секое добро во Твојата слава; на Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин!

Молитва на родителите за нивните деца

Господи и Боже наш, Создателу на човекот и Оче Небесен! Ти го утврди и благослови бракот, велејќи: „Растете и множете се, и наполнете ја земјата!“ Ти нè благослови и чеда ни даде, за да ја зголемиш радоста во домот наш. Неискажлива е милоста Твоја кон нас и ние смирените слуги Твои од срце Ти благодариме. Децата наши наследство се Твое, Господи, зашто Ти си Отец наш Небесен. Затоа усрдно Ти се молиме, прими ги под моќната Твоја закрила, и пази ги нивните души и тела како Свое наследство. Со добро здравје дарувај ги, од болест пази ги и од секоја скрб, укрепи ги да растат недопрени од искушенија, да му се радуваат на животот, Кој Самиот Ти си им го дал. Особено дарувај ги со светиот Твој благослов, за да бидат запазени од прелестите и замките на лукавите бесови. Исполни ги со Светиот Твој Дух, та секогаш да ја исполнуваат волјата Твоја и да се учат од законот Твој.

Запази ги од грев, од секакви страстни соблазни, од дружба погана и од книги бесловесни. Дај им сили да растат во мудрост, да зреат во доблест, за да не ослабне нивната синовска почит кон Тебе, и да им се покоруваат на нашите добри родителски совети, со внимателно срце да ја слушаат секоја поука, која ги открива светите Твои заповеди и да бидат верни чеда на Твојата света Црква.

Дај ни нам, Господи, уште од младоста нивна со дело и со збор да им бидеме наставници во доброто и вистината, и учители на верата. Пред Тебе ги исправаме, на благоста и милоста Твоја, на крепката помош Твоја и заштита. Прими ги нив и нас, за да бидеме секогаш Твои и со благодарни срца непрестано да ја славословиме Твојата безмерна добрина и Твојата спасителна промисла. Амин!

Молитва на децата за нивните родители

Колку сум радосен Господи, кога Тебе Ти се обраќам и за моите родители се молам! Тие непрестано за мене се грижат, се трудат и со голема љубов сакаат од секоја беда да ме избават, од болест и од секое зло. Тие секогаш ми посакуваат добро и сакаат здрав да бидам, за да станам добар и разумен човек. Плати им, Господи, со благословот Свој за сите добрини и за љубовта кон мене. Дај им здравје и радост, пази ги од тага и беда, укрепи ги низ целиот живот среќни да бидат. Не лишувај ги од помошта Твоја и секогаш бдеј над нив. И мене помогни ми да ги љубам, да им бидам послушен, да ги исполнувам нивните добри совети, со ништо да не ги огорчам, и да им бидам утеха и радост. Тоа е нивната најсакана награда за нивните грижи, беспокојства и труд, кои во мене ги полагаат. Од сè срце Те молам, обдари ги со таа награда. Почуј ја, Господи, срдечнава молитва моја и исполни го домот наш со радост, зашто ние од Тебе секоја добрина ја чекаме и Тебе Те прославуваме како наш Небесен Отец. Амин!

Оставете коментар

2 Comments on "Молитви за нашите ближни"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

zosto se palat sveki za pochinatii na grobovite

КОлку што јас имам научено; Свеќата е нашата бескрвна жртва на Бога, која со нејзината светлост, топлина и трошност го претставува самиот живот на секој кој верува, се надева и Го љуби Бога и ближниот. Свеќата е без зборови искажана молитва пред Бога и надеж во Божјата помош.Акога палиме свеќа за починатите се молиме Бог да им ги спаси душите , да им ги прости гревовите ако имаат неисповедани,знаени и незнаени и нивните души да најдат мир.

wpDiscuz