Молитва за започнување на денот од старец Софрониј

се кажува при станување од креветот

Вечен и Беспочетен Цару, Ти кој Си пред сите светови, Создателу мој, Кој си ги повикал сите нешта од небитие во живот: благослови го овој ден што Ти, по твојата неискажлива добрина, го даруваш на мене. Со силата на Твојот благослов направи во секое време во денов кој доаѓа да глаголам и делувам за Тебе, во Твоја слава, во Твој страв, според Твојата волја, со чист дух, во смирение, трпеливост, љубов, нежност, мир, храброст, мудрост и молитва, и насекаде да бидам свесен за Твојата присутност.

Да, Господи, по Твојата огромна милост води ме преку Светиот Твој Дух во секоја добра работа и збор, и дарувај ми целиот мој живот да го минам покрај Тебе без да се сопнам, според Твојата праведност која Си ни ја открил за да не ги зголемувам моите прегрешенија. Многумилостив Господи, поштеди ме мене кој гинам во изопаченост; не сокривај го Своето лице од мене. И кога мојата зла волја ме води да пропаѓам по други патишта, не напуштај ме, Спасителу, туку врати ме на Твојот свет пат.

O предобар Господи, пред Кого сите срца се отворени, Ти ја знаеш мојата беда и мојата непромисленост, моето слепило и безполезност, но и страданијата на мојата душа се пред Тебе. Поради тоа и Те молам: чуј ме во мојата неволја и исполни ме со Твојата сила одозгора. Крени ме мене, од гревови неподвижниот, и избави ме мене, од страсти обременетиот. Исцели ме од секоја скриена рана. Очисти ме од секоја нечистотија на телото и духот. Заштити ме од секоја внатрешна и надворешна побуда која е непријатна пред Тебе и болна за мојот брат. Те молам: утврди ме да одам по патот на Твоите заповеди и до последното издихание мое не оставај да заскитам од светлината на Твоите повеленија, за Твојот закон да биде единствениот закон на моето постоење во овој живот и вечноста.

Боже, мој Боже, кон Тебе се обраќам за многу и велики нешта: не оставај ме. Не ме оттргнувај од Твојата присутност поради мојата самообразеност и бесрамност, но преку силата на Твојата љубов води ме по патот на Твојата волја. Подари ми да Те љубам како што и Си повелал, со сето мое срце, со сета моја душа, со сиот мој ум и сите мои сили: со сето мое битие.

Зошто Ти самиот Си свети бранител и семоќен заштитник на мојот живот, и Тебе Ти прилега секоја слава и кон Тебе во молитва прибегнувам. Подари ми да ја познаам Твојата вистина пред да се разделам од овој живот. Одржувај го мојот овоземен живот сè додека не Ти понудам вистинско покајание. Не земај ме во средината на моите дни, и кога ќе благоволиш да го приведеш при крај мојот живот, предупреди ме за мојата смрт, за да ја подготвам мојата душа за средбата со Тебе. О, Господи, биди со мене во мојот велик и свет ден, и дарувај ми ја радоста на Твоето спасение. Очисти ме од пројавени и сокриени гревови, од сиот немир кој е скриен во мене; и дај ми да го чујам добриот одговор пред Твојот страшен престол, на Судот. Амин.

Оставете коментар

3 Comments on "Молитва за започнување на денот од старец Софрониј"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

prekrasna molitva,prodolzete taka

ПРЕКРАСНА МОЛИТВА! Ми ги наполни очите со солзи, толку многу продре во моето срце. Ви благодарам од сé срце!

Amin!

wpDiscuz