Масовно покрстување на муслимани во Грузија

Во 1991 година, 75% од Аџарите биле муслимани. Денес, 75% од нив се православни христијани*. Како може да се објасни оваа појава, којa очигледно е единствена во светот?

Фактите велат дека наеселението во Аџарија, по освојувањето од Турците во седуманесеттиот век, било претежно муслиманско. Во 1878 година, оваа провинција со површина од 3.000 m2 е предадена на Руската Империја. Во 1991-та, по падот на комунизмот и осамостојувањето на Грузија, Аџара се одвојува од неа, и до 2004-та, со неа владее муслиманскиот диктатор Аслан Абашиѕе. По неговото прогонство Аџара се враќа во состав на Грузија, како независна република.

г. Димитриј, митрополит Батумски
г. Димитриј, митрополит Батумски
Според официјалните статистики, во 1991. 75% од Аџарите биле муслимани. Денес е обратно – 75% од Аџарите се православни христијани. Во едно интервју дадено во 2012-та година, митрополитот на Батуми (главниот град на Аџарија), г. Димитриј, кој е роднина на грузискиот патријарх Илија, вели дека кога во 1986. бил назначен за парох на црквата „Св. Никола“, таа била единствената православна црква во Батуми. Денес е поинаку.

„Таква беше волјата Божја“

Митрополитот Димитриј вели дека преобраќањето на целиот регион, конверзијата од ислам кон православие, или подобро, враќањето на муслиманското население кон своите корени, се одиграла пред негови очи. Во 1991., во само еден ден, на 13 мај, дури пет илјади муслимани и атеисти примиле Свето Крштение и станале православни. Истата година било отворено и богословското училиште „Св. Андреј“ во Куло. Според него, во минатото Аџарите биле присилно исламизирирани од страна на Отоманската Империја, но за сето време биле и останале „христијани во срцето“. Тој сведочи дека многу муслимани тајно продолжиле да носат крст околу вратот, дека вапсувале јајца за Велигден и криеле икони во своите домови.

Она што е особено интересно, продолжува митрополитот, е што повеќето свештеници потекнуваат од поранешни муслимански семејства. Ректорот на новоотворената богословија е внук на еден турски мула (муслимански верски учител). „Таква беше волјата Божја. Ова е чудо Божјо, нешто што никако не можевме да предвидиме дека ќе се случи“, вели тој.

Исламски мисионери

Големата џамија во Батуми е во близина на црквата „Св. Никола“, околу пристаништето. За разлика од црквата, во која се забележува поголемо присуство на народ, во џамијата и нема толку движење.

Но, не е сè така розово. Според некои информации, во Батуми биле испратени исламски мисионери кои работаат на тоа да се спречи враќањето на локалното население кон православието. Сепак, овие информации не се потврдени. Исто така, во околните села на Батуми исламот е сè уште присутен; во селото Куло, на пример, има и џамија и медреса (муслиманско верско училиште).

Црква „Св. Никола“, Батуми
Црква „Св. Никола“, Батуми

Навидум и нема некои конфликти меѓу православните и муслиманите. Населението е отворено и лесно комуницира. Не се врши ниту прогонство на помалите религии. Сепак, масовното покрстување на муслиманите останува табу, и тоа особено за муслиманите кои денес преставуваат само 10% од населението, како и за Кистините, етничките Чеченци и шиитите населени долж границата со Азербејџан.

„Мора да разберете дека Православната Црква е основниот столб на нашиот национален идентитет. Во минатото сме биле поробени од сите наши големи соседи – од Персијците, Турците, Русите. Доколку не постоеше врзивното ткиво на нашата Црква, грузискиот народ немаше да постои“, вели Алина Окропириѕе, поранешна новинарка и преведувачка.

По 70 години државен атеизам за време на СССР, Звиад Гамсакурдиа, првиот грузиски претседател, решил да создаде „национална и православна држава“. Неговиот наследник, Едвард Шеварднаѕе, поранешен министер за надворешни работи во СССР, се погрижил да ја објави веста за неговото покрстување и да го избере патријархот Илија II за свој духовен отец.

Oстанува да се види дали оваа мала грузиска република целосно ќе се врати кон верата на своите предци, како што вели митрополитот Димитриј, или ќе потклекне пред искушенијата одвнатре, со кои сигурно се соочува.

* Според последниот официјален попис од 2006-та година, 63% од населението е православно, а 25% е муслиманско. Сепак, црковните податоци 7 години подоцна ја даваат следната слика – 75% од населението е православно, а само 10% муслиманско.

Оставете коментар

1 Comment on "Масовно покрстување на муслимани во Грузија"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Агапи Rate this:Сподели:FacebookTwitterEmailPrintLike this:Like Loading… This entry was posted […]

wpDiscuz