Љубовта никогаш не престанува

Христијанството се заснова на подржавањето на Христа. Љубовта е врвот на тоа подражавање. Кога би сакале да го сумираме христијанството на само една порака, би рекле дека христијанството е религија* на љубовта. Ова не треба да нè зачуди, затоа што Христос ни ја остави оваа заповед: „да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јн. 15,12).

Не постои ништо во оваа заповед што е невозможно и неостварливо; Христос е сигурен дека луѓето се способни да ги достигнат највисоките нивоа на љубовта, жртвувајќи се себеси токму онака како што Тој се распна на Крстот, слободно: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јн. 15,13). Но, единствената мерка за вистинска љубов се делата, а не зборовите: „да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!“ (1 Jов. 3,18).

Апостолот Павле го насочува вниманието на верните кон значењето на нивното придобивање на дарот на љубовта, без којшто сите други дарови стануваат беспотребни, губејќи ја нивната духовна содржина. Откако Апостолот ги набројува даровите потребни за изградување на Црквата, вели:

Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум.
(1 Кор. 13,1-2).

Важно е, тогаш, не да се биде извонреден учител или велик пророк, учен човек или молитвеник, или испосник, дарител, па дури и верник… туку, да се биде сето ова, само откако ќе се стекне дарот на љубовта. Апостолот Павле повеќепати во своето послание повторува дека секое добро дело што човек ќе го стори, ако на љубов не се заснова е – бесполезно.

Апостолот ги учи своите ученици да не гледаат на божјите заповеди како на правни акти и закони кои мора дословно да се исполнат, туку да ги применуваат во нивните животи и да се вежбаат во нив со предана љубов и убеденост. „Словото убива, но Духот оживува“. Господ сака луѓето вака да се однесуваат со Законот – да го присвојат и спроведат со најголема љубов, оти е потребен за нивното спасение и живот вечен со Бога.

Светиот апостол продолжува со говорењето за љубовта, и ја дефинира на следниот начин:

Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува. Сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува. Љубовта никогаш не престанува.
(1 Koр. 13, 4-8).

Невозможно е за некој кој е горделив, полн со омраза, себичен, љубоморен, насилен, или кој зло мисли да љуби искрено, иако одвреме-навреме тој пројавува дела кои изгледаат како дела на љубовта.

Љубовта е постојана посветеност на другиот која побарува радост во давањето без да бара свое; (таа е) бесплатно служење: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“. За ова е потребно очистување на природата и однесувањето, и стражарење пред страстите на срцето и умот.

Што се однесува пак, до стекнувањето на добродетелите, и врвната – љубовта, тоа започнува со вистинското преумување и предавање на Божјата волја. Стекнувањето на љубовта значи стекнување на Самиот Христос.

Отец Георгиј Масу

* Зборот религија авторот го користи колоквијално. Секако дека христијанството е жива вера во живиот Бог, а не само една од многуте религии кои му се дадени на човекот да избира од нив (заб. прев.).

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz