Учителка на љубовта

Молитвеното сострадание прави чуда.

Љубовта не го стасува современиот човек. Тој сето време ја бара и сожалувајќи се, си спомнува за овие зборови од Писмото: „…и заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина“ (Мт. 24,12). Но, душата која верува знае дека таа самата е одговорна за љубовта, и дека нејзината природна и постојана учителка, не е ништо друго, туку молитвата. Кога едно срце во молитвено сострадание се допира до друго, во двете срца слегува Божјата благодат, која твори чудеса.

Молитвата е показател за љубов. Ако човек никогаш не се молел за никого, значи дека тој никого не љуби. И нему му е тешко да ја разбере длабоката смисла на зборовите на преподобен Силуан Атонски : „Да се молиш за сите луѓе е исто како да пролеваш крв“.

Неопходно е да се учиме на љубов во молитвата. И поради тоа да се запрашаме: често ли ние се молиме за луѓето, а ако се молиме, усрдно ли го правиме тоа? Боли ли нашето срце  за некој друг, освен за нас и нашето семејство?

Од молитвата за ближниот најчесто нѐ оттргнува јавниот грев на човекот, навредите, кои ни се нам причинети, како и резултатот од тоа – повреденото самољубие. Но, зошто? Па, и на човек, кој паднал во грев, потребно му е сострадание, и навредата бара молитвено исцелување. Кое било очигледно зло на светот, не треба да нѐ плаши и турка во бегство. Напротив, на христијанинот му прилега молитвено да бдее, како што за тоа говори и апостол Павле: „А Мојот праведник ќе живее од верата, ако ли се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него“ (Евр. 10, 38). Солзите исплакани во сострадателна молитва за некој човек, Бог ги чита со поголема грижливост, од онаа со која нуркачот го подига бисерот од дното на морето. Така блажена Ксенија, толку го љубела мажот ѝ што после неговата ненадејна смрт сиот  живот го поминала молејќи се за него. А молитвата ја претворила Ксенија од молебница за еден близок човек во закрилница за стотици илјади луѓе.

Верата, доколку е жива, а не механична и магично-егоистична, ќе го води човекот во молитвена состојба. И тоа одвреме-навреме, повеќе за другите отколку за себе.

Во секој храм, одвреме-навреме гледаме вљубени. Се држат за раце, влегуваат во црквата, која им била по патот, и шепотејќи си палат свеќи. Можеби мечтаат за тоа како ќе се венчаат… Токму сега добро би било да почнат да се молат еден за друг. Тоа ќе биде првиот чекор на патот кон бесценетата длабочина на единството и внатрешното созвучје. За да се достигне ова, во бракот потребно да се молиме секогаш: во добросостојба, во сиромаштија, во здравје, во немоќ, во моментите на искушенија и грев, во деновите  кога се бдее над колепката на првороденото… Со молитвата треба да се преминат сите соблазни и да се излечат сите рани. Потребно ќе биде и во Царството Небесно да влеземе никако поинаку туку со молитвата. Сепак, во тоа царство на Љубовта, Светиот Дух продолжува да раѓа во луѓето молитва и „посредува за нас со неискажливи воздишки“ (Рим. 8,26).

Протојереј Андреј Ткачев

Оставете коментар

2 Comments on "Учителка на љубовта"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

АМИН! Прекрасен текст. Благодарам!

kazete nesto za sostavot lubovta go pravi covek umetnik i za uste eden sostav zelbatami dava sila a ne da pisuvate tuka nekoj gluposti

wpDiscuz