Месецов се разделивме од тројца учени светогорски старци

Во текот на овој јуни, овоземната Црква се раздели од тројца прочуени и учени светогорци чии живот и дело во голема мера влијаеше врз оформувањето на современата богословска и подвижничка мисла. Прв пред Господа се претстави старец Мојсеј Светогорец. Неколку дена подоцна, старец Никодим падна од покривот на неговата келија во Капсала, а на денот на Светата Педесетница познатиот григоријатски старец, архимандритот Георгиј Капсанис на Бога ја предаде својата богољубива душа.

Старец Мојсеј Светогорец се подвизувал во скитот на св. Јован Златоуст на свештениот манастир Кутлумуш. Многумина го сметаат за најплодоносен светогорски современ автор, чии книги се преведени на повеќе светски јазици. Бил уредник на светогорскиот часопис „Протат“, и учествувал во над 800 научни и богословски конференции. Неговото значење за Црквата денес е што преку неговите книги и предавања успеа да го пренесе светогорскиот дух насекаде низ светот.

Старец Мојсеј уште од 19-годишна возраст водел битка со болките во неговото тело, и честопати знаел да каже дека животот поминат во болка е лествицата која ќе го доведе до Рајот. Пред осумнаесет години заминал за САД, каде што му била извршена операција за пресадување на слезина. Ова патешествие е документирано во книга и видео запис. Кога влегол во операционата сала, ги прекрстил своите раце и рекол: „Се предавам во Божјите раце“. И Бог не го оставил, туку му помогнал брзо да заздрави и да се врати во Грција. Според Митрополитот Серафим Касториски, негов близок пријател, со кого старец Мојсеј ги поминал и последните месеци од овоземниот живот, старецот „се причести пред да се упокои, и му се јавија тројца светители“. Неговото Високопреосвештенство појаснува: „Самиот тој ми кажа дека го посетиле св. праведна Софија, св. Јероним Симонопетриски и блажениот Георгиј Карслидис, новоисповедник од Драма“.

На денот кога Црквата го слави споменот на светите 318 богоносни отци од Првиот вселенски собор (1 јуни), старец Мојсеј во мир се упокои.

Старец Никодим Билалис станал познат уште пред да се замонаши, како теолог и филолог. Неговиот подвиг бил насочен кон две цели: обезбедување облека и храна за сиромашните и реиздавање на пишувањата на св. Никодим Светогорец. Близу неговата келија во Капсала се наоѓа келијата во која во 18 век се подвизувал св. Никодим Светогорец.

Се упокои на 4 јуни, на 82-годишна возраст и беше погребен следниот ден во свештениот манастир Пантократор.

Старец Георгиј Григоријатски (Капсанис) е еден од најпознатите и најпризнаени богослови на денешницата, кој во раните седумдесети години на минатиот век заминал за Света Гора и работел на духовната обнова на монашката држава. Неговите дела се преведени на повеќе светски јазици. Последните години од неговиот живот се соочил со сериозни здравствени проблеми, а од март годинава се повлекол од игуменската должност.

Се упокои на 8 јуни годинава (Педесетница) во Успенскиот метох на Григоријатскиот манастир во Солун, а беше погребен следниот ден на Света Гора.

Вечен и блажен нека е споменот на овие три светила на Православието, а Бог нека нѐ благослови со уште многу вакви светилници во деновите кои ни претстојат пред Осмиот ден невечерен.

според материјали од блогот на Џон Санидопулос

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz