Луѓето ќе станат наизглед побожни

Црква „Св. Варвара“, Романија

Сине Тимотеј, ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, наизглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвраќај се! Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени, што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти, жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината. Па, како што му се противеа на Мојсеја Јаниј и Јамвриј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, неискусни во верата. Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе се открие пред сите, како и на оние двајца.

2Тим 3,1-9

Чувајте се од книжниците, што милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места по синагогите и да се први на гозбите; што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат; тие ќе добијат потешка пресуда. Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаа своите прилози во црковната каса; виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти, па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти – сè што имаше за својот живот.”

Лк 20,46-21,4

Кои се оние што се наизглед побожни, а од силата на Бога се одрекле? И кои се оние кои секогаш се учат, и никогаш не можат да дојдат до познавање на вистината? Првите, тоа се оние што се држат до надворешниот поредок во кого, вообичаено, се пројавува благочесниот живот, но кои немаат доволно силна волја внатрешното расположение да го пазат во согласност со вистинското благочестие. Тие одат в црква и без проблем стојат во неа. Но, не прават напор со умот пред Бога неотстапно да стојат и да се доближат до Него; напротив, малку ќе се помолат, и го пуштаат умот да им скита, и умот им талка низ сиот свет. И, иако по надворешноста тие се в црква, сепак не се таму: тие само наизглед се побожни, но ја немаат силата Божја. Така треба да се сфатат и другите случаи. Другите, пак, навлегувајќи во верата, само изнаоѓаат прашања: „што е ова, ама како вака, зошто она и чуму тоа?“ Во нив царува страста на празната љубопитност. Не ги интересира вистината, туку само сакаат да потпрашуваат. И да најдат одговор, не размислуваат многу за него, туку наскоро наоѓаат друго прашање. И така, ден по ден, прашуваат и прашуваат, и никогаш не се задоволуваат со она што го дознаваат.

Значи, едните трчаат по задоволства, а другите по задоволување на нивната љубопитност.

Св. Теофан Затворник
„Мисли за секој ден во годината“
Сабота пред Неделата на блудниот син

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz