Мајките и воспитувањето на децата – втор дел

Свети Нектариј Егински

Поради големото влијание што го имаат врз нивните деца, мајките можат да ги образуваат според својот личен карактер, исто како што грнчарот ја работи глината според својата лична претстава. Што се однесува до лесната за обработка возраст на детството, Диоген1 го има кажано следново: „Воспитувањето на децата е слично на обработката на глината; имено, како што грнчарите додека е мека глината ја делат како што сакаат и ја обликуваат, но не можат да ја обработуваат повеќе откако ќе се испече, така и младите можат да бидат воспитувани без напор, но кога ќе пораснат, стануваат неподатни за обработка“. Плутарх2 (во делото „За воспитувањето на децата“) вели: „Младоста е лесна за обликување и податна, и поуките се примаат лесно од нивните меки души“. За време на нежната детска возраст, мајките можат поопределено и подлабоко да влијаат врз душата, мислите, чувствата, умот, фантазијата и наравта на детето, бидејќи во следните години, кога срцето на детето ќе стане потврдо, воспитувањето, ако не стане дури и целосно невозможно, значително е отежнато, како што точно покажува божествениот Златоуст3: „Требаше уште од почетокот да ги предвидиш тие грешки и кога беше послушен и сѐ уште млад да го зауздаш со строгост, да го навикнеш да си ги врши обврските, да го воспиташ и да ги совладаш болестите на неговата душа. Требаше да го исечеш трњето кога беше полесно, кога беше помало, па ќе можеше полесно да се искорени, а страстите немаше да се запостават и засилат, и да станат несовладливи. Затоа во Светото Писмо се вели: „Наведни му го вратот додека е млад“4, зашто така воспитувањето на децата ќе стане полесно“5.

Според тоа, мајките, како поради нивниот возвишен повик така и поради нивната лична вредност што е независна од таа служба, треба уште од рана младост да го примат нужното воспитување. Воспитувањето, пак, што им е нужно, е она што како негов предмет го има образувањето на умот и на срцето, бидејќи тие две нешта се двете јадра околу кои се одвива умственото и наравственото образување на човекот. Ако едно од двете се запостави, образувањето останува недовршено и нееднакво. Умот и срцето, иако се органи на една иста душа, сепак имаат потреба од различни средства и начини за образување, бидејќи срцето, поради своето чувство, му припаѓа на натприродниот свет, но умот, поради неговиот разум, на природниот. Поради тоа, и двете треба темелно да се обучат во сопствените вистини. Нивните сопствени вистини се: за умот – образованието, а за срцето – побожноста. Значи, на нашите девојки треба да им дадеме и образование и побожност, за и тие да можат да им ги предадат тие нешта на нивните чеда. Образованието и побожноста се двата сјајни светилници кои го водат човекот што плови по морето низ разбранетиот пат на неговиот живот, кои го чуваат од секој бродолом и го оддалечуваат од секој опасен гребен. Тоа се двете очи на душата, низ кои таа гледа наоколу и непречено чекори кон благосостојба и спасение. Тие се двата духовни органи што го усовршуваат човекот и го покажуваат достоен за неговото возвишено потекло, и за неговото возвишено место во светот. Само на тој начин образуваните мајки можат да дадат добродетелни деца, добри граѓани и благородни мажи. Светли примери за тоа ни се мајките на сите велики и добродетелни мажи.

Мајки - светителки чии деца, исто така, се светители
Мајки – светителки чии деца, исто така, се светители

Светли примери за тоа ни се мајките на светите три јерарси – на свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст.

Стремејќи се да ги воспитаат своите деца колку што е можно посовршено и да го просветлат нивниот ум со хеленската мудрост и наука, тие мајки воопшто не се плашеле своите деца да им ги доверат на учители – јазичници, за да се развијат соодветно и на умствен план. Инославието на учителите не го сметале за важно, бидејќи биле уверени во себе, биле уверени во тоа дека преку својот личен пример во срцата на своите деца целосно им ја всадиле љубовта кон вистинското образование и пламената ревност за верата. Знаеле дека ништо нема да биде доволно силно за да ги разниша начелата на побожноста и уверувања на нивните синови, бидејќи тие начела и уверувања биле грижливо изградени врз карпа!

Следејќи ги, значи, нивните уверувања, Нона и Емелија, добрите и благородни мајки на свети Василиј и свети Григориј, ги пратиле своите деца во Атина, во срцето на образованието и просветата, но и во средиштето на идолопоклонството, каде што паганската вера била востоличена во сиот свој раскош. Меѓутоа, не биле разочарани во нивните уверувања, бидејќи двајцата младичи во длабочината на своите срца го имале живиот оган на верата во Христа и останале неповлијаени во целиот тек на нивното образование. Ниту се поколебале поради учењето на софистите, кои систематично воделе војна против Христијанството, ниту се соблазниле од раскошните обреди на паганските служби, туку останале крепки и живи во своите верски уверувања, и се вратиле кај своите мајки, давајќи им се како награда за трудот што го вложиле во нивното воспитување, за мајчинската грижа и за нивната добродетел. А наградата била навистина многу голема, бидејќи ги примале назад своите синови како членови на Христа, значи, како нивни членови, бидејќи оној што не е член на Христа не е ни член на мајката-христијанка, бидејќи мајката-христијанка, која е член на Христа, не може да има туѓ член, расипан член, болен член. Да си заминеа синовите, тоа ќе значеше пропаст за нив! Затоа, чувањето на верата од страна на нивните синови со право можеме да го наречеме нивна награда, награда што никогаш немало да ја добијат ако мајките не биле образувани христијански. И мајката на свети Јован, добрата и благородна Антуса, која станала вдовица на дваесет години и имала само еден син, целосно се посветила на неговото воспитување, ценејќи ја грижата за воспитувањето на нејзиниот син повеќе од втор брак. Но, исто така, кога нејзиниот највозљубен син – единороден, станал полнолетен и имал потреба од повисоко образование, не се колебала да го даде во рацете на пагански учител за да ги развие неговите умствени способности. Увереноста во нејзината вера била увереност во нејзиното дете, бидејќи знаела дека излеала сѐ врз својот возљубен син. И не се разочарала, затоа што веднаш откако ги завршил своите студии и откако поработил кратко време како говорник, свети Јован се предал на служба на Црквата.

Ливаниј6, учителот на свети Јован, бил многу огорчен што не успеел да го преобрати Јован во неговата вера. „Оф, леле!“, извикал, „какви жени има меѓу Христијаните!“, означувајќи ја со тие зборови причината за својот неуспех. Колку убаво, навистина! Какви светли примери ни се овие благочестиви мајки! Какви чудесни икони! Какви чудесни праобрази! Кој може да порекне дека токму мајките ги создаваат големите и добродетелни мажи? Затоа Русо7 во неговиот Емил8 вели: „Мажите сакаат секогаш да бидат такви какви што жените посакуваат тие да бидат; ако сакате мажите да станат велики и добродетелни, научете ги жените што е величие и добродетел“. Значи, мајките треба да ги образуваме согласно примерите што ги имаме и да почнеме со таа грижа уште од нивното детство, за да бидеме сигурни во нивната идна плодотворност и дела.

Треба, значи, нашите ќерки да ги образуваме во верата и умствено, за да ги покажеме достојни за нивниот повик. Треба благочестивото воспитување и подучената вера да бидат подеднакво присутни, бидејќи тие две нешта се единствените сигурни сокровишта за време на патувањето во овој живот, што можат да му помогнат на човекот на различни начини.

Едностраното воспитување е за осуда и води кон следниве две непристојни работи: или кон суеверие, или кон презир на божествените работи, бидејќи таквата положба е природна последица и непосреден происход на видот на воспитување што бил применет.

Умственото и верското образување се две разнородни дрва, посадени на иста почва, на кои треба да им се посвети подеднакво внимание и грижа за нивниот напореден раст. Бидејќи, нееднаквото одгледување ќе донесе несразмерен раст, што како последица ќе го има расцутувањето на едното и неговото преовладување, од една страна, и исушувањето на другото и неговото ослабување, од друга. Зашто, доколку вниманието се насочи само на умот, неизбежно е разболувањето на чувството за верата кај човекот. Но, доколку нашето внимание е, пак, насочено само на верата, и тоа необразуваната, умствените сили ќе овенат и ќе отрпнат. Последиците од првиот случај ќе бидат неверие и безбожие што ќе ги следи неизмерен ужас. Последиците од вториот, пак, ќе бидат суеверниот страв, погибелта на човештвото, кое држи оган и меч во рацете, и секому што мисли поинаку му се заканува со смрт. Тоа се последиците од едностраното образование и несовршеното воспитување на мајките.

Превод од нововековен грчки јазик: Кристијан Ташевски
Извор: „Премин“, двоброј 115/116

1 Диоген од Синопа (грч. Διογένης ὁ Σινωπεύς), *412 – †323 пр. Хр., хеленски философ, киник. Познат по тоа што живеел во дрвено буре, затоа што го презирал раскошот во кој живееле Атињаните во тоа време.
2 Плутарх (грч. Πλούταρχος), *о. 46 – †120, хеленски биограф, познат по своите „Напоредни живописи“, кои содржат биографии на познати личности, меѓу другото и на Александар Велики Македонски.
3 Свети Јован Златоуст (грч. Ἰωάννης ὁ Χρυσόστομος), о. 349 – 407, архиепископ Констатинополски, се вбројува меѓу првите учители на Црквата. Познат по своите црковни слова и Златоустовата Литургија.
4 Проп. 7, 23.
5 Χρύσ. Ἔρμ. εἰς ἃ’ Τιμόθ. 5, τόμ. 3,378.
6 Ливаниј (грч. Λιβάνιος), *о. 314 – †392/3, учител по реторика и претставник на втората софистичка школа.
7 Жан-Жак Русо (фрц. Jean-Jacques Rousseau), *1712 – †1778, швајцарски философ, писател и музиколог, кој голем дел од својот живот работел во Франција. Еден од раните претставници на романтизмот во уметноста, чија политичка философија извршила силно влијание врз дејците на Француската револуција.
8 „Емил или за воспитувањето“ (фрц. Émile ou de l’éducation) е насловот на главното педагошко дело на Русо, издадено во 1762 г.

Оставете коментар

1 Comment on "Мајките и воспитувањето на децата – втор дел"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] врска до вториот дел […]

wpDiscuz