Куќа на камен

И така, секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена на камен. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на човек глупав, кој си направил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето и беше страшно.

Матеј 7, 24-27

Верувам во Бога, впрочем скоро секој човек во мојата улица го прави истото. Го правиме крсниот знак кога ќе слушнеме за земјотрес, го бакнуваме од радост крстот со дијаманти обесен на синџир преку градите ако добиеме на спортска прогноза, се допираме во чадот од темјан ставен во вжештено тело кога урокливи очи нè погледнале, го споменуваме повеќе пати името на Исус и Марија ако покрај волкот, побегне и лавот од зоолошката градина. Со други зборови веруваме во Бога и Неговата моќ да ни ја исполни желбата внесена во запалената свеќа, во бакнежот врз стаклото од иконите, во поклонението длабоко на подот, во лебот и виното после долгиот пост, во објектите блескави од мермер и злато, пред свештениците кои брзаат без да ги слушнат сите зборови на молителот… Со други зборови веруваме во Бога, јас и скоро сите од мојата улица, и ги слушнавме Неговите зборови. Тие се јасни и толку прецизни што помисливме дека е тешко да се исполнуваат. Заклучокот беше трагичен, но човечки е да се греши, а потоа смири совеста со нееквивалентна донација на скитник или институција за незгрижени. Така и ја градевме куќата, секоја тула беше една мисла или дело полни со престап и недокаени, неисплачени. Лукавиот доста ни помогна за темелите, ни ги зацврсти во песокот и сето прилегаше на од бајка неосвоива тврдина на нашиот спокој. Бевме среќни во неа и ако прозорците крцкаа при најблаг ветер, и ако подот се виткаше под нашите чекори, загубени во просторот. Верувавме во Бога и во таква трошна куќа се надевавме на Неговата милост како да сме подготвени да бидеме поинакви од вчера. Деновите си поминуваат, а секоја изгубена битка нè приближува кон адот и неговата усвитеност и вечна безнадеж. Веќе и дождовите не се како порано, новата карактеристика на старозаветниот потопен волумен ги прави силни и мрачно се закануваат врз нашата куќа. Сè што ќе удира во неа ги влече и нашите искушенија кои се мултиплицираат со секое одбивање да се послуша Словото. Тој бран на природните стихии и нашите немири ја преплавува куќата, се цеди во сите агли во кои ние гледавме потпора и цврсто тло, ги нагризува, подгрбавува и урива. Така куќата падна, а паѓањето и беше страшно.

sv-nikola-kalijakra

Верувам во Бога и ги слушам Неговите зборови. Знам дека јаремот и бремето Негови се лесни и дека Тој е кроток и смирен по срце. Ако бидам таков ќе го наследам Неговиот спокој кој е основен предуслов од обичен слушател да ме претвори во послушник. И тогаш веќе изградбата може да почне. Секоја тула ќе биде една мисла, прочистена и по благодат простена. Лукавиот ќе стои надвор од зоната, после знакот за забранет пристап и ако се потсмева ќе биде зачуден дека иронијата му завршила во бездната. Прозорците ќе бидат сиромашни, но облеани со светлина од изгрејсонцето која мами поглед на хоризонтот во чија близина има река и дрва со сенка за починок. Подот ќе биде цврст и означен, ќе се знае секој чекор и нема да се отстапува ниту цртичка. Знам дека и дождовите не се како порано и старозаветната потопна сила се заканува, но заборавив да кажам дека темелот е на камен, структура искалена да одолее на времето, немилосрдноста и лошата реч. Сè што ќе удира во неа ќе го има ликот на нашите искушенија преправен во немоќна старица со црвено јаболко на нашите слабости во раката или пак во змеј со стотици глави од кои секоја довикува со похот. Бучавата и анархијата во главата се блиску до границата на трпеливост, но ќе мора да се донесе одлука и испади сето тоа. Навалата врз таа куќа ќе заврши, но таа нема да падне, оти ќе биде изградена на камен.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz