Мирна бура

И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Он спиеше. Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: “Господи, спаси не: загинуваме!” А Он им рече: “Зошто сте толку плашливи, маловерни? “ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.

Матеј 8, 24-26

И ете настана голема бура во животот така што брановите го покриваа моето досегашно спознание полно со неотповиклива доверба во крајот што секогаш добро завршува и упорно ги распрскува моите надежи како нивните капки во молекули од водород, кислород и страв. Едвај можев да ја разберам промената која од дрзок непријател на Лукавиот и верен поддржувач на сѐ она што симболизира бело, ме претвори во немирен зајак чии очи и уши сигнализираат паника и колебливост во кој правец да се погледне, а во кој да се побегне. Очекував оправдување во јачината на бурата и нејзината немилосрдност обучена да уништува до сто проценти, што од телото, што од душата. Немаше толку да плачам ако водата ми го саботираше дишникот или преполнеше алвеолите. На колена, до црната земја ме понизи мигот кога помислив дека Бог ме оставил, дека тоа беше во време на Неговата починка.

А Он спиеше. Селективноста на моето расудување во услови во кои ме доведе бурата, бесрамно ме убедуваше дека Тој е во својот голем кревет сега, таму некаде помеѓу Престолот и реката, таму каде што не допираат моите очајнички извици, каде хармонијата во сонот е поради многуте праведни. Се погледнував во небото и чекав да го пробуди мојата несоница, солзите кои немаа пат во висина, но капеа во низа пресолена, и шепотот кој наликуваше на молитва дирекно од срцето недостојно, но покаено.

xc-go-smiruva-moreto

Се приближив до Него, Го разбудив и Му реков да ме спаси, оти загинувам. Тогаш заборавив на моите страсти, празни ветувања, осквернети илузии… Заборавив на грчот на Неговото лице додека висеше на крстот со испукани усни кои молеа за нас. Заборавив и на Јагнето кротко застанато пред своите убијци со големо бреме на грбот. Најважно беше да ме спаси, оти загинувам. Којзнае како ја замислував таа погибел? Можеби ми беше жал за плотта која ќе им биде храна на црвите. Или страв од вечната ноќ во пазувите на гробот во кој нема ништо освен бескрајно мирување. Или ужас од приказните за котелот полн со врела вода во кој ме превртува притисокот од остар трозабец раководен од црвен ѓавол со црни рогови и иронична насмевка. Без оглед на сѐ, најважно беше да ме спаси.

Тој ќе ме праша зошто сум толку плашлив? Не е одговорот во компарацијата со и стереотипот на човечкиот род. За среќа има неколку од нас кои тргнале по долината на смртната сенка и не се исплашиле од злото, бидејќи Твојот жезол ги успокојува. Тој ќе ме праша зошто сум толку маловерен? Не е одговорот во тоа дека не сум видел за да поверувам. За среќа има неколку од нас кои имаат вера поголема од зрно синапово, па планини можат да преместат.

Потоа стана. Тој стана за да ми помогне. Ќе застане ли на чело на армијата од илјадници илјади воини со ореоли кои ќе јурат кон мене, ќе ме приберат во нивните редови за да удриме по демоните и нивната зла совест? Ќе седне ли во ќелијата пред толпата и ќе раскажува парабола со милни зборови кои ќе допираат и до мене вознесен долу покрај Неговите нозе? Ќе ги остави ли деведесет и деветте овци само и само да ја пронајде изгубената мене? Да, ќе го стори тоа.

Им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина. Почувствував олеснување во дамарите како некој нов јас да ме повикува да се претопам. Тој беше кристално чист, без товар на грбот и световно однесување. Сакав да го прашам дали се сврши, но немаше потреба за благодатта која се гледа додека извира. Ниту за мирот кој се населил насекаде низ мислите. Навистина оваа била мирна бура, … си помислив.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz