Мајките и воспитувањето на децата – прв дел

Свети Нектариј Егински

врска до вториот дел

Воспитувањето на децата треба да започне уште од раното детство, со цел умствените способности на детето од првата нивна појава, уште од почетокот, да бидат насочени кон убавото, доброто, вистинитото и да се оддалечат од лошото, недоличното и лажното. Оваа возраст може да се смета за најцврстата основа врз која ќе се гради наравственото и умственото образување на детето. Зашто Фокилид1 вели: „Уште додека е дете треба да се подучува во добри дела“2, бидејќи токму од детската возраст, како од почетна линија, човекот ја започнува трката што ќе ја трча во текот на својот живот. Свети Василиј Велики открива: „Душата, додека сѐ уште е способна за обликување и мека, додека сѐ уште е како восок што лесно се топи и лесно ги прима отпечатоците на облиците што се втиснуваат врз неа, треба вистински и уште од почетокот да се поттикнува на секаков вид вежбање во добродетелта, така што кога ќе дојде разумот и ќе се појави способноста за разликување, ќе се отвори патот од првите начела и од предадените образи на благочестието, со разумот што ќе го предлага корисното и наравта што ќе создава средства за да го исполни тоа“. И навистина, кој нема да се согласи дека тие први впечатоци што настанале за време на детството остануваат засекогаш? Кој се сомнева во тоа дека на мали години тие впечатоци се одразуваат толку силно врз нежната душа на детето што низ целиот негов живот ќе останат живи?

Мајка и дете

За воспитувачи на таа возраст природата ги има одредено родителите, особено мајките. Затоа е потребно, поради таа возвишена должност на воспитувачот, тие мајки да ги воспитуваме правилно и внимателно, бидејќи истите ќе им служат на своите чеда како икони и примери, чии отпечатоци ќе бидат нивните деца. Детето до толкава мера ги последува доблестите или грешките на мајката, дури и гласот нејзин и навиките, наравта и однесувањето, што лесно би можело децата да се споредат со бакарните плочки на фонографот, кои прво ги примаат стапките на гласот, а потоа повторно го испраќаат гласот со истата височина, истиот израз, истата боја, со којашто бил испуштен. Секој гест, секој збор, секое движење и секое дело на мајката станува гест, израз, збор, движење и дело на детето. Затоа Астериј3 во петтата беседа за Евангелието според Матеј вели: „Едно од децата ќе ја зачува сличноста со гласот на својата мајка, друго ќе го преземе поголемиот дел од нејзиниот карактер, трето ќе се обликува според наравственото положение на онаа што го родила“4. Преку постојаната заедница на мајката со своето дете и покажувањето на истите склоности, мајката влијае врз душата и наравта на детето, и таа е првата што му го дава првиот поттик кон доброто.

Мајката со еден поглед, со еден бакнеж, со нејзиниот кроток глас и нежните милувања може веднаш во срцето на детето да го разбуди стремежот и наклонетоста кон доброто. Така и со само еден неодобрувачки поглед, со една солза што паѓа на нејзините образи, со еден израз што ја покажува тагата на нејзиното срце, таа може да го оддалечи детето од најголемата опасност за неговото срце. Детето одгледано во мајчинската утроба и топлено во мајчинската прегратка почнува да љуби уште пред да ја разбере смислата на љубовта и ја потчинува својата волја на етичкиот закон уште пред да ја разбере неговата смисла, и само мајката е најсоодветна да ја разбуди во срцето на детето првата помисла за Бога. Затоа свети Василиј Велики (во 223-то писмо) вели: „Претставата за Бог што ја примив во детството од мојата блажена мајка – таа претстава што созреа, ја носев во себе. Имено, не одев од едно на друго во созревањето на мојот разум, туку ги исполнив оние начела што ми беа предадени од неа“5. И најголемиот од денешните педагози, Песталоци6, припишувајќи ѝ го на мајката целото воспитување во верата на детето, тврди: Верував во мојата мајка. Нејзиното срце ми Го покажа Бог. Мојот Бог е Богот на мајка ми. Богот на моето срце е Богот на нејзиното срце. Мајко, мајко! Ти ми Го покажа Бог во твоите повелби и јас Го најдов во моето послушание. Мајко, мајко! Кога би Го заборавил Бог, би те заборавил и тебе.

Но, како што секое добро дело, секој добар збор и секое добро расположение на мајката го сочинуваат камен-темелот на добрите дела, зборови и расположенија на детето што ќе произлезат од него, така и секое лошо дело, збор и расположение на мајката го содржи погубното семе од коешто ќе произлезат лоши дела, зборови и расположенија на детето, поради што детето станува како неговата мајка. Ако душата на мајката е, значи, безобразна и порочна, или оцрнета, или расипана, или сурова и груба, и наклонетоста нејзина е лоша, нејзиното однесување, пак, соблазнително, а не благочестиво, или ако е наклонета кон бесчестие или гнев, или кон блудни страсти или омраза, и кај детето брзо ќе никнат пупките на тие лоши пороци. Но, ако наместо тоа душата на мајката е боголика, чиста, весела, невина и исполнета со страв Божји, и наклонетоста нејзина е благородна и света, а нејзиното расположение мирно, богољубиво и човекољубиво, тогаш и душата на детето, одразено во такво огледало и несвесно последувајќи ја, станува слично на неа и со текот на времето ги покажува пупките на доброто семе. Затоа, кога великиот Наполеон7 прашал еден познат педагог – Кампан8: „Што ѝ треба на Франција за да се стекне со добри и чесни мажи?“, умната жена му одговорила на владетелот: „Мајки“. „Тогаш назначи доволен број такви жени за таа важна народна цел“, рекол великиот човек.

(продолжува)

Превод од нововековен грчки јазик: Кристијан Ташевски
Извор: „Премин“, двоброј 115/116

* Преведено според изворниот текст на нововековен грчки јазик, насловен „Η αγωγή των παίδων και αι μητέρες“, Ιερός Σύνδεσμος, 1895., кој се наоѓа на страницата: https://katanixis.blogspot.mk/2012/07/blog-post_5377.html.
1 Фокилид од Милет (грч. Φωκυλίδης ο Μιλήσιος), о. 540 пр. Хр., хеленски поет и составувач на поговорки од Милет во Мала Азија.
2 Χρὴ παίδ’ ἒτ ἐόντα καλὰ διδασκέμεν ἔργα.
3 Астериј Амезискиј (грч. Αστέριος Αμασείας), †414/5 во Кападокија, современик на кападокиските отци од 4 век, кој останал запаметен во писанијата на Црквата поради своето изворно благочестие и говорничката вештина.
4 Ἀστεριοῦ Ἐπισκόπου Ἀμασείας, Ὁμιλία Ε΄ἐκ τοῦ κατὰ Ματθαῖον Εὐαγγελίου εἰς τὸ „Εἰ ἔξεστιν ἀνθρώπω ἀπολύσαι τὴν γυναίκα αὐτοῦ κατὰ πάσαν αἰτίαν“, Migne Ρ.G. 40, 236C.
5 Во изданието на Жак-Пол Мињ тексот гласи: „ἣν ἐκ παιδὸς ἔλαβον ἔννοιαν περὶ Θεοῦ παρὰ τῆς μακαρίας μητρός μου καὶ τῆς μάμμης Μακρίνης, ταύτην αὐξηθεῖσαν ἔσχον ἐν ἐμαυτῶ, οὐ γὰρ ἄλλα ἐξ ἄλλων μετέβαλον ἐν τῇ τοῦ λόγου συμπληρώσει, ἄλλα τὰς παραδοθείσας μοι παρ’ αὐτῶν ἀρχὰς ἐτελείωσα“ (Βασιλείου Μεγάλου, Ἐπιστολὴ ΣΚΓ, 3, Ρ.G. 32, 825C).
6 Јохан Хајнрих Песталоци (гер. Johann Heinrich Pestalozzi), *1749 – †1827, швајцарски хуманист, педагог, филантроп, философ и реформатор, творец на првиот систем за основно образование.
7 Наполеон Бонапарт (фрц. Charles-Louis Napoleon Bonaparte), *1769 – †1821, француски император, основоположник на редица реформи што биле применети за време на Француската револуција.
8 Жана-Луиза Кампан (фрц. Jeanne Louise Henriette Campan), *1752 – †1822, француска писателка и педагог, која служела под кралицата Марија Антоанета пред и за време на Француската револуција.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz