Лазарева сабота

Лазарева сабота

На широко запоставен од повеќето христијани, Православните го слават денот пред Цветната недела како „Лазарева сабота“, како еден вид подготовка за престојното празнување на Пасха. И навистина, се работи за една микро-Пасха во предвечерието на Великата Пасха. А ова, секако, било промислено од самиот Христос, Кој го кренал својот пријател Лазар од мртвите, како последен чин пред влегувањето во Ерусалим и почетокот на Неговото бавно искачување на Голгота во деновите на Страстната Седмица.

Една од песните на бдението на Лазарова сабота вели дека Христос „го украде [Лазара] од мртвите“. Навистина ми се допаѓа таа фраза. Следната недела ќе нема крадење, туку рушење на самите адски порти. Она што Христос го прави за Лазара ќе го направи за сите нас.

Секако, Лазар се разликува од луѓето претходно воскреснати од Христа (како на пример, од Јаировата ќерка). Лазар бил мртов цели четири дни, и неговото тело започнало да се распаѓа. „Господи, мириса веќе!“, Му рекла една од неговите сестри на Христовото барање каменот да биде кренат.

Го посетив лазаровиот гроб во септември 2008 година. Денес тој не е познат како светилиште, и е во приватна сопственост на едно муслиманско семејство. За да се влезе во него, треба да се плати. Дел од моите сопоклоници одбија да платат, и не влегоа во него. Но јас не можев да одолеам и да не влезам внатре.

Лазар е важна личност и за руската литература од 19 век. Раскољников, во „Злосторство и казна“, темелот на своето покајание за извршеното убиство го положува токму при слушањето на приказната за Лазара. Навистина, овој настан со право за многумина претставува потсетник за општото воскресение. Она што Христос го прави за Лазара ќе го направи за сите нас.

За мене, тој е исто така и знак за сеопштото вогробување: дека, дури и пред да умреме, често започнуваме да ги населуваме нашите гробови. Ги живееме нашите животи со затворени врати [и смрдиме]. Нашите срца често стануваат трулежни места, наместо пребивалишта на добриот Бог. Или, во најдобар случај, Го повикуваме да нè посети, како што некогаш го посетил Лазара. А таа посета донела солзи во очите Христови. Нашата трулежност Го тера Христа да заплаче. Како таква, таа е противречна на Божјата волја. Не бевме ние создадени за гробот.

Она што исто така го забележувам во настанот со Лазар е дека – иако воскреснат од мртвите – тој воскреснал во слабост. Превиткан во мртовечки повои, некој мора да го „отповие“. Самите ние, потопени во крштелните води и облечени во Христовата праведност, пречесто ги заменуваме овие одежди на славата со мртовечки повои. Христос нè оживе, но ние остануваме мртовци.

Стоев во лазаровиот гроб, затоа што ми делуваше многу познато. Но, има глас кој нè повикува сите нас: „Лазаре, излези надвор!“

Отец Стефан Фримен

Оставете коментар

2 Comments on "Лазарева сабота"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
wpDiscuz