Значењето на љубовта

„Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата “
(Ефес. 5, 25).

Слушнавте за величината на потчинувањето; го восфаливте и му се воодушевувавте на Павле, на тоа како тој достоен за почит и духовен човек, го соединува сиот наш живот. Добро сторивте. Но, сега, слушнете што тој дополнително бара од вас; апостолот повторно го користи истиот библиски пример.

„Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата“.

Ја увидовте потребната количина на верност; сега слушнете и за потребната количина на љубов. Сакате ли вашата сопруга да ви биде послушна како што Црквата Му е послушна на Христа? Тогаш преземете ја истата голема грижа за неа, како што Христос ја зeма за Црквата. Дури и доколку стане неопходно да го предадете својот живот за неа, та и да се подложите и да претрпите страдања од секаков вид, – не одбивајте. Макар и да го претрпите сето тоа, сепак, ниту тогаш не ќе сторите ништо налик на она што го стори Христос. Оти тоа го правите за некого со кого веќе сте соединети; но Он го стори за онаа која Му го сврте својот грб и Го намрази. Така и вие, однесувајте се на истиот начин на којшто Он ја почитуваше ставајќи ја покрај Своите нозе онаа која Му го сврте својот грб, која Го намрази, Го отфрли и Го презре, а Он сето тоа го издржа не поради закани, ниту поради насилство, ниту поради терор, ниту поради ништо од тој тип, туку единствено поради својата непрестана љубов. Така однесувајте се и вие кон вашата сопруга. Дури и ако гледате дека ве омаловажува, презира и исмева, сепак, поради големата грижа за неа, а преку љубов и нежност ќе бидете способни да ја умилостивите. Оти нема никакво поголемо влијание отколку заедницата, особено заедницата на сопруг и сопруга. Човек можеби може да привлече кон себе некаков слуга благодарејќи на стравот кој го чувствува слугата, но во суштина не може да го привлече ниту него, оти и тој наскоро ќе се обиде да избега и да си замине. Но, животниот сопатник, мајката на твоите деца, изворот на радоста, не смее никогаш да се врзе преку страв и закани, туку само со љубов и добро однесување. Оти каква е таа заедница доколку сопругата се плаши од својот сопруг? И какво задоволство ќе има самиот сопруг доколку со својата сопруга живее небаре со роб, а не со жена која одбира да живее со него со својата слободна волја? Дури и доколку претрпуваш секакви нешта од неа, сепак не ја омаловажувај оти ниту Христос не го стори тоа.

Aпостол Павле вели: „ И се предаде Себеси за неа за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото“ (Ефес. 5, 26)

Значи Црквата не беше чиста! Имаше мани и беше грда, безвредна! Каква сопруга и да си земете никогаш нема да земете сопруга каква што беше Црквата, кога ја зеде Христос; никогаш не ќе земете сопруга која е толку отуѓена од вас како што беше Црквата од Христа. Но сепак, и покрај сето тоа Он не ја намрази, ниту ја презре поради нејзините огромни пороци. Сакате ли да ви бидат опишани нејзините маани? Свети Павле ја опишува вака: „некогаш бевте темнина“ (Ефес 5, 8) дали ја видовте црнината на нејзината боја? Што е поцрно од темнината? Но видете ја нејзината дрскост – „живеевме“, вели свети Павле, „во злоба и завист“ (Тит 3, 3). Видете ја повторно нејзината нечистота, оти апостолот вели: „неразумни, непокорни“. Но што велам? Таа беше и неразумна и злобна; но сепак, и покрај сѐ, макар што нејзините лузни беа толкубројни, Он сепак се даде Себеси за неа во нејзината унакажана состојба, небаре таа беше во цветот на младоста, небаре беше мила, небаре беше прекрасна убавица. Во восхит поради тоа Павле рече: „За праведник одвај ли некој да умре“ (Рим 5, 8), и уште „Христос умре за нас, уште кога бевме грешни“ (Рим. 5, 8). Без оглед на таквата состојба, Он ја зеде (Црквата), ја покажа во убавина и ја изми, па дури не одби ниту да го даде Својот живот за неа.

[продолжува]

Свети Јован Златоуст
Беседа 20 на Посланието до Ефесјаните

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz