Мисионерски технологии

Ловци на луѓе

Постои едно гледиште, според кое токму несогласноста на православието со „духот на овој век“ може да го направи православието уште попривлечно. Како пример, ќе го разгледаме проблемот со мисионерските технологии [техники].

Современата цивилизација е технолошка. И човекот, воспитан во неа, насекаде ја бара технологијата. „Како да научите англиски јазик за 20 часа?“. „Како да се избавите од алкохолизмот за 5 сеанси?“. „Како сам да изградите своја викендица за еден месец?“. „Како да се најдете во Царството Божјо во пет чекори?“. А православието е нетехнолошко. За разлика од современите секти, ние немаме подготвено технологија која би можеле да му ја предложиме на „клиентот“. Поради тоа, ние губиме од оние кои ја имаат таа технологија. Окултизмот е изразено технолошки. „Сакаш да достигнеш просветлување? – Еве ти мантра, еве ти гуру, еве ти и поза: оди и пеј!“.

Неопротестантизмот е изразено технолошки. „Го прифаќаш ли Христа како личен Спасител? Алилуја! Ти си спасен! Потпиши се ете овде, и впиши го датумот!“. Неопротестантот помни како бил обратен. Тој се сеќава како му пришле, како му се обратиле, по кој редослед му поставувале прашања и кои библиски цитати или аргументи биле наведени како одговор… Поради тоа, преобратениот протестант и самиот е во состојба да ја произведе таа мисионерска технологија во неговиот контакт со другите. А во православието ги нема таквите технологии. Самиот се губам кога од теоретски прашања, моите соговорници преоѓаат на практични. Еднаш ме збуни наједноставното прашање: „Што треба да направам, за да бидам православен?“. Тоа прашање ми го постави еден младич после моето предавање во сибирскиот град Нојабрск. И јас се збунив. Да ми поставеше прашање за односот кон ова или она, или за карактеристиката на црковното богословие во третиот век, ќе му одговорев… Да ме прашаше што да прочита, ќе го посоветував… Но тој ме праша за најважното… Во Евангелието стои одговорот на Спасителот на сличното прашање. На младичот кој Го прашал што да прави (да прави, а не да чита!), Христос му предложил сè да остави, и да појде по Него. Но јас не сум Христос… Сепак, му предложив нешто слично. Тие денови немав ни половина час да поразговарам со тој младич на само. Но, беше доволна и минутка, за да дознаам дека тој штотуку завршил факултет, и дошол на север да бара работа. „Ако бараш работа, значи сега немаш работа?“ – „Да.“ – „Ако немаш работа, значи имаш слободно време?“ – „Да.“ – „Тогаш фати се за мојата мантија и прошетај со мене на сите предавања кои ќе ги одржам овде во следните три дена… Можеби нешто добро ќе чуеш“. Третиот ден се простивме – и во поларната ноќ наеднаш видов дека тој плаче. Замислете: таков огромен јунак стои и плаче. Значи, нешто се раздвижило во неговата душа, нешто свое тој добро слушнал. Што – до ден денес не знам.

Православната проповед навистина е нетехнолошка. Во неа нема ни „односи со јавност“, ни свесно пресметано влијание на потсвеста. Нема „перење на мозоци“ на новопридојдените како на подвижна лента. Сè е личносно и непредвидливо, незагарантирано.

Но токму поради тоа, тоа може да ги привлече луѓето кои се плашат од технологии. Зашто, во општество кое преживеало децении на тоталитаризам, природно, има многу луѓе во кои живее страв, својствен на јагненцето од еден прекрасен советски цртанфилм. Се сеќавате, тоа јагне секогаш се плашеше – „А мене ме пресметаа!“. Таа внимателност од светот на технологии и бројки ги принудува луѓето да се оттргнат од религиозната проповед која е отворено технолошка. Православието молчи. Тоа не повикува и не наговорува. И тоа тивко православие проповеда со својата нечујност, неагресивност.

Да, масовната свест посакува едноставни одговори. А православието не може да се смести ви едноставен рецепт. Во православието има многу сложени нешта, противречја, нејасни прашања, спорови… Тоа што е тешко и нејасно, може да го одврати човекот кој не е научен на самостоен интелектуален труд. Но, тоа ги привлекува луѓето кои размислуваат. Она што ги плаши едните, предизвикува доверба кај другите. А како резултат на тоа, во големите градови православието се претвора во религија на интелектуалците. Тоа е привлечно за луѓе кои имаат интерес за историја, детали, сложеност.

Еднаш, додека уште бев во богословијата, се запознав со едно дете кое се подготвуваше да се запише во една католичка семинарија, па дури и ги поднесе своите документи за упис. Се дружевме пола година, и како резултат на тоа дружење, тој ги повлече документите од таму и прејде во православиео. Околу една година подоцна, кога се утврди во православието, го прашав: „Слушај, дали сега можеш да ми кажеш во кој момент спозна дека вистината е во Православието?“ Поставувајќи му го тоа прашање, во себе суетно мислев дека тој ќе ми одговори: „Се сеќаваш кога ми го посочи тој и тој аргумент?“, или: „кога ми ја даде да ја прочитам таа и таа книга“. Но, ништо слично на тоа: „Еднаш дојдов кај тебе на гости во богословија, ми вели, и шетајќи се низ градината, во пресрет ни доаѓаа твоите школски пријатели. Наеднаш, ти се наведна, направи снежна топка, и ја фрли во лицето на твојот другар. Тој ти одговори на истиот начин. Во тој момент во мене сè се преврте и си помислев: »Ете ја вистинската слобода! Еве ја правата љубов!«“.

Луѓето со право се плашат да не станат жртви на перење на мозоци. Поради тоа во лексиконот на еден мисионер не треба да постојат комсомолските зборови од типот „младинска работа“. Не смее да манипулираме со луѓето. Не треба да постојат никакви „антрополошки“ технологии, а во тој смисол, и технологии на воцрковување.

Протоѓакон Андреј Кураев
Од книгата „Перестројка во Црквата“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz