Култ кон здравјето

Култ кон здравјето

Како и колку се поврзани душата и телото? Дали и колку треба да се грижиме за нашето физичко здравје? Зошто грижата за здравјето е бесмислена доколку не е усогласена со грижа за душата? Кои се опасностите од денешниот култ кон здравјето?


За жал, во последно време гледаме дека се создава еден култ кон човечкото здравје. Тука не станува збор за исцелување на болести, туку за еден бескраен процес на превентивни третмани за низа можни и неможни болести. Се создава моќна индустрија која за определена цена нуди да нè заштити од опасностите што го демнат нашето физичко здравје.

Ова преминува во вистинска манија: луѓето се подготвени, по секоја цена, па дури и по цена на жртвување на своите христијански верувања, да ја одржат својата физичка добросостојба. Но, парадоксот во сето ова е што, без оглед на тоа колку човек се обидува да го одржи телото здраво, без оглед на неговата грижа за телото, сепак, знаеме дека секој човек ќе умре, ќе се врати во земјата, во правот, од кого Бог го создал првиот човек, како што е пишано во Библијата: „го создаде Господ Бог човекот од прав земен“ (1Мојс. 2,7).

Во овој живот, ние не можеме да ги зачуваме своите тела, не можеме да ги исцелиме од сите болести; нашите тела се распадливи. И Светото Писмо ни покажува дека вистинскиот ден на спасение на нашите тела е денот кога телата ќе ни воскреснат, и ќе се облечат во нераспадливост. Тогаш, за време на нашиот земен живот, на што треба да посветиме повеќе внимание? На спасението на душата. Зашто, ако не си ги спасиме душите во овоземниот живот, нема да ги спасиме никогаш. Вистинскиот парадокс е во ова: помалку се грижиме за душата, која треба да ја спасуваме во овој живот, а повеќе се грижиме за телото, за кое знаеме дека со сигурност ќе умре и ќе се распадне.

Во животот, душата е таа што го поддржува постоењето на телото. Ако душата го напушти телото, тогаш тоа умира, се распаѓа, скапува. Во животот што доаѓа, ќе биде обратно: кога душата ќе го напушти телото, тогаш таа ја нема полнотата на постоењето – ниту полнота на страдање, ниту полнота на блаженство. Попрво, како да пребива на прагот од вечното блаженство или вечното страдање. Но, кога нашите тела ќе воскреснат во денот на спасението, тогаш душата ќе се врати во телото, и телото ќе ја објави полнотата на битието на душата. И во Библијата, во Посланието на св. ап. Павле до Солунјаните, е напишано: „се молам на Бога целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос“ (сп. 1Сол. 5,22-23). Токму така и е: дух, душа и тело, тоа е полнотата на човечкото постоење.

Но, грижата за телото не треба да се претвори во похота – ова е недозволиво. И напорот да се одржи здравјето по секоја цена, што доведува до тоа човек да оди и по шарлатани, по разно-разни „исцелители“, па после и по јогини и спиритуалисти, сè со цел да биде здрав, не е правилен однос кон телесното здравје.

Треба ли да се грижиме за нашите тела? Треба. Ни требаат ли лекари? Секако. Напишано е: „Не презирај ги делата на лекарите“. Но, ова не треба да се претвори во култ кон телото, зашто кога човек паѓа во овој вид на физиолошки хедонизам, секогаш завршува на лош начин. Се знае: „Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот.“ (Гал. 6,8).

Затоа, да се потрудиме да оствариме еден здрав баланс, за духот, душата и телото да ги сочуваме чисти за Доаѓањето на Господ Исус Христос.

Протојереј Олег Стењајев

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz