Љубовта е доволна

Тбилиси

Одржувам онлајн-пријателство со една жена која работи со бездомници во еден голем канадски град. Понекогаш ми поставува теолошки прашања. Понекогаш ми пренесува некаква тажна приказна и ме замолува да се помолам за некого. За себе вели дека е протестантка однадвор, но православна одвнатре.

Ја сфаќам. Голем број луѓе се хранат од трошките што паѓаат од православната трпеза. Се трудам колку што можам повеќе да ги расеам овие трошки. Во мојата парохија се црквуваат луѓе што се преобратени од протестантизам, или пак сега се во огласителна фаза и се подготвуваат да се преобратат, најчесто од харизматично-протестантска заедница. Многу од нив ми ги испраќа еден мој протестантски пријател, учител и пророк (да, точно прочитавте, пророк – овој човек има зачудувачка моќ за читање на луѓето, што ја нарекува пророштво, а што според мене е пастирска сензитивност). Неговата приказна е долга, но откако пред неколку години имал видение на Пресвета Богородица, ние секоја недела ручаме заедно, и со него ги споделувам трошките што во тој момент останале на мојата духовна трпеза. И тој, однадвор, е протестант, а одвнатре – само еден Бог знае. Но, како и да е, овој човек игра клучна улога и на повеќемина им има помогнато да станат православни христијани.

Како и да е, пријателката што работи со бездомици едно утро ми испрати имејл во кој ме замоли да се помолам за еден нејзин близок пријател, кого го познавала 16 години, а кој неодамна починал од предозирање со фетанил. Нека Господ се смилува на неговата душа. Мислам дека за нас, како христијани, најтешка задача е да ги љубиме луѓето какви што се, скршени. Ваквата љубов, доколку вистински ја имаме, може да биде и сведоштво за нашето обожение, една длабока пројава на нашата христоликост. Сите други добродетели се, всушност, само аспекти на оваа љубов.

Мејлот го добив во понеделникот од Неделата на мироносиците, па во одговорот се осврнав на жените мироносици, т.е. на трошките што ми останаа од духовната трпеза. Мислам дека и вам ќе ви користи мојот одговор, па затоа ви го пренесувам во целост тука.

+ + +

Кога Јосиф од Ариматеа и Никодим, заедно со мироносиците пошле да го помазаат Христовото тело по Распетието, тие не биле мотивирани од вера, ниту од надеж, туку од љубов. Пред Неговото страдање, Христос трипати им говорел дека ќе воскресне на третиот ден. А ете, на третиот ден по погребението, жените одат на Неговиот гроб за да го помазаат телото. Љубовта ги тера, а не верата, не надежта, туку љубовта. Апостол Павле ни кажува дека сите духовни дарови се делумни, но дека верата, надежта и љубовта се најголеми. А од нив, само љубовта е вечна. Љубовта ги натерала мироносиците да го посетат празниот гроб пред апосотлите, и да станат (како што Црквата ги нарекува) „апостоли на апостолите“. Љубовта дозволила да го видат ангелот и да ја чујат објавата: „Не е овде. Воскресна!“ Љубовта, а не верата, па дури ни надежта, било единственото нешто што во тој момент човештвото можело да Му ја понуди на Бога. И љубовта била доволна, доволна за човештвото да ја сфати Тајната сокриена од почетокот на созданието: „Агнецот, заклан од созданието на светот“ (Откр. 13,8).

Сметам дека во нашето сведочење пред другите, љубовта е доволна за да настапи чудото, за Бог да се погрижи за останатото, да ги воскресне мртвите. Кога немаме вера и надеж, кога оние на кои сакаме да им помогнеме немаат вера и надеж, кога каменот е запечатен и ни се чини дека внатре има само смрт, љубовта е доволна. Љубовта е приносот на мироносиците, лептата на вдовицата, втората милја, завртениот образ, синаповото зрно, долеаниот елеј во нашите садови. Љубовта е доволна за Бог да ја открие Неговата сила што воскреснува, да ги воскресне мртвите. Дури и тогаш кога не веруваме, љубовта е доволна. Бог ќе се погрижи за останатото.

отец Мајкл Гилис

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz