Мартинките на плоштад

Мартинки: празноверие

дванаесетто послание до нас, самите

Пред неколку дена се вратив од службено патување во една православна земја, од еден православен град. Во центарот на градот беа поставени преку 100 штандови, но сите беа празни. Прашав за што ќе служат штандовите, ми рекоа само за продажба на мартинки. „Сите купуваат“, велат, „за нив самите, за децата, за поклон, за дар и така…“ Пролет доаѓа, штрковите, и така.

Не е проблемот ни во пролетта, ни во штрковите. Ни во љубовта, ни во вниманието, ни во дечињата. Проблемот е во нас самите.

И во Африка се продаваат маски, кукли, тапани, шарени стапови со пердуви, бидејќи летото доаѓа или бидејќи летото си оди, па ќе биде 5-10 степени поладно од претходните плус 45.

И на Алјаска и во Сибир зимата си оди па ќе имаат 5 см помалку снег за тие два – три месеци есен.

Ајде да одиме да купиме по еден тапан, по една жива харинга и да го прославиме 1 Април на плоштад, со нацртани кокичиња на образите.

Проблемот е до знаењето или незнаењето. А, незнаењето му штети на тој што не знае.

Да се освестиме веќе еднаш. Тој нечистиот, задскриен, ни се смее и тоа ни се смее до солзи со тоа што го правиме.

Забораваме на постот, или постиме како на диета.
Забораваме на молитвата, или се молиме по потреба.
Забораваме на смирението, односно целосно исчезнало.
Забораваме да не расудуваме и да не судиме.
Забораваме да не озборуваме.
Забораваме да не се возгордеваме.
Забораваме да не ожалостуваме и да не навредуваме.
Забораваме да не ропотаме напразно.
Забораваме да се трудиме и да работиме.
Забораваме да не потценуваме.
Забораваме на немаштијата и сиромаштијата.
Забораваме на милоста и милосрдието.
Забораваме на човечноста.
Забораваме на православието.
Забораваме на Бога.

А со сето ова, забораваме на нас самите и на нашите околу нас, на ближниот до нас. И тој заборава на нас и така понатаму.

На сѐ ќе се потсетиме, за сѐ ремајндер ќе вклучиме, за сѐ ќе ни текне, ама за верата наша, за храмот наш, за нашиот православен живот, за нашето бивање и пребивање во Бога, ќе заборавиме… А сѐ ова обратно да биде, нема да биде проблем. Со чиста вера, со чисто срце, со силна вера, со права вера, со вистината, со тврдата вера во нас самите, со сознанието и практикувањето на Православието, со целосната воцрковеност, со целосна љубов кон Христа, со целосна Љубов кон Богомајката, со целосна пожртвуваност во верата… Со целосна љубов кон ближните и кон Бога.

Никој нема да ги забележи мартинките на плоштад – ќе ги оддува пролетниот ветрец.

И пак и пак штрковите ќе пристигнат и ќе се вратат, и ќе ги свијат своите гнезда на манастирските и црквените покриви.

Додека вие внатре се молите.

Леки и Благословени пости.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz