Литургијата не треба да се «отслужи», таа треба да се живее (1)

Прв дел од интервјуто со отец Андреј Дудченко

Отец Андреј, во вашата книга, од што беше наложен таквиот избор на теми, кои за Вас претставуваат најголем интерес – осмислувањето на црковниот живот, честотата на исповедта и причестувањето? Во што го гледате тука проблемот?

Божествената Литургија била и останува не само главно богослужение на Православната црква, туку самата срцевина, на која сѐ се држи. Самата Црква како Тело Христово станува таква преку причасноста на Христос. Одземи ја Евхаристијата и сѐ ќе се растури. Ќе добиеме заедница што исповеда одредено учење, па нека е и многу добра, која живее според високи морални принципи, но ако таа не е причасна на Христа, не е соединета со Него во едно цело преку единството на Телото и Крвта – тогаш тоа ќе биде што било, само не Црква.

Божествената Литургија, на која се извршува Евхаристијата, и денес го зазема централното место во црковното богослужение. Таа е центарот со кој се поврзани сите други свети тајни, што се извршуваат или на самата Литургија (или се извршувале во древноста), или се устремени кон неа.

Централното место на Литургијата во црковниот живот сега, за среќа, се осознава веќе многу подобро, отколку децении претходно. Во многу храмови веќе е тешко да си претставите Литургија без причесници. Сепак и сега има многу луѓе што го посетуваат храмот и редовно се причестуваат, но едвај ја разбираат смислата на она што се твори на Литургијата, освен дека на крајот доаѓа причестувањето. Токму во разоткривањето на смислата на Литургијата – наједноставната смисла, така да кажеме, којашто лежи на површината – и ја гледам главната задача на мојата книга.

Наједноставна смисла ја нарекувам онаа што може да се сфати од самите молитви и песнопенија на Литургијата, од дејствијата што ги прават свештенослужителите. Притоа треба да се обрати внимание и на историјата: кога во чинот на Литургијата се појавила некоја молитва или дејствие, и зошто? Каква смисла ставале во тоа христијаните тогаш?
Јас ги избегнувам „илустративно-символичките“ толкувања на Литургијата, кои не произлегуваат од нејзините молитви, туку се наметнати однадвор. На пример, входот со Евангелието на почетокот на Литургијата по пеењето на антифоните е процесија, во која сега е соединето она, што порано претставувало два акта: непосредното влегување на верните во храмот и принесувањето на книгата на Евангелието од ризницата во храмот. Притоа, во толкувањата на Литургијата често може да се сретне објаснување на тој „мал вход“ како излегување на Исуса Христа на проповед.

Отец Андреј Дудченко

Веднаш се појавува разногласие: актот што до денес во литургиските книги се нарекува „вход“, се објаснува како „исход“, очигледно, затоа што во времето на појавата на тоа толкување тој навистина бил излегување, како и сега. Зашто сега процесијата најпрво излегува од олтарот, за повторно да влезе во него. Сепак, тој подоцнежен обичај не е одразен во молитвата на входот, која и денес, како и порано, зборува за влегување: „удостој нѐ нашиот вход да биде и вход на светите Твои ангели, кои сослужуваат со нас и заедно ја славословуваат Твојата благост…“

Во молитвата на входот, како и во сите други молитви на Литургијата, не станува збор за некаков илустративен „символизам“: тој акт го означува она што се случува сега со нас и за нас. Литургијата не е „свештена драма“, туку наше учество во вечерата Господова.

За жал, денес многу малку се издаваат книги за лаици со паралелен превод или едноставно само со текстот на Божествената Литургија, која ги вклучува свештеничките молитви. Помнам, првите изданија на популарната брошура „Сеноќно бдение. Литургија“ ги вклучуваше и молитвите на свештеникот, а освен тоа во фусноти се објаснуваа најтешките за разбирање словенски зборови и изрази. Денес издавачите од некоја причина ги издаваат таквите брошури, без да ги печатат свештеничките молитви. Но, како тогаш ќе се разбере Литургијата?! Оти основната смисла на она што се случува е изразена токму во тие молитви, кои денес се нарекуваат „тајни“.

Еве уште еден проблем – неслушањето на литургиските молитви од страна на верните. Таканаречените. „тајни“ молитви почнале да се сфаќаат како еден вид на „сокриени“, додека словенскиот збор „тайный“ означува „таинствен, мистичен, духовен“ (види во речникот на Олга Седакова), а воопшто не сокриен или недостапен! Молитвите на Литургијата се „тајни“, затоа што преку нив се совршува таинство, а не затоа што не смеат да се произнесуваат силно на глас!

За среќа, денес сѐ повеќе свештеници го разбираат тоа, иако и не сите што разбираат нешто преземаат. Сепак, првиот чекор многу едноставено може да се направи: може само да се постават микрофони во олтарот и да се читаат молитвите гласно за време на тивко и нежно пеење, како што постапува, на пример, патријархот Кирил или архиепископот Александар (Драбинко) – настојателот на храмот, во кој служам. За да покажам дека читањето на литургиските молитви гласно е нормално и пожелно, како додаток во книгата е објавено и Окружното послание на Црквата од Елада, каде се зборува за тоа.

Според Вашето поимање, осмислениот црковен живот е нешто достижно за обичниот парохиски храм? И како тој да се достигне? А каков е тој во вашиот парохиски храм? Постојат ли успешни парохиски практики денес?

Целосно е достижен. Во голем храм, секако, секогаш ќе има одреден, дури значителен процент на оние што не се интересираат за вакви прашања, ќе има и процент на т.н. „посетители“, т.е. такви што поминуваат низ храмот и не се задржуваат во него, ќе има и доволно такви кои во храмот бараат само задоволување на своите лични потреби, но исто така, при заинтересираноста на свештеникот, ќе има и многу такви, на кои ќе им биде интересно што се случува на службата, и како може осмислено да се учествува во тоа. Многу нешта тука зависат од пастирот – од неговата служба и проповед.

Во Киев, па и во нашиот храм, има многу луѓе што се причестуваат на секоја или речиси на секоја Литургија во која учествуваат. За тоа, дека тоа не само што е возможно, туку и пожелно, ние говориме не само на проповедите, но и во беседите на исповед. Освен тоа, со Литургијата не се исцрпува Христијанството. Осмислениот христијански живот ги вклучува сите гранки на човековиот живот воопшто. Но, регуларното учество во Литургијата, коешто го вклучува причестувањето, дава сили и „уредба“ да се биде секогаш христијанин.

(продолжува)

Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

1 Comment on "Литургијата не треба да се «отслужи», таа треба да се живее (1)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Литургијата не треба да се «отслужи», таа треба да се живее (2) 18/09/2013      Живот, Предизвици, Црква     Оставете коментар Втор и последен дел од интервјуто со отец Андреј Дудченко […]

wpDiscuz