194-то писмо, за противниците на верата

До Богословот К. И.

Зошто си се уплашил? Против твоето богатство се кренаа сиромашните и ти се уплашил! Отсекогаш е така, сиромашните незадоволно ги гледаат богатите. Твојата вера – твое богатство. Твојата христијанска вера ги опфаќа небото и вечноста и животот и вистината и правдата и радоста и светлоста и ангелите и песната. А оние кои го немаат тоа се бунат против тебе, вистинскиот богаташ. Да се беа бунеле за и тие сами да станат духовно богати како тебе, па да се радувавме. Но не; тие сакаат само да те осиромашат. Во тоа е разликата помеѓу побуниците против светските богаташи и побуниците против духовните богаташи. Првите сакаат да одземат и да присвојат, а вторите – да одземат и фрлат. Кај првите најчесто е корист, понекогаш и завист, а кај вторите е пакоста. Пакоста се храни со мракот на незнаењето и во своите недра си носи казна себеси. Ако го мразиш пакосникот, двојно го казнуваш. Ако му се плашиш, себеси се казнуваш. Во ништо не се плашите од противникот, нè учи апостолот; бидејќи, вели, противењето е нивен знак на гибелта, а вашето на спасение, и тоа од Бога (Фил. 1, 28).

Севидечкиот те гледа и тебе и твоите противници; непрестано ве гледа, од утро до вечер и од вечер до утро. Мисли на Севидечкиот и нема да имаш страв. Еден храбар младич ми пишуваше како тој се бори за својата душа. „ Кога ќе го замислам, вели, Бог покрај мене јас ни малку не се плашам од противникот; но откако мојата мисла за близината до Бога се оддалечи од мене, ме опфаќа страв“. И овцата се чувствува храбра покрај својот пастир. Доближи се до добриот твој Пастир, Христос. Моли Му се да не те остави. И моли Му се да им ги отвори и очите и срцата на противниците на верата, за да прогледаат и видат, дека не се ничиви противници, освен свои. Да би прогледале и да би го виделе единствено своето спасение.

Мир ти од Бога!

Свети Николај Охридски и Жички
Мисионерски писма

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz