Крст

Крст

Го прославуваме пронаоѓањето и подигнувањето на Чесниот Крст. Го славиме и се сеќаваме на страшното значење на крстот.

Не е лесно да се носи крст. Не е лесно да се биде христијанин.

Христијанството не е идеологија. Ниту е мирно пристаниште во кое се затскриваме пред неправдите и болестите на овој свет.

Секако, тоа не е ниту само фолклорен украс на животот, збирка на правила и начини на однесување.

Христијанството е всушност носење на крстот со Христа.

Секако, тоа не завршува со носење на крстче околу вратот.

Не завршува ни со посното одрекување што Црквата ни го пропишува и на Крстовден.

Христијанството не е само љубов кон убавината на богослужението и кон мирот на нашите преубави храмови.

Да се носи крстот со Христа значи со љубов да се префати човештвото, да се поднесува болката што доаѓа од болниот свет и среде светскиот метеж да се сведочи Спасителот. Со надеж дека Него ќе Го прегрнат сите луѓе, а притоа и со болна свест дека сепак, не сите ќе го прегрнат.

Христијанството не е тесноградо. Не е исплашено. Со Христа нема место за страв. Христијанството е радосна вера во воскресението. Во победата на смртта и во неограничената Божја љубов во која сите ние може да учествуваме.

Но, за да го дочекаме воскресението, мора прво да го земеме ствојот крст. Како што талентите не ни се исти, ни крстот не ни е ист. Некој може да носи поголем, некој помал. Ни, никому не му е лесно да го носи, без оглед на тоа колкав е неговиот крст.

Оттука, разбирливо е да се измориме додека го носиме крстот. Да посакаме барем на кратко да носиме некоја полесна копија од крстот што ни е даден.

Се затскриваме зад надворешните правила и се откажуваме од љубовта и обидот да го разбереме сето она што ни е дадено да го исправиме со љубовта. Господ честопати ни ги спомнува фарисеите како опомена за која не сме доволно свесни.

„Држи го умот во адот и не очајувај“, ни вели еден отец. Тоа ни се чини тешко и се обидуваме да створиме наша слика за светот од која е отфрлено сето она што не ни годи – и пак правиме пауза од носењето на крстот.

Но, Господ е секогаш тука и нѐ бодри да продолжиме понатаму. Трпеливо, со љубов. Не отфрлајќи никого. Обидувајќи се да ги љубиме сите. Па дури и своите непријатели.

ѓакон Ненад Илиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz