Кутрата смоква

А утредента, враќајќи се во градот, огладне, и виде покрај патот смоква, отиде до неа, па како не најде на неа ништо освен лисја, рече: Отсега да нема плод на тебе довека! И смоквата веднаш се исуши.

Матеј 21, 18-19

Ако цел еден свој живот, без оглед на бројот на деновите поминати во труд и имитација на свето држание, без оглед дали се малку или многу тврдејќи дека во влогот е ставен цел еден свој живот, ќе има навистина трагична завршница ако остане бесплоден. Смоквата успеала да ги задржи своите лисја, но не и плодови по кои е позната како некој идентитет, по кои е посакувана од испружените раце подготвени да се сладат. Само со своите лисја, невкусни и неупотребливи, наликува на физичка присутност, запоседник на простор кој не го оправдува своето постоење повеќе, и дури преминува во објект на фрустрираност за оние кои ја посакуваат или на сопнување за оние на кои ќе им се распрсне фатаморганата оброк. Стои така и ги прима сите благодети неопходни за живот во неа притоа не помислувајќи, колку и да сака, за возврат на сонцето за неговата топлина, на облакот за неговата влажнина и на Бога за неговата трпеливост. Можеби и без да знаеме, таа е горда со своето битие онакво какво што е, и им пркоси на понеугледните, на пример со бојата на своите лисја. Или пак е скрушена до своите корења и ја чека милоста која се променува.

Ако цел еден свој живот, многу денови, се поминува во илузија дека маршрутата е точна и се оди со силен чекор, без обзирнување назад и двојна проверка на алармите во релацијата: разум – совест – душа, и сосема негде на поодмината возраст се сфати таа бесплодност, навистина ќе биде трагедија. И чудно, но скоро секоја трагедија има своја скриена воспитна, или ако не биде грубо, утешителна нота која притиска на центрите за одлучување за преиспитување на понатамошните насоки. Моето прекрасно богатство, неодоливо во секој миг од помислата на него, нема да биде доволно сјајно да го осветли мракот од фактот дека не се учествуваше и не се запомни периодот на растење на сопствените деца поради тоа што неговото трупање не дозволуваше, или пак мракот од таа ноќ кога си заминува твојата единствена половина која и математички и телесно требаше да биде едно цело и која не можеше да остане и покрај покривката од дијаманти. Мојата прекрасна позиција во хиерархијата на деловноста исто така немаше доволна фокусираност во областа на милоста, што доведе до безбројни грижи и дисконтинуитет во спокојните денови. Моите прекрасни начини на забава исполнети со секогаш гладни и секогаш незадоволени страсти ги исцицуваа вистинските животни сокови и оставаа од мене само труп подготвен да си го бара своето мртовечко легло, и онака неспособен да раскаже како се иницира насмевката без помош на наркотици. Мојата прекрасна бајка дека како и Мамона со сите кфалификации кои ги поседувам и способноста да ограбувам ќе помогнат да си ја присвојам идејата дека светот може да биде мој, и уште повисоко јас да бидам негов господар и бог, ја испаничија мојата душа која не можеше, а да не затрепери од возбудата за апсолутизам и еуфоријата што претстои.

Многу мистична некоја бесплодност, не можеш да ја сфатиш додека не се осамиш во место каде капката вода е драгоценост, а молитвата во солзи утешител. На подобро ќе биде сознанието дека испружената рака која дава измамува благодарност. Или љубезните зборови го разбркуваат стравот и отвораат срцето. Понизноста да се послужи ближниот ќе ја забрза еволуцијата секој да угоди секому. Помислата да се осуди ќе следи откако се проверат и двете очи да не случајно не се ослободиле од гредата. Секој поминат миг ќе се користи за трансформација во дете кое ќе нема поим зошто диктатурата во Сибир ја намалила температурата под нулата. Ќе се гради куќа на камен подложна на глад, оган и болка, но силно опстојувачка поради помазанието против бури и вулкани. И кога Пастирот ќе помине кај своите стада и дојде и не ме најде во мојата неплодност, нема да ме прекори со клетвата на смоквата. И ќе Ми рече дека во малку сум бил верен и над многу ќе ме постави. Можеби и смоквата можеше нешто да стори. Барем да не се истакнува во дрворедот, како нејзините лисја да беа нешто соблазнително.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz