Меч и мир

Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата, не дојдов да донесам мир, туку меч.

Матеј 10, 34

Колку ќе биде убаво на небото. Врвулица од луѓе во бело кои воздухот го прошаренуваат со палмови гранчиња во знак на поздрав до Семоќните на престолот и комуницираат помеѓу себе со вечната насмевка по која се препознаваат од Кого се. Таму никој не разговара, ниту помислува од каде им потекнува таа насмевка, бидејќи самата радост во нив го направила своето. А радоста пак, се раѓа во мир, во таа благословена состојба на душата која е секогаш на чекор од нашите теоретски познавања, но светлосни години далеку за да би се грабнала. Да заклучиме дека во тие луѓе ќе има многу мир.

Кога сме веќе тука на земјата, да го искористиме ова преодно време и заработиме својот мир. На прапочетокот Бог ја создаде земјата и вдахна живот на неа. Отпадот го уништи вечниот живот и ја мигрира помислата за смртта. Исус дојде на земјата, Го презеде отпадот и нè помири со Таткото. За момент помислив дека Јагнето ни донесе мир.

И така започна моето мирносување со светот и сè во него. Си ветивме мир со лакомоста. Јас да си конзумирам храна во поголеми количества од волуменот на мојот желудник и од неговиот потенцијал таа храна да ја изработи, а таа да не заборави да ме потсетува кога сум гладен. Си ветивме мир со блудот. Јас да ги замислувам сите жени во мојата постела, а тој да го промени обичајот и ми го втурнува мирисот на мојата откако сè биде завршено и доцна во ноќта почнат да ме презираат и сенките по ѕидовите. Си ветивме и со зависта, јас да ги пребројувам прозорците од куќата на мојот ближен, вошките во неговата коса, ратите на неговиот кредит и сè она она што се собира, додека таа ми подари калкулатор за да ги ставам во сооднос моите. Си ветивме со гордоста, јас да си прошетам како паун, со глава високо во облаците од каде не се гледаат останатите мизерни припадници на човештвото, а таа да ми го подигнува носот ако случајно ми падне на земја. Си ветивме со парите, јас да ги расфрлам низ желбите, а тие да ми се враќаат во сè она што е видливо, големо, сјајно, бело, пловечко, возечко, топличко, прељубно… Си ветивме со гневот, јас да му бидам господар и ја донесам бурата, а тој мене слуга и не јаде од мене.

Но, немало мир со овие нешта. Тие ветија, излажаа, а потоа имаа големи изговори за своето однесување. А и Исус не дојде на земјата за да донесе мир, туку меч. Со меч да се подели храната на неопходна да се одржува телото за молитва и онаа која ќе се исфрли додека не го соблазнала окото ненаситно. Со меч да се прободат гениталиите кои ја игнорирале Песната над песните во која возљубената бара бакнежи на устата и милувања подобри од вино. Сo меч да се ресетира калкулаторот за да покажува колку овци ќе треба да му подариме на ближниот за следната пролет да има три пати повеќе јагниња од волци во куќите. Со меч да се пресечат боите на опашката на паунот, за да таква опустена не се охрабри да ја подигне главата повисоко од црвјата во почвата. Со меч да девалвираат парите и станат обична хартија од која ќе се прават етикети со цртеж на тоалет. Со меч да се предизвика гневот и во двобојот се преполови на смиреност и кроткост.

Колку ќе им биде убаво на небото. Врвулица од луѓе во бело и за ниту еден би помислил дека нивните раце некогаш носеле меч наместо тие палмови гранчиња. Ниту нивната вечна насмевка прилега на воини кои со строги, намуртени лица се подготвени да прободуваат и сечат. Можеби мечот и не бара толкава немилосрдност за да би бил употребен против нешто. Или пак немилосрдноста е разблажена со сеќавањата на змијата и нејзиниот отров кој се шири во нас, во нашите деца, во нивните, и насекаде… И тогаш единствен избор е мечот кој удира на сè црно во себе и сè додека останала последната тревка од плевелот.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz