Љубовта – над сѐ

sv-gora-star-vatoped

Љубовта кон Христа не знае за граници, исто како и љубовта кон ближните. Таа треба да достигне секаде, до краиштата на земјата. Насекаде, до секого.

Да ви дадам еден пример. Си бил еден монах. Имал двајца ученици. Тој многу се трудел да ги поучи, да ги направи подобри луѓе. Но, многу бил загрижен затоа што не знаел дали тие вистински напредуваат во духовноста, дали поставиле добар почеток, дали се подготвуваат за Царството Божјо. Чекал знак од Бога за ова, но не добивал одговор. Еден ден требало да има бдение во некој скит што се наоѓал на неколку часа од нивниот. Затоа, старецот ги испратил своите ученици порано, за да стигнат предвреме и да ја подготват црквата. Тој, пак, им рекол дека ќе пристигне доцна попладнето. И така, учениците тргнале на пат, кога одеднаш слушнале како некој офка. Здогледале некој повреден човек кој ги молел:

– Понесете ме со вас, ве молам. Останав сам во пустинава, и никој не минува оттука. Нема кој да ми помогне, а вие сте двајца. Кренете ме, ве молам, и однесете ме во најблиското село.

– Не можеме, брзаме на бдение. Треба да направиме подготовки.

– Ве молам земете ме со вас. Ако не, ќе умрам и ќе ме изедат ѕверови.

– Прости, не можеме, мора да го исполниме послушанието, одговориле монасите и си заминале.

Попладнето старецот заминал кон скитот по истиот пат. Дошол до местото каде што лежел повредениот човек. Го видел, и му притекнал на помош:

– Што се случува, човеку Божји? Колку време си тука? Зарем никој не те виде?

– Утрово двајца монаси поминаа покрај мене; ги замолив да ми помогнат, но тие брзаа на бдение.

– Јас ќе те земам, не грижи се.

– Но, ти не можеш. Ти си стар, не можеш да ме кренеш.

– Не, ќе те земам. Не можам да те оставам.

– Но, не можеш да ме кренеш.

– Види, јас ќе се наведнам, и ќе те кренам на моите плеќи. Ќе ни треба време, но ќе стигнеме до најблиското село. Малку денес, малку утре, но ќе те однесам таму.

И така, иако му било тешко, старецот го кренал болниот човек на грб, и тешко чекорел по песокот. Се потел, но во себе си мислел: „Па и да ми требаат три дена, сепак ќе стигнеме таму.“ Како што се тетеравел, започнал да чувствува како тежината станува сѐ полесна, сѐ додека одеднаш сфатил дека не носи ништо на плеќи. Ја поткренал главата да види што се случило, и на негово големо изненадување, видел дека на грб носи ангел. Тогаш ангелот му рекол:

– Бог ме испрати да ти кажам дека твоите двајца ученици не заслужуваат да влезат во Царството Божјо, зашто немаат љубов.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz