Митрополитот пирејски Серафим го повика Ердоган да се покрсти

Митрополит Пирејски г. Серафим

Високопреосветениот пирејски митрополит г. Серафим уште еднаш ја разбранува јавноста, овој пат поради писмото на 37 страници испратено до турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во кое го повикува турскиот државник да се покрсти, а кум на крштевката да му биде рускиот претседател Владимир Владимирович Путин. Звучи како шега, но веста е вистинита.

Имено, во деновите на Страсната седмица митрополитот Серафим на турксиот претседател му испратил писмо од 37 страници напишано на грчки јазик, во кое го повикува да се откаже да исламската вера, и да прими крштение во Вселенската Патријаршија.

Писмото започнува со анализа на блискоисточната криза, при која митрополитот посочува дека добрите односи меѓу Турција и Русија се „мошне важни“, и дека токму поради руската поддршка Турција може рамноправно да разговара со САД и ЕУ. Писмото продолжува во истиот тон и грчкиот владика ја изразува неговата увереност дека во случај Турција да не успее да се приклучи во ЕУ, Ердоган сигурно има разработен „план Б“ за возобновување на древната слава на Отоманското царство во што голема улога ќе има и поништувањето на „секуларноста наметната од Ататурк“. Но, при напуштањето на секуларноста, според митрополитот, православието – а не исламот – треба да одигра консолидирачка улога.

„Ако сакате да се спасите себеси и Вашето семејство, треба да примите православно христијанство, единствената вистинска вера. Ви предлагаме и советуваме пред крајот на Вашиот овоземен живот да пристапите во прегратките на Православната Црква. Во спротивно, за жал, Вие, Вашето семејство и Вашиот народ ќе се најдете на место на страдање, вечен и бесконечен пекол“, се вели во писмото. Понатаму, контроверзниот грчки владика го повикува Ердоган да се покае, да плаче, да се смири и да поверува во Христа, и тврди дека Бог Троица ќе го прифати.

Во случај претседателот на Турција да го послуша советот од митрополитот, тој вели дека православните на земјата и небесата ќе се радуват, па дури и ангелите на небесата, штом тој ја најде правата вера. Во опширното писмо грчкиот јерарх ја анализира и состојбата на Грците за време на четиривековното турско ропство, Лозанскиот мировен договор, скорешната историја на Турција, како и нејзините напори за зачленување во Европската Унија.

И покрај тоа што писмото го завршува со „почит и искрена братска љубов“, во него со остар тон се говори за Куранот, Мухамед и исламот.

Целото писмо може да го прочитате на официјалната страница на Пирејската Митрополија.

Извор: romfea.gr, pravoslavie.ru, neoskosmos.com

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz