Литургијата – центар на христијанскиот живот

putir

Кога пристапуваме на светото крштение, како возрасни или како деца, свештеникот не’ прашува: „Веруваш ли ти во Бога? Се соедини ли со Христа?“ А ние одговараме дека сме се соединиле со Христа и дека веруваме во Него, како во Цар и Бог. Така ние свечено се согласуваме да Му служиме на Бога.

Веднаш после тоа, се чита Символот на верата, се набројува она во што ние веруваме. Таму има и вакви зборови: „Верувам во едната Света, Соборна и Апостолска Црква“. Неопходно е ова особено да се разбере: со верата во Бога, ние исповедаме и вера во Црквата. Во ниту еден друг религиозен систем, освен во Христијанството, не постои вакво разбирање – вера во Црквата. По катихизисот на свети Филарет Дроздов, Црквата претставува општество од луѓе, обединети со една вера или едни обреди. Меѓутоа, истото ова може да се каже и за кое било религиозно општество, на пример за муслиманите или јудеите. Таквото општество може да извршува обреди врз основа на постулатите на верата, но невозможно е да се верува во самото тоа општество. Ниту едно од тие општество не е она, што е Црквата за христијаните.

Па тогаш, што значи да се верува во Црквата? Ние не исповедаме обврска да ги посетуваме храмовите по неделите и за празниците, не Му даваме ветување на Бога дека ќе ги држиме постите, дека ќе се исповедаме и дека ќе се причестуваме. Црквата за Христијаните не е само место, каде што тие општат со Бога, затоа што со Него може да се општи и дома, и во метро, и во шума – во секое време и на секое место. Да се верува во Црквата значи да се исповеда дека таа е Тело Христово, дел од кој и ние сме дел.

Апостол Павле вака пишува: „И како што е телото едно, а има многу органи, и сите органи од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело“ (1 Коринтјаните 12,12-13) и додава: „Вие сте телото Христово, а поодделно – членови“ (1 Коринтјаните 12,27).

Отсечениот дел од телото не може да живее самостојно. Кога се зборува за жив организам, предвид се има едно и неделиво дело, во кое се соединуваат човечкото и Божественото. Црквата е таинствено собрание на луѓе, кадешто се случува соединувањето на Бога со човекот, каде се раѓа единствен богочовечки организам.

Ние одиме во Црква за да станеме дел од неа, да станеме дел од нејзиното битие, дел од нејзината природа. Црквата нè прави соприродни на Христос, затоа што ние сме нејзиното тело, а Он е нејзината Глава. Затоа, како што новопрославениот, српски светител, големиот богослов Јустин Поповиќ, вели: „Црквата е Богочовекот Исус Христос. Тоа сме ние со Христос.“

Во овој случај јасно е дека самото присуство на човекот во Црквата, само исполнувањето на некакви надворешни правила, само знаењето на одредени догми не е доволно. Станува збор за животниот пат, кој христијаните го нарекуваат вера. Христос учи вака: „Јас сум Патот и Вистината и Животот“ (Јован 14,6). Ова може да се каже и за Црквата: Црквата е патот, Црквата е вистината, Црквата е животот на човекот кон верата, и во таа смисла кон христијанството.

На крајот, ние не го исповедаме само постоењето на Бога; ние не веруваме само во тоа дека Господ е Личност Која го создала светот, не само во тоа дека постојат одредени односи меѓу Него и човекот, и не само во тоа дека постојат одредени правила, кои треба да се исполнуваат, очекувајќи посмртен надомест. Сето ова е својствено за секое религиозно уверување, вклучително и најпримитивното, и не е вистинската смисла на христијанската вера. Нашата надеж се состои во тоа дека човекот е спасен во вечниот живот, соединувајќи се со Бога. Вечниот живот всушност е пребивање во Бога, соединување со Него, обожение на човекот, кога самиот тој станува бог. Во тоа се состои вистинскиот смисол на христијанската вера, доколку се поштедиме од сложени теолошки дефиниции.

Црквата нè прави соприродни на Бога. За тоа, апостол Петар пишува: „Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè, што е потребно за животот и побожноста, а преку познавањето на Оној, Кој нè повика со Својата слава и совршенство, преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа“ (2 Петар 1,3-4). Овие зборови често остануваат незабележани, но тие ја сочинуваат суштината на сите апостолски посланија: ние треба да станеме учесници на Божествената Природа. За тоа, иако на малку поинаков начин, зборувал и преподобен Серафим Саровски: „Треба да се стекнеме со Духот Свети“.

Смисолот на христијанскиот живот значи да се исполниме со Духот Свети, да постанеме едноприродни со Бога, да се соединиме со Него. Ако тоа го постигнеме, тогаш нашето постоење на земјата постанува значајно, а животот – духовен.

Во тоа се состои и значењето на Црквата, во фактот дека на поинаков начин човек не може да достигне до Бога. Затоа Христос ја основал Својата Црква на земјата, преку која човекот ќе добива благодат, богопознание и богоопштење. Сепак, треба да се напомене дека, за човекот целосното богопознание секогаш ќе биде невозможно, затоа што Бог е апсолутен, бесконечен и вечен, а човекот по својата природа е – тварен/суштествен. Нашето заедничарење со Бога не се однесува на Неговата Божествена суштина, кон која човек никогаш не може да се приопшти. Туку, станува збор за приопштување кон Божествените енергии, кон Божествената природа. Бог станал човек во Неговата полнота, а човекот станал Син Божји по благодат. Токму благодатта е онаа која го прави него богочовек.

Само во Црквата човек станува богочовек, затоа што Бог ни дал нам можност да се причестиме со Неговите Тело и Крв. Тоа ни се дава нам, големо таинство на Црквата, нашиот живот во неа, затоа што и Самиот Христос рекол: „Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие!“ (Јован 7,37)

Протојереј Алексиј Умниски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz