Маж и жена

Он им одговори и рече: Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде и рече: Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело. Па така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува. Јас, пак, ви велам, оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба, и оној што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува.

Матеј 19, 4-6,9

Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде. Не само мажи кои во недостиг на единка од другиот пол би станале интимни пријатели во дејствија кои не користат за продолжување на родот. И не само жени осамени без заштита, на кои и не им е потребна во толку силниот процес на еманципација и полова еднаквост. Беа создадени според образот Божји прекрасни маж и жена. Тој, природно силен, но необликуван во вежбална со вештачки тестостерон, со груби раце кои работат и милуваат, недепилиран и без украси кои повеќе им доликуваат на жените. Таа, природно нежна, лавица со вроден мајчински инстикт, подготвена вечно да го чека и нахрани својот ловец, да ги измие неговите уморени нозе и исуши со својата коса, непеглана и со отсуство на балсам. Требаше да останат такви до крајот во рајот, но отпадот се случи.

И ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело. Ќе имаат заедничко срце кое нема да ја застапува ниту едната половина и ќе биде заљубено во нивната судбина која треба да ги одведе крај дрвото на животот. Ќе зборуваат на ист јазик и ниту еден акцент нема да падне на збор кој ќе ги повреди нивните чувства како возљубени суштества. Молитвите на едниот секогаш ќе бидат за другиот, а молитвите на другиот ќе бидат за оставените татко и мајка кои понекогаш се длабоко засегнати. Секоја неправда ќе им биде уште еден предизвик вечерниот сон да не ги дочека гневни, со негодни мисли во срцето. Тие веќе не се двајца, туку едно тело на кое нема да му биде неподносливо тешко да ја претрпи војната на спротивностите, сомнежите и копнежите, солзите и помирувањата, шлаканиците и бакнежите.

Адам и Ева

А, Бог што составил, човек да не разделува. Можеби има дел вистина во приказната на предците дека од врвот на планината се истркалани безброј грнчиња и капачиња. Во нивната брканица и турканица надолу, иако со вртоглава брзина и небалансираност на крајот, кога и да е, скоро секое грнче ќе го пронајде своето капаче. А, Бог ги составил. Мрзоволен маж со вредна жена, кротка душа со неизгаслив темперамент, мирно море со незапирлив вулкан, неплоден гром со контролиран земјотрес. Тој ги составил, а ним им преостанува да го пронајдат моментот кој не се нарекува нирвана или којзнае како, туку едноставно момент на осознавање на себеси, својата нераскинлива половина и на тежината и благодетот на заветот да се биде заедно во добро и зло до крајот на земјата. И прекорен да е оној човек кој ќе се обиде да разделува. Прекорен да е мажот кој ќе ја остави жената своја во солзи насреде пустина далеку од оазата која беше дом. Прекорена да е жената која ќе го остави мажот свој скршен до дното на некоја чаша во правта недостоинствена ниту за црви. Прекорен да е друг кој ќе посее раздор и се разделат маж и жена секој на своја страна која често е запад и не ја грее сонце.

Како и во многу друго, исклучок во разделбата која истовремено и би ја овозможила е прељубата. Погледот кон туѓа жена кој предизвикува мисла која подоцна во срцето ќе тлее со копнеж по неа е прељуба. Мислата за туѓ маж во истиот дизајн како и за интимноста со сопствениот, иако е нереализирана во физичката реалност е прељуба. Оној кој тоа му го сторил на другиот го ослободил од заветот. Ќе станат напуштени и не повеќе маж и жена. И Бог ќе го заврти лицето од она што го составил. Но, не и од оној изневерениот. Бидејќи има една врска која не се прекинува под световни околности. Потекнува од обновливи извори и не бара ништо за враќање, едвај го дочекува секое чукање за да отвори и скрушеноста ја заменува со надеж. И би бил ли некој толку непоправливо несреќен за да се чувствува напуштен засекогаш?

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz