Малиот Димитриј и неговиот дар на прозорливост

Пред неколку години во месец септември, во Онколошкиот оддел на Универзитетската болница во Рио [Патра, Грција] се случи голем неред. Малиот Димитриј под итно го бараше болничкиот свештеник, за да се причести.

Имаше 13 години. Речиси година и пол се наоѓаше на таа клиника, во која дојде после една мала главоболка. Лекарите му дијагностицираа рак на мозокот. Потекнуваше од Фиери, од Албанија. Неговите родители беа некрстени. Неколку години живееја во Патра. Тој, накратко по неговото доаѓање во болницата, посака да се крсти. Слушна за Христа и сакаше да стане „Негово дете.“ Се крсти „Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“, се разбира откако беше поучен во верата.

Сите го засакаа на клиниката. Ракот напредуваше брзо и веќе не можеше да гледа. Воопшто не гледаше, ништо и никого. Но слушаше со големо и чудесно трпение. Не се жалеше. Велеше дека Бог го љуби многу. Се молеше и ги молеше неговите родители да го прават истото.

Сите кои го посетуваа знаеја дека ова дете не е обично. Постојано зборуваше за Бога. Секогаш беше љубезен и радосен. Неговото лице блескаше. Сакаше често да се причестува со Чесните Дарови. Кога понекогаш мајка му ќе беше во некој друг дел од клиниката, тој викаше по неа: „Мајко, дојди брзо! Доаѓа попчето со Христос! Се качува по скалите. Дојди да ме подготвиш!“ Така и се случуваше. Свештеникот доаѓаше и го наоѓаше Димитриј седнат на креветот, со отворена уста како побожно се прекрстува. Иако не го знаеше точното време кога ќе дојде свештеникот со Чесните Дарови, со дарот на прозорливост го гледаше како доаѓа, и покрај тоа што имаше две затворени врати што ја делеа собата од ходникот низ кој доаѓаше свештеникот. Тоа го потврдува и побожната госпоѓа Марија Галиацату којашто доброволно се грижеше за ова дете. „Госпоѓо Марија, сакам да ви кажам нешто“ – ѝ рече еднаш. „Кога доаѓа попчето со Христа, го гледам на скалите како се качува и до него гледам двајца високи, убави луѓе во бела облека, кои се поклонуваат кон Светиот Путир и со раширени раце го чуваат.“

Еднаш лекарот го праша: „Како си, Димитриј, како е?“ Му одговори: „Господине лекар, може да дојдете поблизу за да ви кажам нешто? Добро сум. А вие, не грижете се дека вашата сопруга ве напушти. Бог ќе биде со вас затоа што сте добар човек.“ Лекарот остана неподвижен некое време. Никој не знаеше за тажниот настан што се случи претходниот ден во неговиот дом – дека неговата жена го напушти и појде со друг маж.

„Тоа е Божјо дете“ – велеа оние кои го познаваа.

Кога се причести за последен пат не можеше веќе да седи исправен на креветот но со радост и копнеж Го прими Христа лежејќи на креветот. „Благодарам многу“, – прошепоти и потоа се упокои.

Свештеникот, кој, кога утредента појде до мртовечницата за да му изврши трисагија на Димитриј, рече: „Првпат во мојот живот гледам вакво тело. Неговото лице е насмеано, блеска и има боја на ќилибар.“

Неговите родители многу Го возљубија Христа и посакаа и тие да бидат крстени.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz